Елена е модна дама од Битола: „Позајмувам парчиња од гардероберот на мајка ми, накит и капути од ’Југославија‘ ерата“
Од масивни ланчиња и елегантни брошеви до уникатни шапки - комбинирам различни материјали - бисери, филц, стакло, кожа, метал и сето тоа во насока на постигнување баланс помеѓу суптилноста и креативната слобода.

Како во дневните варијанти, така и во моите изработки дефилираат топли земјени тонови, крем нијанси и длабоки кафени моменти, давајќи му приказна и карактер на секое парче.

Често се случува стар накит од мајка ми и баба ми да добие нова димензија во моите раце. Накитот не го менувам за да биде ’модерен‘, туку за да продолжи да живее.
Тие трансформации за мене се интимен чин на грижа и зачувување на семејната нишка.

Иако доминираат неутралните крем тонови во сè што поседувам и создавам, понекогаш знам умерено да зачинам со црвена боја, боја што симболизира енергија, сила и страст и ја балансира таа смирена елеганција со јасен женствен став.

Токму тој контраст меѓу топлата неутралност и смелата црвена го дефинира мојот моден израз како софистициран и ненаметлив.

Сè што носам и креирам е рефлексија на мојата внатрешна состојба, а најважен дел од мојот идентитет е мојата ќерка Ана, мојата инспирација и потсетник на вистинските вредности, на кои се трудам да ја воспитам.

Никогаш не сум имала потреба да ѝ го наметнувам модниот вкус, иако како помала знаев да ја ’вклучам‘ во некој ’matchy‘ аутфит, таа денес самостојно гради свој стил и став. Тоа е за мене најубавиот доказ дека модата кога е искрена, создава слобода – не копии.

Важна ми е поддршката од моето семејство и пријателите, кои се темелот врз кој градам автентичност, како во стилот, така и во животот.

Со нив научив дека важно е да се обидам, да згрешам, да се исправам, да се изразам без притисок и дека вистинската убавина не е во совршенството, туку во искреноста и доследноста на себе“.

