Викторија е наша стомачна танчарка, што живее во Швајцарија: „Играв ориентален танц и во 8-миот месец од бременоста“
Постојат ли натпревари во стомачен танц кај нас и на светско ниво? Имаш ли учествувано и кои се твоите најголеми успеси?
На светско ниво постојат натпревари за сите возрасни категории, додека кај нас сè уште не се организираат.
Досега сум учествувала на повеќе интернационални фестивали во Европа, освојувајќи награди во Швајцарија, Португалија, Грција, Србија, Полска, Бугарија и Романија.
Еден од најсилните моменти за мене беше натпреварот во Монтро, Швајцарија, кога за првпат моето семејство беше присутно за време на натпреварот и ме поддржуваше на сцената, а голем впечаток ми оставија и медалите освоени во Полска и Португалија.

Особено сум горда на фестивалот Raks Glam во Краков, каде што во полупрофесионална категорија освоив 1., 3. и 5. место во три различни стилови – ориентален класичен танц, фолклор и drum solo.
Многу сум благодарна што ми се оствари желбата да заиграм на голема сцена бремена.

Минатата година добив покана да бидам гостинка на гала вечер на еден престижен фестивал во Швајцарија, каде што настапив во осмиот месец од бременоста. Тоа беше едно незаборавно и прекрасно искуство кое ќе го паметам цел живот.

Дали е безбедно и препорачливо да се танцува за време на бременост и кои би биле главните придобивки?
Танцувањето во бременост е безопасно, многу корисно и препорачливо, доколку се практикува правилно и прилагодено на фазата на бременоста.
Ја зајакнува карличната мускулатура и долниот дел на грбот, ја подобрува флексибилноста, координацијата и циркулацијата во нозете, а истовремено помага во намалување на стресот и напнатоста во стомакот и колковите.

Ритмичките движења и контролата на дишењето во ориенталниот танц овозможуваат релаксација и ја подготвуваат жената за контракциите.
Јас танцував цела бременост, од првиот до последниот ден, и го искусив целосниот спектар на придобивки што ги нуди овој прекрасен танц.

Што би им препорачала на оние што сакаат да започнат со ориентален танц?
Започнете полека, слушајте го своето тело и дозволете си да уживате во секое движење и ритам.
Стомачниот танц не само што ја подобрува кондицијата, туку носи и чувство на радост, женственост и самодоверба.



©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело