Д-р Звезда Спасовска за сезонскиот грип: „Почнува нагло со температура и до 40°C, антибиотици не треба да се даваат веднаш“
- Детали
- вторник, 27 јануари 2026
„Сезонскиот грип може да трае 7-10 дена, а родителите треба да очекуваат дека температурата може да трае неколку дена, да биде континуирано висока и дека детето ќе биде многу малакасно и уморно што го врзува за кревет“, вели педијатар д-р Звезда Спасовска за CRNOBELO.com и ги открива разликите меѓу настинка и сезонски грип.

Д-р Звезда Спасовска важи за еден од најдобрите педијатри кај нас, со долгогодишно искуство во лекувањето на новороденчиња и деца. Таа завршила медицински факултет во Скопје во 2004 година, а во 2013 година и специјализацијата за педијатар.
Во нејзината ординација „Старс медика“, која се наоѓа во поликлиниката „Идадија“ повеќе од една деценија доаѓаат родители кои бараат разни совети за своите деца - од зајакнување на имунитетот, преку проблеми со температурата, до заштита на децата од сонце и сипаници...

Во сезоната на грипови и настинки, кога скоро и да нема дете што не е (под)разболено, д-р Спасовска во интервју за CRNOBELO.com, ги откри разликите меѓу сезонски грип и настинка, кога родителите треба да побараат лекарска помош и даде неколку совети за заштита на децата.
Прочитајте го интервјуто со специјалист-педијатар Звезда Спасовска:
Како се разликува сезонскиот грип од обичната настинка кај децата?
Сезонскиот грип и обичната вирусна настинка се најчеста причина за посета на педијатриските амбуланти во овој период од годината.
И двете состојби се предизвикани од вирусни причинители, но сепак се разликуваат во текот и тежината на клиничката слика.
Сезонскиот грип е со нагол почеток, висока температура и до 39-40°C, силна главоболка во предел на челото, болка во грло со отежнато голтање, болка во мускули и зглобови, изразена малаксаност, силна надразнителна и честа кашлица, болка во стомак, намален апетит, повраќање и дијареа.
Кај настинката пак почетокот е постепен, најчесто со започнување на горнореспираторни симптоми како течење на нос, кивање, затнатост, поткашлување со секрет кој се слева од носот, кај помалите деца подоцна со појава на покачена температура, лесна малаксаност, намален апетит, кашлица во тек на спиење, а поретко и воспаление на очите пропратено со црвенило и исцедок.

Кога родителите треба да побараат медицинска помош?
Клиничката слика на сезонскиот грип може да трае 7-10 дена, пропратена со висока фебрилност над 39°C која не се симнува лесно со антипиретици.
Токму тоа е најчестата причина за паника и посета на доктор.
Родителите кои се грижат за дете заболено од сезонски грип треба да бидат спремни и да очекуваат дека температурата може да трае неколку дена, да биде континуирано висока и дека детето ќе биде многу малакасно и уморно што го врзува за кревет, што секако е невообичаена глетка за децата особено за тие на помала возраст.
Родителите треба да побараат медицинска помош кога ќе се соочат со: висока температура која не се намалува воопшто после даден лек за температура, силна кашлица која го изморува детето особено ако е пропратена со болка во градите, отежнато и брзо дишење пропратено со звук на свиреж од градите при издишување, знаци на дехидрирање, кај бебињата плачење без солзи, намалено мокрење или воопшто без мокрење во тек на цел ден, суви усни, обложен јазик, пропаднати халонирани очи, чудно однесување, конфузност, неможност за стоење и движење, рецидивно повраќање и дијареа со неможност за рехидрација и внес на течност и храна преку уста, траење на симптомите повеќе од 7 дена или влошување на истите.

Во кој случај има потреба од антибиотска терапија?
Бидејќи причинителот на сезонскиот грип е вирус во терапијата не треба да се користат антибиотици.
Истите се вклучуваат само доколку има развој на компликација како воспаление на белите дробови односно бронхитис или пневмонија, воспаление на ушите и на синусите, пропратени со покачени маркери на инфекција: покачени леукоцити, седиметација и Ц-реактивен протеин.

