Maкедонка имаше кралска свадба во Франција - во замок со џез и луксуз, траеше 3 дена
- Детали
- среда, 01 април 2026
„Мајка ми и баба ми ми ја шиеја главната венчаница со месеци за мене, беше инспирирана од иконската Грејс Кели, со рачни везови и ми требаше 1 час само за да ја облечам“, вели Сандра Матеска за CRNOBELO.com која имаше свадба во Бордо, достојна за кралско семејство.

Сандра Матеска од Скопје, во август 2025-та направи тридневна бајковита свадба во Франција со својот сакан Денис Блат, кој е половина Кореец, половина Германец.
Парот сега живее во Дубаи, но и на разни дестинации во светот.
Инаку, дизајнерката и основачка на Atelier Per Sempre заедно со саканиот ја крунисаа својата љубов со незаборавна прослава во величествена винарија, близу Бордо, во Франција.

Во друштво на 50-тина најблиски гости кои допатуваа од целиот свет – Канада, Кина, Кореја, Тајланд, Дубаи, Германија, Чешка, Англија, Турција, Ирска, САД, Украина и Македонија – овој пар вели дека не создале само свадба која е настан, туку искуство во кое сите гости се почувствувале како една голема среќна фамилија.

Сандра за CRNOBELO.com споделува како изгледала 3-дневната прослава:
Првиот ден – Петок: Вечерата за добредојде
Прославата започна со коктел-забава на најголемата тераса од замокот, каде се служеше селекција на специјално креирани коктели и спритц пијалаци, токму во моментот на зајдисонце.

За да се стопи мразот и за сите да се зближат, организиравме забавни „ice-breaker“ игри.
Уште од првиот момент се почувствува позитивната енергија, гостите веднаш се поврзаа едни со други, и тој дух на блискост траеше до последниот ден.

По коктелот, сите се упативме во големиот салон на замокот за свечена вечера со свеќи. Зад нас се проектираа видеа кои ги снимивме низ нашите патувања ширум светот – моменти што јас намерно ги зачувував со години, знаејќи дека еден ден ќе бидат дел од нашата свадбена приказна.
Симболот на лебедот – кој претставува вечна љубов и посветеност кон еден партнер – беше интегриран низ целата вечера: на персонализираните ознаки за имиња, на колачињата и чоколадите.

Вечерата беше вовед во главната тема на свадбата – „old money“ естетика: нешто вечно, елегантно и надвор од трендовите.

Вториот ден – Сабота: Главниот свадбен ден
Подготовки наутро
Денот започна со подготовки – јас со моите деверици во една просторија, а Денис со неговите кумови во друга.
Најемотивниот момент беше кога мајка ми ме облече во главната венчаница – дело што таа и мојата баба го креираа и шиеја со месеци во нашето ателје Atelier Per Sempre.
