Елена е модна дама од Битола: „Позајмувам парчиња од гардероберот на мајка ми, накит и капути од ’Југославија‘ ерата“
- Детали
- недела, 15 февруари 2026
„Јас не го чувам минатото во кутија или ормар – туку гордо го носам на себе со почит кон она што не е купено за една сезона, туку е создадено да трае. Често се случува стар накит од мајка ми и баба ми да добие нова димензија во моите раце“, вели Елена Димовска од Битола.

Елена Димовска (40) од Битола, по професија е комерцијален референт, но по суштина нескротлив креативец, горда мајка на Ана (8), автентична и свесна за своите моќи, Елена креира мода што не е гласна, но е незаборавна.
Нејзиното креативно изразување (@lovemadebyelena) балансира помеѓу урбаната софистицираност и тивкиот луксуз, и е своевидна визуелна рефлексија на контрасти и хармонија.

Таа всушност работи како комерцијалист во модната индустрија, професија што ѝ помогнала да го разбере „бизнисот“ зад модата, продолжувајќи да ја живее на свој инспиративен начин.
За себе вели: „Со текот на годините сфатив дека мојата љубов кон модата, креирањето накит, фотографирањето и ’ловењето‘ естетика, не е одвоено од професијата, туку нејзино продолжение. За мене комерцијалното и визуелното се надополнуваат - едното дава структура, другото - изразување на идентитетот“.

И додава: „Кога жената е во склад со себе, стилот станува природен одраз на нејзината енергија“.
Таа за себе вели дека е жена што не ја следи модата, туку ја обликува според сопствената енергија.
Прецизно скроени палта, струкирани силуети, меки плетени текстури, крзнени детали, шешири, ракавици, oversized очила – сите заедно вклопени во ретро гламур и креативна слобода, со силен личен печат.

За нејзиниот моден стил таа споделува за CRNOBELO.com:
„Често ’позајмувам‘ парчиња од гардероберот на мајка ми, а посебно драги ми се волнените сакоа и капути од ’Југославија‘ ерата.

Фанатик сум на head accessories – шешири, капи, беретки и шубари – мојата колекција брои повеќе од 40 различни парчиња.
Претпочитам силни кроеви, изразени нараменици, автентични и природни материјали, посебно заради фактот што секој материјал носи своја фреквенција, па облеката за мене не е само визуелен, туку и енергетски избор.

Кон модата пристапувам интуитивно, барајќи душа, а не форма.
Мојот стил е дијалог меѓу генерации, јас минатото не го чувам во кутија или ормар – туку гордо го носам на себе и тоа не од носталгија, туку од почит кон она што не е купено за една сезона, туку е создадено да трае.

За мене вистинскиот луксуз не е она што е скапо – туку она во што има приказна и тежина.

Создавањето впечатлив (стејтмент) накит и аксесоари за мене претставува уште еден начин на пресликување на душата во нешто опипливо и реално.

