Живко од Скопје е гејмер и колекционер: „Имам повеќе од 1.800 видеоигри и фигури, колекцијата чини над 60.000 евра“
- Детали
- среда, 01 април 2026
„Сопругата и нашите четири деца ја делат мојата страст. Бришењето прашина е голем проблем, но среќа имам повеќе млади момци на располагање, па со дебели четки за шминка четкаат околу еднаш неделно“, открива Живко Тодоровски (40) од Скопје кој е страстен гејмер и колекционер на видеоигри, конзоли, акциони фигури, како и Lego сетови.

Живко Тодоровски од Скопје, кој е дипломиран економист и управител на две компании, истовремено е и страстен гејмер со импресивна колекција на видеоигри, конзоли за играње, како и акциони фигури.
Со сопругата Љупка (38) имаат четири деца – Борче (11), Андреј (9), Леон (5) и Матео (1) – а сите ја делат неговата страст.
Љубовта кон видеоигрите се родила уште во детството, а вели дека „ренесансата“ во неговиот гејмерски живот почнала околу 2020 година.

Денес Живко има стотици видеоигри и колекционерски предмети, а во интервју за CRNOBELO.com открива детали за неговата колекција:
Кога почна да играш видеоигри и која ти беше првата игра (и конзола)? Која игра те натера да станеш страстен гејмер? Која ти е омилена игра денес?
Со видеоигри се сретнав првпат далечната 1993 година на 8-годишна возраст, кога кај другар од маало првпат играв на Commodore 64, за веднаш потоа кај друг другар да играм на Famicom.
Прва сопствена конзола е т.н. Рамбо кинески клон на Atari на 9-годишна возраст, а веднаш после него кинески Famicom.
После почетоците со Nintendo се префрлам на PC гејминг, до некоја 16-годишна возраст, а најголема пасија се real-time стратегии како Star Craft, Age of Empires, Warcraft, како и првата FPS љубов – Half Life.

На 15 години, околу 1999-та, со мојот брат заедно ја купуваме првата Sony PlayStation конзола и носи буквално револуција во нашиот дом и гејминг. Twisted Metal, Vrally, PES, Crash Bandicoot беа наши најомилени серијали на игри.
Околу 2004-та купив PS2 (PlayStation 2) конзола која некако ме фати во период на она, нели, средно школо, па почеток на друштвени PC игри, и би рекол дека никогаш не го постигна вистинскиот сјај во нашиот живот како што тоа го направи PS1.
После PS2 ерата и моја 22-23 година, најмногу поради бизнис обврски околу мојата прва компанија, следи малку понеактивна ера и претежно играв класични стратегии на компјутер или некои онлајн мултиплеер стратегии, меѓутоа онака, лабаво.
После 2020 година, веќе на мои 35 години, ослободен од поголемиот број бизнис обврски како и веќе етаблирана фамилија, следи ренесанса во мојот гејмерски живот.
Повторно се вратив на мојата прва љубов – конзолите за игри. Со новата PS5 која ја фатив на самото појавување ми се роди истата стара желба за гејминг. Малку по малку, желбата за гејминг роди нова страст, колекционирање физички копии на видеоигри.
Почнав прво со PS4 и PS5 видеоигри, но набрзо добив желба да се вратам малку наназад и на некој начин да поуживам и во пропуштената PS3 генерација. Паралелно со PlayStation, почнав да собирам игри и за Nintendo Switch, што само по себе беше пресвртница со нивните Amiibo фигури да влезам во колекционирање на фигури.
Самото Amiibo доведе и кон други серии од типот на акциони фигури од видеоигри, Disney Infinity и Lego Dimensions.

Кога почна со колекционерство и која е првата акциона фигура што ја купи? Дали ја чуваш до денес?
За почеток на колекционерството ја сметам 2021 година која иако во бројка можеби не е така далечна.
Имам вложено премногу време и енергија на, пред сè, осознавање на разни колекторски серии, како и многу во средства за нивно собирање.
Акциони фигури имам преку 200, тие се најчесто ликови од светот на PlayStation игрите како и Nintendo.
Секоја фигура што е купена било кога сè уште ја поседувам, никогаш немам продадено игра или фигура, освен доколку по некоја случајност имам добиено 2 или повеќе од истата.
Што сè имаш во колекцијата и знаеш ли колку игри и фигури поседуваш моментално? Водиш ли некаква евиденција?
Да, евиденција водам за сè, имам специјализиран софтвер што го купив на интернет, којшто ми ги дели по категории сите игри, конзоли и фигури. Во спротивно, во некои моменти и самиот не можам да се сетам некои поневажни предмети дали ги имам веќе или не.
Колекцијата содржи 19 конзоли за игра, 990 физички копии од игри меѓу кои најголеми се 248 за PS3, 257 за PS4, 155 за PS5, 97 за Nintendo Switch, како и од многу други платформи, но во помал број.
Контролерите почнуваат со 16 за PS5, повеќето limited edition, па сè до ерата на старите Nintendo. Вкупно контролери имам преку 70.
Имам 120 Amiibo фигури, 134 Disney Infinity и Skylanders фигури, како и 110 акциона фигура меѓу кои најимпресивна е фигурата на Линк од 60 сантиметри што ми дојде од Америка.