Ненад од Куманово има уникатен бургер-бар во Белград: „Најскап е вегетаријанскиот, бургерите со виски ми се заштитен знак“
Најсочното печено месо, каде што можете да ја почувствувате целата сочност, е средното ниво на печеност, кога месото е розово во средината.
Тука, дури и денес се среќаваме со предрасуди дека месото мора да биде добро испечено, инаку ќе настане крај на светот, и затоа секогаш ги прашувам моите гости како преферираат да биде печено месото за нивниот бургер.
Цените на единечните бургери се помеѓу 900 и 1100 динари (450 и 550 денари), во зависност од видот на бургерот.
Најскапиот единечен бургер, нема да верувате, но е вегетаријански, наречен Beyond Meat Burger, а чини 1200 динари (600 денари), така што, да во понудата имаме и вегетаријански бургери.

Дали и вие самиот ги подготвувате бургерите, колку често сте во кујната?
Јас сум секогаш во кујната и сите бургери во барот ги подготвувам лично.
Кога сме на фестивали и настани за улична храна, каде што има огромна посетеност со илјадници луѓе, секако имам верни асистенти кои ме следат во чекор.
Секој наш настан е посебна забава, нешто што навистина треба да го доживеете и да ја почувствувате таа неверојатна енергија.
Кај нас, позитивноста е секогаш загарантирана.

Дали мислите дека вашиот личен имиџ дополнително привлекува клиенти во вашиот ресторан? Дали сакаат да ве видат, да разговараат со вас, да се фотографираат?
Мојот необичен имиџ сигурно привлекува внимание поради автентичноста и луѓето го препознаваат и го ценат.
Не сакам да звучам суетно, но навистина често добивам комплименти дека и мојата харизма е неверојатна.
Секој што имал можност да разговара со мене знае дека сум весел човек по природа, секогаш спремен за шега и смеа, па затоа луѓето често доаѓаат да ме запознаат и да се сликаат со мене, особено кога сме на фестивали.

Морам да ви раскажам една анегдота од минатогодишната Зимска бајка, кога имав соработка со зимскиот караван на Coca Cola, и луѓето добиваа ваучери за моите бургери.
Еден маж со деца, наместо Makedonac, на ваучерот прочитал McDonald's и ме барал во Мек, а по еден час чекање во ред и објаснување на менаџментот во Мек, се вратил на мојот штанд и чекал во ред за конечно да ме запознае и да го пробал мојот познат бургер - притоа изгубил половина попладне додека да ме најде. Големиот поздрав до него и неговите синови кои сега се редовни гости во барот.
Исто така сум познат не само како Македонац, туку и како Дедо Мраз и човек-бургер, како што ме доживуваат децата.
Секогаш се воодушевувам кога ќе ме запознаат деца и многу срдечно реагираат на мојот изглед, со некој интересен прекар.
А бидејќи мојот роденден е на Божиќ, кога обично трае Зимската бајка, најмладите ги дуваат свеќичките на роденденската торта и тоа е најдобриот подарок што некој може да го добие.

Вашиот локал има специфичен изглед, со многу детали... Чија беше идејата за неговото уредување? И колку време го подготвувавте за да изгледа вака добро и препознатливо?
Од идеја до реализација беше прилично трнлив пат, со оглед на тоа што живееме на Балканот, со голем дефицит на мајстори кои навистина би можеле да ја спроведат вашата визија во дело, па сите планети да се поклопат за тие да бидат слободни, да имаат знаење и да не бараат да им платите за работата со левиот бубрег.
Јас не би бил јас кога толку лесно би се обесхрабрил и цврсто верувам дека човекот може да постигне сè кога ќе се реши. Сепак, тоа е дел од нашиот балкански ДНК код.
И така, јас и моите пријатели ги засукавме ракавите, посетувавме складови за материјали и по неколку недели мајсторисување, voila, местото доби автентичен рокерски паб изглед.

Секој детаљ, секој поединечен декоративен елемент е внимателно одбран, има своја приказна и си го нашол патот баш за мене, како гитарата Jack Daniels што е донесена од Америка, од Тенеси, престолнината на ова виски или Coca Cola ретро лименките со аналогна телевизија.
Во својот тим имам и вистински ловец на богатство, кој е задолжен за уникатните детали, кој ги посетува сите можни антикварници и пазари во регионот, а куриозитет е и што од моите драги гости добивам сувенири од патувања како подарок.
Брендот Македонац собра прекрасна мултикултурна заедница и сите со ентузијазам учествуваат во декорирањето и не им е тешко да донесат нешто што би се вклопило во ентериерот, дури и од другата страна на светот.

Дали кога јадете бургери некаде низ светот, ги споредувате со вашите (или пробувате да откриете нов вкус кој би го ставиле на менито)?
Секако, секогаш кога имам можност за мини одмор, каде и да сум, секогаш пробувам бургери.
Сакам да ја почувствувам специфичноста на одреден сос, карактеристичен за тој регион и квалитетот на месото, бидејќи инспирацијата е насекаде околу мене и никогаш не знам каква идеја ќе ми дојде на ум или каков вкус можам да препознаам и да комбинирам во нов производ.
Таков пример е мојата најнова креација Truffle Bill бургер, кој е специјално направен со чедар сирење со тартуфи и е создаден како почит кон мојот фризер кој поседува фарма за тартуфи на Фрушка Гора.
Тој ми даде ултиматум или да направам бургер со тартуфи или мојата препознатлива фризура ќе исчезне - и така се роди Truffle Bill.

Дали е тешко да се води успешен бизнис во Србија? И дали планирате да се проширите на други локации?
Како и со сè во животот, постојат и добри и лоши страни на секоја медаља, периоди кога имате подеми и падови, но многу е важно никогаш да не се откажете од вашиот сон, да верувате во себе и храбро да чекорите напред, да бидете опкружени со луѓе кои ви даваат ветер на грб.
Можам да се пофалам дека сум среќен човек затоа што го избрав вистинскиот животен сопатник кој е моја движечка сила, и во приватниот живот и во бизнисот.
Мојата сопруга е креативен директор на нашиот тим и е подеднакво одговорна за успехот на брендот Македонац.
Што се однесува до проширувањето на нови локации, секогаш ги оставам сите можности отворени и ако се појавува интересна понуда за франшиза, никогаш не знаете каде може да се прошири Македонац бургер мастер.
