Климентина Јовановска (34): „Имав 3 спонтани абортуси, се чувствував беспомошно како некој да зел дел од мене“
- Детали
- четврток, 02 април 2026
„Најтежок беше денот кога дознав за спонтаниот абортус и денот кога требаше да ми прават киретажа, особено за првата загуба. Тој ден кога дознав го поминав во плачење и во молитва. Дури имав надеж дека нешто ќе се смени“, вели Климентина Јовановска за CRNOBELO.com, која денес има три дечиња.

Климентина Јовановска (34) од Струга е среќно омажена жена и мајка на три дечиња, која денес живее во Скопје.
Но, Климентина е и жена која во животот доживеала многу тешки моменти, поврзани со мајчинството.
Таа имала три спонтани абортуси по раѓањето на првото дете, кои оставиле голема трага во нејзиниот живот.
Иако денес е исполнета и среќна, сепак имало моменти кога не било така и кога самата себеси се обвинувала за загубата на нероденото дете.
За жал, спонтаните абортуси и денес се тема за која не се разговара многу кај нас, тема за која не се зборува гласно, а жените сами (или со неколкумина најблиски покрај себе) се носат со болката и тагата за загубената бременост.
Климентина сепак за CRNOBELO.com го сподели своето искуство, со надеж дека ќе поттикне барем една жена која поминува низ истото низ што поминала таа, да побара совет, помош или поддршка ако смета дека не може да се справи сама со сите емоции.

Прочитајте го нејзиното интервју:
Пред колку време имавте спонтан абортус? Во кој месец од бременоста се случи?
Имам доживеано три спонтани абортуси, после првото, здраво родено дете.
Сите се случија во првото тримесечие од бременоста, со тоа што едниот спонтан абортус се смета за биохемиска бременост, односно добив крвавење многу брзо откако дознав дека сум бремена и на тој начин го изгубив бебето.
Во другите две бремености, имаше престан на работата на срцето кај бебето.
Сѐ беше уредно, до моментот кога на преглед ми го соопштија тоа.
Дали претходно имавте некакви симптоми, нешто што би навестило дека нешто не е во ред, или беше ненадејно?
Загубата во првото тримесечие не може да се предвиди, бидејќи не се чувствува бебето, така што тоа го дознав на самиот преглед.
Дали веднаш знаевте дека сте доживеале спонтан абортус, или чекавте потврда од лекар со надеж дека сепак не е најлошата вест?
Првата загуба беше голем шок за мене и кога гинекологот ми кажа дека срцето престанало да работи, не сакав да поверувам, мислев дека можеби нешто не е во ред со апаратот, па го потврдивме и на друг во самата ординација.

Како се чувствувавте кога ви кажаа дека сте го загубиле бебето? Кој беше покрај вас во тие моменти?
Како се чувствував? Како некој да зел дел од мене. Беспомошно.
Не можам да го вратам назад она кое е одземено.
Бидејќи отидов сама на прегледот, веднаш го повикав сопругот да дојде, зашто не бев во состојба да се вратам назад и да возам.
Како реагираа семејство и блиските кога им кажавте? Дали утешните зборови ви помагаа или во тие моменти имаа спротивен ефект на вас?
Мислам дека кога некој ќе доживее нешто тешко, повеќето луѓе не знаат како да реагираат, што е правилно да се каже или направи, за да не погрешат.
Кога јас го споделив ова со блиските, знам дека искрено сочувствуваа со мене и им беше жал што ни се случи тоа.
Ништо од нивната реакција немаше спротивен или лош ефект врз мене.

Што ви беше најтешко, особено во првите денови? Како се справувавте со загубата, со болката?
Најтежок беше денот кога дознав и денот кога требаше да ми прават киретажа, особено за првата загуба.
Знам дека тој ден кога дознав го поминав во плачење и во молитва. Дури имав надеж дека нешто ќе се смени.
Но ништо не се смени, а моментот кога ме носеа во операционата сала за да ја извршат киретажата, го почувствував најголемиот страв во животот.
Тука сакам да спомнам дека иако киретажата се смета за рутинска постапка и секој ден има стотици жени кои при планиран абортус го прават тоа, јас доживеав неуспешна киретажа во приватна болница и после два дена имав огромни болки, температура и можност за сепса.
По четири дена повторно ми правеа киретажа и повторно се најдов во операционата сала.
Така што, првите пет дена ми поминаа по болници, со физичка болка и немав време да се смирам и да се носам со загубата. Се молев само да излезам здрава и жива од болницата.

