Нашата Миа (9) тренира уметничко лизгање во Германија: „Почна на 5 години, не се обесхрабрува ни кога ќе падне“, вели мајка ѝ
Од седумгодишна возраст активно се натпреварува, бидејќи нејзиниот клуб им овозможува државни и интернационални натпревари и турнири на своите членови.
Има учествувано и освоено награди во Инголштад, Розенхајм, Гармиш Партенкирхен и многу други.
Во моментов интензивно се подготвува за Баварското младинско првенство (Bayerische Jugendmeisterschaft) во Оберсдорф, кое ќе се одржува oд 26 февруари до 1 март 2026.
Миа го обожава мразот во Оберсдорф, таму често имаат тренинзи и кампови, а посебно го сака затоа што тој е центар за подготовка на германските олимписки натпреварувачи, каде што врвни спортисти ги усовршуваат своите техники.

Покрај интензивниот распоред, Миа е одличен ученик и посебно сака математика и изучување нови јазици.
По училиштето веднаш оди на тренинг, а навечер ги завршува домашните задачи или на тренинг помеѓу паузите чита и учи. Во текот на распустите нема класичен одмор, бидејќи тогаш често има утрински и попладневни тренинзи.
Одмор има само 2 дена за Божиќ и Велигден, како и две до три недели во август.

За Миа, најубавиот момент е самото излегување на мраз.
Таму таа се чувствува слободна, своја и исполнета. Мразот за неа е простор на изразување, а не обврска.
Таа ги сака скоковите и секогаш се радува на учењето нови елементи, посебно во пируетите.

Меѓутоа најголем предизвик не се само техничките елементи, туку балансирањето помеѓу училиштето, тренинзите и детството.
Затоа што покрај дисциплината, за нас како родители многу е важно да има и време да биде дете.

Нејзините наставници се запознаени со фактот дека таа е единственото девојче во училиштето кое се занимава со професионално натпреварувачко уметничко лизгање.
Секогаш покажуваат разбирање кога има натпревари или дополнителни подготовки и за таа поддршка сме искрено благодарни.
Како родители, неизмерно сме горди што Миа на толку мала возраст се занимава со ваков сериозен спорт.

Поради тренинзите и натпреварите, мама е таа што го организира работното време и секојдневно од 13 до 18 часот да биде целосно посветена на тренинзите.
Уметничкото лизгање е спорт што бара постојано присуство на родителите и поради безбедноста и поради организацијата.
Натпреварите се одржуваат низ цела Германија, но и во други земји надвор од Германија. Патувањата и подготовките за ова се целосно на семејството.

Со секое излегување на мраз ние гледаме како Миа расте, не само како спортист, туку и како личност.
Овој спорт бара не само физичка, туку и огромна ментална подготвеност. Еден натпревар може да донесе победа, а нареден пад.
Детето мора да научи да се справува со успех и со разочарување.
Таа психолошка зрелост е можеби најголемиот предизвик за нас како родители.
Ние внимаваме на нејзината исхрана, одмор и ментална стабилност, бидејќи само со балансиран пристап може да се издржи вакво темпо.

