Стефан Ашковски за CRNOBELO по голготата во Иран: „Не ме пуштаа да излезам од земјата, немав контакт со блиските неколку дена“
- Детали
- четврток, 05 март 2026
„Баравме решение, но не најдовме некој да ме одведе до турска граница. И тогаш шоферот ми кажа: „Стефан, Јасин ми рече да се погрижам за тебе, јас ќе те возам до таму, но почекај малку да ги спакува жена ми куферите, со неа и детето ќе тргнеме со тебе'. Во тој момент ми олесна и добив некоја надеж дека ќе успеам да излезам од земјата“ - раскажува Ашковски за CRNOBELO.com за траорните денови кои сега се зад него.

Стефан Ашковски (34), нашиот фудбалски репрезентативец, во средината на јануари годинава потпиша договор со иранскиот клуб „Мес Рафсанјан“. Нa месец и пол од потпишувањето на договорот и преселбата, тој помина низ вистинска голгота да се врати во Македонија од Иран, поради нападите во земјата.
Со истечена виза за излез од Иран, пасош оставен во хотел кој се наоѓа близу местото каде што беше убиен ајатолахот Хаменеи, без интернет (кој престанал да работи брзо по стартот на нападите) за комуникација со блиските во Македонија кои со страв го исчекувале да си дојде, Стефан тргна на пат кон дома. А по скоро три дена неизвесност, неговата приказна доби среќен крај.

За страшните последни денови во Иран, за сите мачни моменти кои ги поминал, луѓе кои не сакале да му помогнат, но и огромната помош од нашиот фудбалер Јасир Асани (кој исто така игра во Иран) и возачот на Асани, Мердар, кој бил покрај него во текот на целото патешествие, Стефан раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
„Сè почна во саботата, 28 февруари, имавме натпревар и поради тоа бевме во хотел. Последните десетина дена имаше еден другар кој цело време се зезаше и ми викаше 'Трамп ќе напаѓа, Трамп ќе напаѓа’, па и јас се шегував со него на темата.
Но, во саботата кога се симнав долу на доручек, го видов него и ми го кажа истото ‘Трамп нападна’. Му велам: ‘Ајде доста е, од сабајле најде да ме зезаш, во 9 саат на доручек’, ама ми покажа видео како гори нешто во Техеран, дека стварно имало напад.
Си викам ‘Што ќе правам сега?’. Го гледам телефонот - имам интернет. Добро е.
Одам во собата, гледам нешто на вести што има и во еден момент ми снема интернет. Оттогаш немам никаков контакт со никој.
Слегов долу, таму беше тренерот и ни кажа дека ќе мора итно да се вратиме во Техеран, ќе нема натпревар, но сите ќе може да си одиме дома.

Странци што живеат во Иран за работа мора да имаат и виза за излез од земјата, а мојата беше истечена некои 4-5 дена.
Јас знаев дека е истечена, а клубот не успеа да ми ја продолжи бидејќи таму четврток и петок е викенд, се обидоа во саботата на 28-ми, ама не успеаја.
Ми рекоа да останам барем уште еден ден таму, зашто местото е безбедно, ама јас како сите, гледав што побрзо да си отидам дома.
Ни обезбедија автобус до Техеран и патувавме околу 15 саати до таму.
Во моментот додека патуваме за Техеран, зборувам со докторот на клубот за пасошот и визата и тој ми рече дека ќе ми среди за тоа, но дека мора да му го дадам пасошот, а тој следниот ден во 8 наутро да ја направи таа излезна виза за да можам да заминам од земјата.

Јас веќе знаев од другар дека без таа излезна виза нема шанса да ја напуштам земјата, тоа им е правило, не можеш ни да платиш ни ништо за да те пуштат да си одиш.
Само, си викав, војна е, ќе мора да ме пуштат.
Кога стигнавме во Техеран, се качив во апартманот. Имав еден куфер и ставив неколку работи, се истуширав и веднаш се симнав долу, зашто знаев дека од клубот „Персеполис“ имаат организиран превоз за до турската граница.
Во меѓувреме дојде Мердар, возачот на Јасир да ми помогне околу куферите, да ги ставиме во автобус или нешто ако треба да ми се најде.
Ги оставив работите во лобито на хотелот и отидов кај автобусот да прашам дали може да одам со нив. Ми рекоа дека нема место и дека ние како играчи не може да прашуваме сами, туку да го прашаме главниот, па тој ако им потврди. Го прашавме и него, ама тој рече дека не може.
Кога ми кажаа дека не може да одам со нив, малку осетив страв, во глава ми поминуваше она, како ќе се снајдам сам, не беше едноставно.

