Викторија е наша стомачна танчарка, што живее во Швајцарија: „Играв ориентален танц и во 8-миот месец од бременоста“
- Детали
- недела, 01 март 2026
„Имам многу награди од меѓународни фестивали, но најмило ми е што лани бев гостинка на гала вечер на престижен фестивал во Швајцарија, каде што настапив во 8-иот месец од бременоста. Тоа беше незаборавно искуство“, вели Викторија Каракамишева Василева (29) за CRNOBELO.com.

Викторија Каракамишева Василева (29) од Богданци е наша стомачна танчарка, која веќе неколку години живее и работи во клиника за рехабилитација во Швајцарија.
По професија e физиотерапевт, no паралелно со нејзината професија, стомачниот танц ѝ е голема љубов и хоби со кое активно се занимава повеќе од 10 години.
Инаку, таа е и сопруга и мајка на едномесечно бебенце.
Викторија вели: „Иако не ми е примарна професија, танцот е значаен дел од мојот живот. Настапувам на интернационални фестивали, како и на бројни јавни настани – свадби, прослави и арапски вечери. Во моментов сум на породилна пауза, но сцената ми недостига и со радост очекувам повторно да ѝ се вратам“.

За својата љубов кон танцот Викторија споделува за CRNOBELO.com:
Кога и како започна твојата љубов кон ориенталниот танц?
Мојата љубов кон ориенталниот танц започна во 2016 година, за време на студирањето во Романија.
Пред тоа неколку години се занимавав со модерен балет, што ми помогна да изградам основа во движењето и сценскиот израз.
Подоцна, почнав да посетувам интернационални фестивали низ Европа. Токму таму го продлабочив моето знаење за овој танц и имав можност да запознаам луѓе и уметници од целиот свет, што дополнително ме мотивираше да се развивам во оваа насока.
Што е тоа што најмногу те инспирира и привлекува кај ориенталниот танц и што значи тој за тебе лично?
Ориенталната музика, костимографијаta којашто е тесно поврзана со секој стил и регион, богатата култура и начинот на кој преку движењето се пренесува емоцијата и се раскажува приказната.
За мене лично, танцувањето претставува слобода – момент кога заборавам на сè останато и целосно се препуштам на емоциите.
Ориенталниот танц е мојата најголема пасија и начин на кој најискрено се поврзувам со себе.

Имаше ли на почетокот негативни коментари и предизвици во прифаќањето на ориенталниот танц?
Негативни мислења и коментари секогаш ќе постојат, исто како што постојат и позитивни.
Најчесто тоа е затоа што овој вид на танц е погрешно претставен и недоволно разбран, па токму поради тоа се соочува со предрасуди и погрешни перцепции.
Повеќе од 10 години активно изучувам како ориенталниот танц е дел од египетската и пошироката блискоисточна култура и како се развивал како форма на уметност – од неговата промоција во кино, театар, филмови, па сè до неговото присуство на големи прослави, фестивали и социјални собири.
Во секој случај, јас секогаш се трудам да го претставам овој танц како уметност и пристапувам кон него со голема почит кон културата од која потекнува.

Колку твоето тело се промени откако се занимаваш со стомачен танц? Ти се оцртуваат ли стомачните мускули од тренинзите или сепак за овој вид на танц е убаво да се има „стомаче“?
Ориенталниот танц има исклучително позитивно влијание врз секое тело, доколку се практикува правилно.
Бенефитите се навистина бројни – од зајакнување на длабоката пелвична мускулатура, подобрување на држењето на телото, па сè до зголемување на самодовербата и свесноста за сопственото тело.
Мислењето дека за Belly Dance мора да се има „стомак“ е мит.

Овој танц е наменет за секое тело и за секоја возраст. Не станува збор за изгледот, туку за начинот на движење, техниката и емоцијата што се пренесува преку танцот.
Како физиотерапевт, дали твоето стручно знаење ти помага во танцот и на кој начин ги поврзуваш овие две области?
Стручното знаење навистина помага многу во професионалното танцување.
Овој вид на танц бара контрола на телото, правилна техника и постојана работа на себе, а правилното загревање, истегнување и превенција од повреди се клучни за долгорочно и здраво танцување.
Исто како во рехабилитацијата, ако некои вежби се изведуваат неправилно, може да дојде до повреда, истото важи и за танцот – неправилно изведените движења можат да предизвикаат повреди на телото.
Колку е важен сценскиот костим во твоите настапи? Што носиш?
Сценскиот костим има важна улога во настапот, бидејќи го истакнува движењето, техниката и емоцијата на танцот.
Најчесто носам традиционални ориентални костими, рачно изработени и внимателно избрани за да бидат удобни, соодветни и со почит кон културата од која потекнува овој танц.
