Климентина Јовановска (34): „Имав 3 спонтани абортуси, се чувствував беспомошно како некој да зел дел од мене“
Третата загуба во краток период дури и ми ја разниша надежта и вербата во Бог.
Најтешко беше што го имав моето бебе во мене една недела без срцева акција, а бидејќи се погодија празници, во државна болница ова не беше приоритет.
Не бев подготвена за уште една загуба и бев сигурна дека сѐ ќе биде во ред, но Бог имал други планови за мене и сега знам дека Тој го исполни тоа, со тоа што секојдневно се молам за жени кои се борат со неплодност и загуби.
Најголемата поддршка во ова, и воопшто во мојот живот е мојот сопруг, за кој секојдневно му благодарам на Бог што го имам.
Постојано беше покрај мене во сето ова, со утешни зборови и со молитва и знаев дека ова не е само моја болка, туку наша, на нашето семејство.

Разговаравте со некого или се затворивте во себе? Имаше ли моменти кога се чувствувавте осамено, кога мислевте дека никој не ве разбира?
Кога имав потреба да разговарам со некој, тоа беше мојот сопруг.
Ние сме многу отворени и искрени еден кон друг и во моментите кога ќе почувствував тага, ќе се отворев за тоа.
Но, по третата загуба, не помагаше ни разговор со сопругот, бидејќи за да се надмине една загуба, треба да знаеш како да ја тагуваш истата.
Да се запознаеш со неа, да ја почувствуваш, да ја живееш, а не да ја оттргнеш од себеси.
Доаѓаш во ситуација каде болката трае предолго, тука е, но ајде животот продолжува, не сакаш да ги „замараш“ другите околу тебе со тоа, зашто не го доживеале, а и другите околу тебе не сакаат да ти ја спомнуваат темата за да не те повредат и тоа се потиснува во тебе.
Се обвинувавте ли себеси во некој момент за загубата? Ако да, како го надминавте чувството на вина?
Сопругот беше сигурен дека е време за професионална помош, па ја исконтактиравме Александра Петровска, која и лично ја познаваме, а која е лиценциран психолог и работи токму во центар за советување и помош на жени кои се соочуваат со непланирана бременост и искуство на репродуктивна загуба - „И сега што“.
Бев скептична дали ќе може да ми помогне, но не бев во право.
Александра ме научи како да се справам со загубата, како да жалам и дека треба да жалам и што е тоа што може да ми помогне и сум ѝ навистина благодарна за тоа и топло ја препорачувам.
Понекогаш ни треба само мала насока и малку помош за да се справиме со некои работи и треба да се осмелиме да ја побараме.
Имаше момент кога се обвинував за загубата, особено кога ми ја соопштија веста и веднаш се преиспитував што сум правела претходните денови, дали со нешто сум придонела кон истата.
Но загубите не беа поврзани со нешто што јас можев да го направам или да го спречам.

Дали имате денес деца? Имавте ли страв во текот на бременоста со нив дека пак може да се случи истото и како се носевте со тоа чувство?
Имам три деца на возраст од 7,5 години, 2,5 години и бебе од 10 месеци. Загубите ги доживеав после првото дете.
Кога бев бремена со нашето второ дете целата бременост ми беше во страв.
Ќе отидев на редовен преглед и по неколку денови ќе ме обземеше страв дека и на тоа срцевата акција му прекинала, па сакав да отидам пак.
Особено кога почнав да го чувствувам, доколку не го почувствував подолго во текот на денот, а тоа се случуваше секој ден, веднаш имав лоши мисли.
Само чекав да дојде денот да се роди и да знам дека конечно е тука. И Бог ми го подари тоа дете токму на мојот роденден.
Иако тоа што некој веќе има едно дете е голем благослов, јас и сопругот отсекогаш сме сакале големо семејство со три или четири деца.
Во еден момент дојдов до мисла дека тој сон можеби никогаш нема да се исполни.
Нашиот живот продолжи, без разлика колку членови ќе имаше нашето семејство.
Но нашето прво дете секоја вечер се молеше за брат или сестра, а јас знаев дека тоа не е во наша моќ, освен ако Бог не помогне.
Тоа носеше и радост и болка во исто време. Но Бог е верен и ги слушна тие молитви.
Од денешен аспект, колку мислите дека е важно да се зборува за спонтаниот абортус, за болката, за тоа што го чувствуваат жените кои поминуваат низ ова?
Многу е важно да се зборува за спонтаниот абортус. Да се даде важност на децата кои сме ги изгубиле.
Тие беа тука, во нас, имаа срце кое прерано престана да чука.
Жените не знаат како да тагуваат кога ќе го доживеат ова искуство.
Не треба да се срамиме од тоа што сме го доживеале, ниту пак да го криеме.

Зошто мислите дека кај нас и денес многу жени (и нивните семејства) кријат дека имале спонтан абортус? Зошто е ова табу тема?
На ова прашање немам конкретен одговор.
Тоа зависи од многу фактори и животни околности во кои се наоѓа жената во моментот кога го доживува ова.
Прашав неколку пријателки кои го доживеале ова и низ разговорот ми спомнаа дека не го кријат тоа и дека интензитетот на болката зависи од околностите во кои ќе се најдеме во моментот на загубата, а со тоа и дали ќе разговараме за загубата или не.
Дали постои нешто што би им порачале на жените кои поминуваат низ истото (или на нивните семејства), имате ли совет за нив?
На жените кои минуваат низ ова, сакам да им порачам да зборуваат отворено на оваа тема со други жени и на тој начин да се поддржиме една со друга во нашето заедничко искуство.
Првиот разговор и споделување на болката би требало да биде со сопругот/партнерот, секако доколку имаат поддршка од нив.
И ако треба, да побараат професионална поддршка, која несомнено е потребна за нив, за да научат како да тагуваат и како да дадат важност на својата загуба.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
