Виктор, внукот на Зоки Фаци: „До последниот ден се шегуваше дека ѕвезда како него мајка еднаш раѓа“
- Детали
- среда, 06 мај 2026
„Приватно беше многу различен од тоа што луѓето го гледаа јавно. Дома беше едноставен, опуштен и заштитнички настроен. Тој дел од него, што ние како семејство го знаевме, беше неговата мирна страна - начинот на кој знаеше да се повлече, да слуша и да биде тука без многу зборови“, вели Виктор, внукот на Зоки Фаци, за CRNOBELO.com.

Виктор Митровиќ (27) од Скопје, гради кариера на диџеј, организатор на настани и музички продуцент. Но, во јавноста Виктор е познат и како внукот на Зоки Фаци, починатиот естраден новинар.
Виктор и неговиот брат Дарко беа многу блиски и поврзани со вујкото чија смрт остави голема трага кај двајцата.
Една и пол година по смртта на Зоки (почина на 1 ноември 2024), Виктор во разговор за CRNOBELO.com, со многу емоции зборува за Зоки и ни откри каков беше тој кога немаше камери и рефлектори, но и како изгледала нивната последна средба.

Прочитајте го целото интервју со Виктор:
Помина една и пол година од смртта на твојот вујко.. Што ти недостига најмногу во однос на него?
Да, помина една и пол година, ама чувството како да стои во место кога станува збор за него.
Најмногу и на мене и на брат ми ни недостига неговата енергија и начинот на кој ја менуваше атмосферата каде и да се појави, ни недостигаат разговорите со него и таа сигурност што ја даваше, како да знаеш дека секогаш имаш некој зад тебе.
Ама, веруваме дека дел од него сè уште живее преку нас, и тоа ни дава сила да продолжиме таму каде што тој застана.

Каков беше твојот однос со Зоки? Колку бевте блиски?
Со Зоки бевме многу блиски, буквално од мал сум постојано со него, бевме речиси секогаш заедно каде и да одеше.
Не беше само вујко, туку и човек на кој сум се потпирал и од кого многу сум научил, имавме однос без дистанца, искрен, близок и полн со доверба.

Каков беше Зоки приватно, зад камерите и без рефлектори? Дали постоеше дел од него што го знаевте само ти и брат ти, вие како семејство, а не и јавноста?
Зоки приватно беше многу поразличен од тоа што луѓето го гледаа во јавност.
Надворешно можеби делуваше силно, гласно и секогаш во центар на внимание, но дома беше многу поедноставен, опуштен и заштитнички настроен.
Тој дел од него, што ние како семејство го знаевме, беше неговата мирна страна, начинот на кој знаеше да се повлече, да слуша и да биде тука без многу зборови.
Постоеше таа приватна страна што остануваше само за најблиските, не толку поради тајни, туку затоа што со нас беше едноставно свој, без маски и без јавен притисок.

Што наследи од него, карактерно? Препознаваш ли дел од Зоки во себе? Или можеби брат ти е карактерно поблизок на него?
Искрено, и двајцата имаме наследено нешто од Зоки, секој на свој начин.
Но ако треба да кажам, брат ми е карактерно на него, многу е директен и брутално искрен, поседува цврст карактер голема стабилност и добра проценка на луѓето, баш каков што беше и Зоки.
Јас можеби повеќе во други работи сум сличен на него. Го препознавам Зоки во себе во начинот на размислување и во енергијата.
Но таа неговата директност и искреност најмногу ја гледам кај брат ми.
Во суштина, дел од него има и во двајцата, само различно се изразува.

Дали имавте некоја ваша традиција, омилена активност, нешто што ве поврзуваше само вас?
Да, имавме наши мали традиции и работи што беа само наши, најчесто тоа беа обични моменти кафе, шетање, или седење и долги разговори без некоја посебна причина, тоа ни беше најважно, не мораше ништо големо да се случува за да ни биде убаво.
Посебно ми останале тие моменти кога само ќе излезевме, без план, и ќе завршевме со часови разговори, тоа беше наш начин на поврзување, едноставно, спонтано и искрено, и тоа се работи што најмногу ми недостигаат денес.

