Мила Димчова за татко ѝ кој рачно создава декор со македонски мотиви: „Кога бев мала мислев дека сите татковци го умеат ова“
Работи и симболи – ѕвездата од Кутлеш, коловрт, футуристички форми, пепеларници за пури.
Дрвото му е исто толку блиско. Рамките за сликите не се само рамки – тие се продолжение на приказната.

Гравури со македонски мотиви, столни ламби, часовници, сложени испреплетени форми што бараат прецизност и мирна рака.
Има дури и форми инспирирани од формули – бидејќи е голем фан на логика и структура.

Но неговото создавање не застанува на предмети. Тој ја има обликувано и нашата куќа. Фасада изработена со различни видови ризла и бел македонски цемент.
Столбови со симболика на сонце со 16 краци. Лустер во форма на сонце со повеќе од 100 отвори за светлината да се распрснува како зраци.

Заштитна ограда од ковано железо, повторно во форма на сонце. Ѕидови што изгледаат како природен травертин, иако се рачно изработени.

Најстарата негова изработка е сликата со Александар и фалангата – и таа не е само слика, туку почеток на еден јазик преку кој тој комуницира.
Сите овие дела за нас не се „експонати“. Тие се дел од домот. Дел од секојдневието. Дел од тоа кои сме.

Процесот кај него никогаш не е брз. Сè започнува со визија. Потоа цртеж. Конструктивно размислување. Па изработка. И на крај – фино обликување и полирање.
Некои работи се готови за неколку дена. Некои бараат недели. Но кај него времето никогаш не е притисок – туку дел од процесот.

Она што најмногу го движи е љубовта кон Македонија. Тој е човек кој верува во нашиот народ, во коренот, во вредностите.
Верува во Бог, во универзумот и во тоа дека тоа што го даваш – ти се враќа.
Нè има научено дека креативноста не е избор, туку одговорност – да создаваш, да пробуваш, да не се плашиш.
