Мила Димчова за татко ѝ кој рачно создава декор со македонски мотиви: „Кога бев мала мислев дека сите татковци го умеат ова“
- Детали
- петок, 24 април 2026
„Како дете мислев дека секој татко знае да создава, дека тоа е нормално. Дури подоцна сфатив колку е ретко. Прави слики, инспирирани од Македонија: Александар Македонски и неговата фаланга, Св. Плаошник... Создава и со мермер – фигурата на Исус е изработена од бел македонски мермер. Тој ја има обликувано и нашата куќа, со столбови со симболика на сонце со 16 краци“ - вели Мила за CRNOBELO.com.

Мила Димчова e сениор графички дизајнер што паралелно создава содржин, а нејзиниот татко е Љубе Димчов - по професија електротехничар, но по природа човек кој создава.
На нејзиниот Инстаграм профил налетавме на видео во кое се гледа како нејзиниот татко со своите вешти раце создава уникатни изработки и декор од разни материјали за во нивниот дом.
Приказната звучеше инспиративно, а посебно описот во кој Мила напишала: „Пораснав мислејќи дека ова е нормално. Дека секој татко знае од ѕид да направи камен, од дрво уметност…Испадна дека не е баш така“.
Ја контактиравме Мила и за CRNOBELO.com таа раскажа повеќе за занаетот на нејзиниот татко, од каде љубовта и талентот, што има изработено и колку време му е потребно за да создаде уметност со своите раце.
Во продолжение приказната за таткото на Мила:
„Ако треба со една реченица да го опишам татко ми, би рекла дека е човек кој не зборува многу за тоа што го прави – туку го покажува.
По професија е електротехничар, но она што го создава со рацете е нешто сосема друго. Тоа никогаш не му било работа, туку простор каде што вистински дише.
Нешто што не се учи од книга, туку се носи во себе.

Љубовта кон занаетот кај него почнува многу порано – од мојот дедо Михајло. Човек кој од три метри штоф со креативност правел цело одело – палто, панталони и елек.
Таа способност да се создаде нешто од ништо, да се види форма таму каде што другите гледаат материјал – очигледно се пренела.

Татко ми почнува уште во прво одделение, со цртање автомобили. Не било тоа само детска игра, туку опсесија со форма, линија и движење.
До осмо одделение веќе правел дрвени модели од сите европски брендови на автомобили.
Истовремено, го привлекувала и фотографијата – да фати момент, светлина, агол. Секогаш нешто што бара око и трпение.

Со текот на годините, таа креативност се проширува во различни форми.
Слики – масло на платно, инспирирани од Македонија: Александар Македонски и неговата фаланга, традиционални македонски производи – јаболка, афион, вино, грозје, ореви, чаршаф со македонски вез.

Слика од Св. Плаошник – симбол на писменост, религија, светлина што светела и ќе свети.
Слика со црвени ружи, но и дела со подлабока симболика – како штитот со 16 краци, поврзан со македонскиот идентитет.

Покрај сликите, создава и со мермер – меѓу највпечатливите е фигурата на Исус, изработена од бел македонски мермер.
Таа е дело што кога ќе го видиш, не размислуваш за техниката – туку за тишината што ја носи.
