Најгласната жртва на педофил во Македонија не сопира со борбата - Кирил Ангелов од Велес со подвиг за поздрав
За жал, ние сме општество кое не говори, кое не ја споделува својата болка, размисли – дел од недоверба, дел од нашата генерациска траума, дел од нашата позадина. Но, најважно е да можеме да си помогнеме како луѓе, како народ.
Ова го направивме (и ќе продолжиме да го правиме) чисто од љубов и само љубов, за да можат овие жртви да се почувствуваат сигурно. Барем со тоа што ќе им кажеме дека ние сме тука за нив.
Пријателот кој беше со нас кажа, „барем на едно детенце да помогнеме, ќе бидам најсреќен“. И така е.
Ако подвигот помогне барем на едно дете, на една личност, ние ќе сме преблагодарни и пресреќни.

Исто така спомена дека се планира и ново пешачење? Можеш да ни кажеш нешто повеќе за тоа?
Да. Ние сме задоволни од ова пешачење, како прво од планираните. Но, поради сите промени кои беа поттикнати од надворешни фактори сакаме да ги вклучиме и сите претходно заинтересирани (кои нè исконтактираа) кои поради ограничувањата, не можеа да бидат присутни.
Заедно со Александра гледаме опции за крајот на мај или септември оваа година.
Ги споменавме Бабунски водопади како првична локација, но ќе гледаме и други локации како за поголема група. Секако, ќе следат детали за сите кои би сакале да дојдат со нас.

Кои се твоите идни планови? Дали пишуваш нешто ново?
Покрај Безсловен (Мојата животна приказна: сексуалното и менталното злоупотребување во детството и младоста, борбата со ракот и преживување на траумите) и Исаак, во текот на овогодишниот Саем на книгата ќе излезе вториот дел од серијалот Исаак, за кој сум посебно радосен.
А во иднина и вториот дел од автобиографијата Безсловен. Сите читатели и посетители можат да ме најдат на штандот на Сакам Книги и слободно да ми пристапат да продискустираме ем за книжевниот свет, ем за идните планови за подвизи преку пешачења и уште поголемо подигнување на свеста за сексуално злоставување на деца, булинг (врсничко насилство) и секоја останата форма на злоставување.

Која е твојата последна порака во однос на децата кои биле сексуално злоставувани како што и ти си бил? Некои работи кои ти си сакал да ги слушнеш тогаш?
Не сте сами. Ние сме тука. Говорете кога ќе бидете подготвени. Пишувајте ако тоа помага.
Исплачете си и насмевнете се. Доверете се на вистинските луѓе и побарајте помош.
Полесно е. Поубаво е. И слободно, кој сака може да ми пише, да ме контактира – колку можам јас ќе помогнам. Тука сум.




С. С. | Црнобело