Габриела Коцев: „На 21 година дознав дека имам вродена аномалија на матката и ендометриоза, сега сум мајка“
- Детали
- недела, 26 април 2026
„И пред операцијата, а и после неа, докторите беа многу директни со мене. Ми кажаа: „Многу си млада, ќе се мачиш, но со вакви дијагнози тешко дека некогаш ќе родиш“. Тоа беа тешки зборови за слушање, особено на тие години... Но, партнерот остана со мене и денес имаме две дечиња“, вели Габриела Коцев од Скопје.

Габриела Коцев, шминкер и козметичар со свое студио за убавина „Коцев Beauty Studio“ во Драчево, е во брак со Стивен Коцев, по професија пожарникар.
Двајцата се од Скопје и денес нивно најголемо богатство се синот Богдан (3) и ќерката Бисера (1), иако зад себе имаат тешки периоди и здравствени битки на Габриела.
Таа прво на 21 година дознала дека има дворога матка, вродена аномалија, а потоа и ендометриоза.
За целиот пат Габриела споделува за CRNOBELO.com:
Кога првпат дозна дека имаш здравствен проблем со матката? Што точно ти објаснија лекарите кога ја поставија дијагнозата?
Првпат дознав на 21-годишна возраст при редовна контрола на гиниколог.
Докторите ми објаснија дека матката ми е поделена на два дела или стручен израз „Bicornis uterus unicollis“ (дворога матка со преграда) - вродена аномалија која може да влијае на бременост.

Како би ја објаснила твојата состојба со свои зборови на луѓе кои првпат слушаат за неа? Што значи дворога матка (Bicornis Uterus Unicollis)?
Би рекла дека дворога матка е состојба каде матката е поделена на два дела, како срце форма.
Кај дворога матка просторот за развој на бебето е ограничен, што понекогаш носи ризици во бременоста, но не значи дека е невозможно да се има деца.

Имаше ли некакви симптоми пред да се постави дијагнозата?
Искрено, немав некои изразени симптоми. Тоа е една од работите што најмногу ме изненади дека можеш да имаш ваква состојба, а да не знаеш.
Кај некои жени има болки или нередовни циклуси, но кај мене дијагнозата дојде сосема неочекувано.

Како се одлучи за операција и дали имаше страв? Како изгледаше процесот на закрепнување?
Одлуката за операција не беше лесна. Имав страв, нормално, но повеќе од сè имав желба еден ден да станам мајка.
По консултации со лекари, решив да одам напред со интервенцијата.
Закрепнувањето беше процес физички и психички, но со поддршка и трпение, чекор по чекор, сè се надминува.

Дали по операцијата ти дадоа надеж дека ќе можеш да забремениш?
Искрено не. И пред операцијата, а и после неа, лекарите беа многу директни со мене.
Ми кажаа: „Многу си млада, ќе се мачиш, но со вакви дијагнози тешко дека некогаш ќе родиш“. Тоа беа тешки зборови за слушање, особено на тие години.
Имаше моменти кога се чувствував скршено и безнадежно, како да ми се рушат сите планови за иднината.
Но, и покрај се, некаде длабоко во себе не се откажав. Решив дека нема да дозволам туѓите прогнози да бидат мојата конечна приказна.
Можеби немав надеж од лекарите, но научив да ја создадам сама во себе. И токму таа внатрешна сила ме водеше напред, чекор по чекор.
