Стефан Ашковски за CRNOBELO по голготата во Иран: „Не ме пуштаа да излезам од земјата, немав контакт со блиските неколку дена“
Шоферот на Асани ми рече да оставам, дека ќе најдеме некој друг да ме вози, да одиме да го земеме пасошот.
А пасошот ми беше во хотелот кој се наоѓа блиску до резиденцијата каде што е убиен ајатолахот.
Возевме ама не можевме да стигнеме до хотелот. Имаше многу војници со пушки, луѓе на улиците што жалеа по убиениот лидер.
Здогледав еден мотор и велам со моторот ќе успееме да се пробиеме низ уличките за да дојдеме до хотелот. И така успеав да го земам пасошот.

Планот беше да излезам од Иран преку турската граница.
Тоа се договаравме и со шоферот, дека таму е најблиску, иако е околу 16 саати возење, и дека е можеби најдобра локација за излез, зашто таа граница работи.
Со пасошот во рака се враќаме накај хотелот по работите и го прашувам возачот: „И што ќе биде сега?“
Тој ми рече дека ќе пробаме да најдеме автобус што оди до Таврис, место во близина на границата, ама јас се прашував што после тоа - треба да најдам некој што ќе ме вози после и до граница.
Баравме решение, имавме некои 45 минути, но не најдовме никој.
И тогаш Мердар ми рече: „Стефан, Јасин ми рече да се погрижам за тебе, јас ќе те возам до турската граница, но почекај ме малку да ги спакува жена ми куферите, со неа и детето ќе тргнеме со тебе'.
Во тој момент ми олесна и добив некоја надеж дека ќе успеам да излезам од земјата.

Во моментот кога стигнав на границата за мене беше едно големо олеснување, но следните 2-3 часа беа многу тешки.
Кога стигнав и ги дадов пасошот и визата, човекот што го прегледуваше само направи ‘Уф, има некој проблем овде’. Го прашав каков проблем, војна е сега, морам да си одам дома, странец сум.
‘Не, не, не’, ми вика и ми го зеде пасошот со визата, ме ставија во една соба и чекав таму со возачот.
Дојдоа тројца луѓе и ми викаат ‘Мора да се вратиш за Техеран да си ја направиш визата зашто ти е истечена’.
Ги прашувам каде да се вратам во ситуацијава. Ај што е долг патот назад, треба да се вози 16 часа, лидерот е убиен, ништо не работи, мислам дека рекоа дека 40 дена нема да се работи, нема да може да ми дадат виза.
‘Не нè интересира, излези од собата, земи ги куферите и излези’, ми велат.

Тука Мердар почна да им зборува на ирански, да ги моли ‘дај да му помогнеме на детето, странец е, нека излезе од државата’, ама тие велеа дека не може зашто сум направил прекршок.
Ама, за среќа, во тој момент веќе добивам интернет, а Елена жена ми стапила во контакт со Умид, амбасадорот во Анкара (голема благодарност до него) и тој ми се јави, па му кажав дека имам проблем со визата.
Тој побара да зборува со нив на турски, зашто на иранско-турската граница зборуваат турски, ама Иранецот инсистираше дека сум направил прекршок и дека е илегално тоа што сакам да го направам, ама можеби ќе треба да платам казна.
Амбасадорот им рече да ме казнат, да си платам колку треба и да си одам, па ми кажа и на мене што треба да направам.
‘Да знаеш не се секирај, ќе биде добро’, ми вели Умид. Како спуштивме телефон, Иранецот ми рече да почекам малку.

