Д-р Звезда Спасовска за сезонскиот грип: „Почнува нагло со температура и до 40°C, антибиотици не треба да се даваат веднаш“
Како можат родителите да ги заштитат децата од сезонскиот грип?
На прво место во заштитата од сите болести, меѓу кои и од сезонскиот грип, е одржувањето и подобрувањето на имунитетот, што вклучува здрава исхрана, внес на доволно течности, редовен одмор, прошетки во чисти средини и редовна физичка активност во домот и надвор од него, како и грижа за личната хигиена, особено на горнореспираторниот тракт со редовно миење на рацете и лицето, како и плакнење на устата и носот.
Неопходно е и редовно одржување на хигиената на просторот каде што престојуваат децата со темелно чистење на истиот, особено на површините со кои децата доаѓаат во контакт и, секако, негово често проветрување.
Од особена важност во овој период од годината е да се избегнуваат места каде се присутни неконтролирани групи на возрасни и деца како молови, игротеки, кино сали и други затворени простори, бидејќи постои голем ризик од присуство на болни и лесно ширење на грипот поради неговата контагиозност.
Вакцинацијата против сезонски грип е секако битна и неопходна во превенцијата од сезонски грип, особено кај децата помали од пет години и децата со хронични болести.

Како родителите можат да го олеснат опорувањето на детето дома?
Најбитно кај дете заболено од грип е да биде добро хидрирано, односно да внесува доволно количество на течности. Треба да се внесува вода, чаеви со мед (освен кај деца кои се алергични на мед) и лимон, супи, компоти и електролитни раствори кај децата кои имаат многу висока температура, повраќање и дијареа.
Храната треба да биде полесна, во помали количини и да се нуди на почести интервали. Најдобро е во исхраната да биде застапено повеќе овошје, супи и лесни чорби.
Од особена важност во закрепнувањето е детето да мирува и да се одмара, да му се обезбеди доволен и добар сон.
Просторијата каде што претстојува треба да биде повлажна и не многу загреана со што ќе му се олесни дишењето, ќе се олесни кашлицата и ќе се намали губитокот на течност преку дишењето и кожата.
Температурата полесно се контролира ако детето е добро хидрирано. За измерена температура до 38,5℃ не треба да се даваат антипиретици, освен ако детето се жали на силна болка во главата, зглобовите или ушите.
При оваа температура детето треба да се расоблече, да се излади со туширање со млака вода или со пребришување со раствор на 70% медицински алкохол и вода или со поставување ладни облоги на телото и, секако, да се нудат течности.
Доколку се одржува или се намалува температурата под 38,5℃ и детето е стабилно, пие доволно течности, се движи и игра, треба да се остави организмот сам да се избори и да ја контролира температурата, бидејќи ефикасноста на имуниот систем во борбата против вирусот е најголема токму на таа темпрература.
При измерени повисоки температури се даваат антипиретици од тип на парацетамол или ибупрофен со запазување на соодветните временски интервали на коишто е дозволено истите да се даваат, секако со задолжително давање на повеќе течности и ладење на детето.

Kолку е важно децата да останат дома кога се болни и какви се ризиците ако одат во училиште или градинка?
За да се спречи ширењето на сезонскиот грип меѓу децата во градинките и училиштата, неопходно е заболените деца да останат дома и да не посетуваат колективи.
Сите кои имаат било каков прв знак на вирусен инфект треба веднаш да се повлечат од колективот, бидејќи контагиозноста е најголема токму во првите денови од заболувањето.
Детето, пак, кое е заболено, многу побрзо ќе закрепне во домашни услови, каде ќе внесува доволно течности, здрава храна, ќе се одмара, со што се намалува ризикот од влошување на неговата состојбата и се исклучува можноста да биде изложено на евентуални други инфективни причинители присутни во колективот.

Кои деца се повеќе подложни на компликации?
Бебињата и помалите деца под двегодишна возраст, децата со срцеви, невролошки и белодробни заболувања, како и тие со намален имунитет поради имунолошки или хронични болести, се со поголем ризик за подолготраен и подолг тек на болеста пропратен со компликации, кои често се причина за хоспитализации и потреба од посериозен медицински третман.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
