Елена Пиштолова, шминкерка во Абу Даби: „Арапките плаќаат за шминка и за обичен пречек на гости во својот дом“
- Детали
- сабота, 31 јануари 2026
„Во арапскиот свет жената често го има главниот збор во домот, а мажот е одговорен за финансиската сигурност на семејството. Жените можат да работат и да имаат свои приходи, но тие средства се исклучиво нивни и не се должни да ги користат за семејството“, вели Елена Пиштолова, од Штип, која работи како главен шминкер во CHANEL во Абу Даби.

Елена Пиштолова (33) од Штип е професионален шминкер, кој живее и работи во Абу Даби и Дубаи веќе 7 години.
Таа вели дека Абу Даби, за разлика од Дубаи, не е туристички град – има помал број жители, повеќе локално население и луѓето таму многу полесно се поврзуваат.
Вели дека Арапките важат за едни од најелегантните и најнегуваните жени во светот, а најмногу инвестираат во накит од дијаманти и благородни материјали, луксузни чанти и чевли, нега на кожа и коса, како и во уникатни и ексклузивни парфеми.
Елена за CRNOBELO.com споделува искуства од животот таму:
Како прво Дубаи, а потоа Абу Даби ти станаа дом и зошто токму таму? Колку често ја посетуваш Македонија?
Желбата да дојдам и да живеам во Дубаи ја имав уште во 2015 година, кога за првпат аплицирав за работа како шминкер. Тогаш не добив одговор на ниту една апликација, што ми беше чудно, но денес сум многу благодарна што тоа не се случи – едноставно не беше вистинското време за мене.
Година подоцна започнав да работам во салонот Dior, заедно со нашиот познат фризер и шминкер Зоки Давитков, со кого и денес сме блиски пријатели.

Во 2018 година за првпат дојдов во Дубаи како турист и тогаш, сосема спонтано, им реков на пријателите дека следната година ќе живеам таму – и навистина така се случи. Во 2019 година се преселив во ОАЕ, во Дубаи, заедно со сопругот, со кого штотуку се имавме запознаено.
Во Абу Даби се преселивме во 2020 година, кога добив интервју за работа во MAC Cosmetics. Тоа беше една од најдобрите одлуки во мојот живот, донесена токму во периодот на Ковид, кога владееше неизвесност и многу луѓе останаа без работа.

Абу Даби е мој дом веќе шеста година. За разлика од Дубаи, тој не е туристички град – има помал број жители, повеќе локално население и луѓето тука многу полесно се поврзуваат.
Во Македонија доаѓам еднаш до двапати годишно.

Од кога се занимаваш со шминкање? Како се снајде во овој бизнис во Абу Даби? Беа ли тешки почетоците?
Со шминкање се занимавам од 2010 година. Од секогаш знаев дека ќе работам креативна професија и дека уметноста е мојата најголема љубов.
Во Абу Даби, индустријата за убавина е една од најразвиените. Моите професионални почетоци таму беа во MAC Cosmetics, каде што запознав многу клиентки кои и денес ми се лојални и редовно ме бараат.

Почетоците не беа лесни, бидејќи беа во време на Ковид – редовно тестирање, носење маски и рестрикции кои не беа идеални за овој тип работа.
Сепак, и во тој период имав клиентки кои редовно се шминкаа, без разлика на околностите.
Во однос на пристапот кон клиентките и навиките околу шминката, немав големи предизвици – од самиот почеток знаев како сакам да ја работам оваа професија и многу брзо се прилагодив на нивниот начин на функционирање.

Дали Арапките се убави жени? Колку време посветуваат на негата и дали често користат професионална шминка?
Арапките важат за едни од најелегантните и најнегуваните жени во светот. За нив, убавината не е само надворешен изглед, туку начин на живот и форма на почит кон самите себе.

Тие вложуваат многу време и средства во негата на кожата, косата и телото, а шминката ја доживуваат како уметност и израз на самодоверба. Не е резервирана само за свечени настани – напротив, Арапките се шминкаат и за секојдневни моменти, па дури и за обичен пречек на гости во својот дом.
Професионалната шминка, квалитетните производи и вниманието кон деталите се дел од нивната рутина.
