Виктор Апостоловски за татковството: „Да ми кажуваше некој дека ќе се радувам на полна пелена немаше да му верувам“
- Детали
- вторник, 10 февруари 2026
„На почетокот ми беше очекувано сите да ни делат совети за бебето, па и не реагирав многу, дури и си правев мајтап. Ама никој не ми кажа дека ќе ги слушам истите работи од сите, по едно милион пати. Ти не бараш совет, ама тие сепак да ти кажат!“, вели Виктор Апостоловски за CRNOBELO.com и ни раскажа за првите месеци и предизвиците што му ги донесе татковството.

Пејачот Виктор Апостоловски и неговата сопруга Милена, на 2 декември 2025 станаа родители. Тие добија син, на кого му дадоа библиско име, Адам.
Адам е прво дете на парот, а, два и пол месеци по неговото раѓање, со Виктор зборувавме на темата „првите предизвици од татковството“ и како се снаоѓа со новиот член на семејството.
Низ разговор, Апостоловски ни откри дека тој е „живо дете“, но не и немирно, а дека по неговото раѓање, Виктор открил нова страна од себе - дека кога семејството му е на куп, сите проблеми и нервози се само прашина.

За тоа како се снаоѓа со менувањето пелени, за (небараните) совети од блиските и подалечните, но и дали е под стрес кога Адам ќе заплаче, Виктор ни раскажа низ разговорот:
Присуствуваше на породувањето на Милена... Дали планираше да бидеш со неа или тоа го решивте во моментот? Дали ти ја пресече папочната врвца?
„Да, од моментот кога дознавме дека има опција да присуствувам, бев решен да бидам дел од тој божествен момент.
Чувството беше неверојатно! Милијарда измешани емоции во еден момент. Преубо.
Инаку, не ја пресеков папочната, не знам ни дали постои кај нас таква опција.
Ама, го гледав целиот процес на собирање материјали од папочната врвца и од плацентата за матични клетки, така што, за следен пат сум подготвен!

Кој од двајцата го избра името Адам? И дали другиот се сложи веднаш или се убедувавте?
Името беше можеби најтешкиот дел од цела бременост. За женско, Милена веќе имаше некои идеи, ама од кога разбравме дека е машко, до последните месец дена се размислуваше.
Баравме нешто кратко, светско, да се изговара секаде исто, да одговара на презимето, а да не му требаат 2 дена да го запише, и да има убаво значење.
Адам беше едно од првите имиња и мислам дека предлогот го даде Милена, а мене ми фати за уво, ми се допадна значењето и звучењето и го запишавме на списокот.
Од тој момент списокот претепе милион промени, а Адам беше единственото име што остана до крајот.
И мислам дека поубав избор не можевме да направиме!

Неколку месеци по раѓањето на Адам, кој е најголемиот предизвик со кој се соочи ти како татко, а не го очекуваше воопшто?
Искрено, и немав некој посебен голем предизвик. Некако од старт сè ми беше мерак да направам, така што сите предизвици ги совладував ептен лесно.
Единствено нешто на кое ми текнува, што не очекував дека ќе биде различно, е неспиењето претходно и сега.
Претходно можев да неспијам со денови, да работам, да патувам, сè да правам и да функционирам одлично.
Откако ни дојде Адам, некако тоа неспиењето тешко оди, една ноќ буден - цел ден мамурен.
Додуша, можеби е и до годините, ама како и да е - преубо е! Животот е за да се живее - ќе спиеме кога ќе сме пензионери.

Ти беше ли страв првите денови да го земеш во раце?
Не, воопшто не ми беше! Дали дека мое, дали дека не беше поголем од другите бебиња, не знам, ама како и за сè останато и тоа одвај го чекав.
И воопшто не ми беше страв. Уште од првиот пат кога го донесоа кај Милена го кренав и го шетав низ собата.
Тоа е нешто што ден денес уживам да го правам, иако веќе почнува да тежи, ха, ха.

