Миа (21), наш иден хирург: „Решив да станам доктор кога на 6 години ми открија дијабетес, а по компликации од операција - хирург“
- Детали
- среда, 25 март 2026
„Желбата да студирам медицина ми се јави на денот кога се разбудив поврзана на четири инфузии, опкружена со бели ѕидови, апарати и погледи полни со грижа. Денот што ми го смени животот засекогаш: „Имаш дијабетес“. Потоа, на 20 години имав итна операција поради воспалено слепо црево и благодарение на дијабетесот - постоперативниот пат беше многу тежок. Повторно клиника. Повторно чекање резултати. Повторно снимања. И повторно страв. Тогаш одлучив - хирургија“, вели младата и инспиративна Миа Чичкариќ (21) од Скопје.

Миа Чичкариќ (21) од Скопје е инспиративна млада дама и наша идна докторка.
Таа уште на 6-годишна возраст одлучила дека ова ќе биде нејзината професија, кога ја добила дијагнозата дијабетес тип 1.
Сакала да стане ендокринолог, но по операција на воспалено слепо црево на 20-годишна возраст и компликации потоа, поради дијабетесот, одлучила да специјализира хирургија.
Таа вели дека медицината за неа не е само професија, туку е живот.
Миа ја споделува својта животна приказна за CRNOBELO.com:
„Студирам медицина и мора да признаам дека мојата насока, мојата борба и мојата инспирација се нераскинливо поврзани со дијабетесот и со мојата сопствена животна приказна.
Желбата да студирам медицина не се роди од амбиција, ниту од престиж, ниту од случајност.

Таа се роди многу рано - на само 6 години. Се роди во еден тивок, тежок и засекогаш врежан момент.
Денот кога се разбудив поврзана на четири инфузии, опкружена со бели ѕидови, апарати и погледи полни со грижа. Денот кога тишината ја прекина една единствена реченица што ми го смени животот засекогаш: „Имаш дијабетес“.

Замислете како му е на едно мало дете кога преку ноќ му се менува целиот свет.
Без право на избор. Со само два збора што носат тежина поголема од годините што ги има.
Тој ден не беше тежок само за мене - беше тежок и за моите родители. Но. во тој хаос, во тој страв и болка, се роди нешто неочекувано силно. Им реков: „Јас ќе бидам докторка“.

Во тој момент сфатив дека лекарот не е само оној што препишува терапија. Лекарот е оној што дава надеж, сигурност и чувство дека не си сам.
Од тој ден, дијабетесот стана мој секојдневен сопатник, но и мој учител.
Ме научи на дисциплина, на одговорност, на храброст. Ме научи дека телото може да биде кревко, но духот - неверојатно силен.

Ден по ден, желбата во мене растеше. Предизвиците стануваа поголеми, но и мојата решителност.
Имаше денови на страв, денови на прашања, денови кога беше тешко да се биде „силен“. Но, никогаш немаше ден кога се откажав од сонот.

Денес, како студент по медицина, знам дека не сум тука случајно. Секој испит, секоја ноќ без сон, секоја дилема - сето тоа има смисла.
Затоа што јас не учам само од книги. Јас учам од сопствениот живот. Дијабетесот не ми го одзеде сонот. Ми го создаде.

Зад тој сон стојат непроспиени ноќи. Ноќи во кои градот спие, а светлото сè уште гори.
Ноќи во кои телото е уморно, очите тешки, но умот буден - полн со адреналин. Адреналин од сонот што не ти дава да заспиеш.
Од мислата дека сè што учиш денес, утре може да значи нечиј живот. Затоа што знаењето не е само за испит, ниту за оценка.
Тоа е надеж. Тоа е можност еден ден, во нечиј најтежок момент, да знам што да направам, да бидам сигурна рака и смирен глас.
Имало моменти кога сонот го жртвував свесно. Не затоа што морам, туку затоа што сакам.

Затоа што сонот да се биде лекар не е само желба - тој е избор што го правиш секој ден, одново и одново.
Имаше ноќи исполнети со книги, белешки, анатомски атласи, клинички прикази. Но, и ноќи исполнети со страв - дали ќе успеам, дали ќе издржам, дали сум доволно силна.
Медицината ја одбрав и затоа што, за мене, таа никогаш не била само професија.
Таа е дел од мене. Дел што во себе ја носи и науката - истражувањето, поставувањето прашања, сомнежот, откривањето нови вистини и храброста тие да се споделат со јавноста.
