Гоце Чочков, јога инструктор: „Јогата не е религија ниту секта, не мора да сте еластични за да почнете да вежбате“
- Детали
- вторник, 05 мај 2026
„Една од грешките кај почетниците е прескокнувањето на шавасана – многумина мислат дека последната релаксација е 'губење време' и си заминуваат порано. Но, токму тогаш телото ја интегрира целата енергија од праксата и се смирува нервниот систем“, раскажува Гоце Чочков од Скоје кој е јога инструктор, а организира и крати патувања (retreats) со едрилица во Грција.

Гоце Чочков, кој е дипломиран економист, повеќе од шест години работи како јога инструктор.
52-годишниот скопјанец почнал да вежба јога пред повеќе од една деценија, а вели дека со текот на времето, оваа дисциплината станала неизоставен дел од неговиот идентитет.
Покрај курсевите и обуките за јога, тој организира и ритритс (retreats), односно кратки патувања со едрилица кои ги опишува како совршен спој на авантура, мир и длабока поврзаност со природата.
На овие патувања, секој ден е внимателно испланиран и вклучува вежбање јога, пливање, дружење и, секако, едрење.
За своето искуство со јогата и патувањата со едрилици, Гоце раскажува во интервју со CRNOBELO.com:
Кога почнавте да практикувате јога и што ве натера да станете учител? Колку долго сте јога инструктор?
Моето патување со јогата започна пред повеќе од 10 години. На почетокот, тоа беше лична потрага по баланс и физичко здравје, но со текот на времето, практиката стана неизоставен дел од мојот идентитет.
По седум години лична пракса, клучниот момент се случи благодарение на поддршката од страна на мојата тогашна инструкторка Марина. Нејзиниот поттик беше пресуден да сфатам дека сакам да го споделам со другите луѓе она што јогата ми го даде мене, а тоа беше внатрешен мир.
Така, одлучив мојата љубов кон оваа дисциплина да ја подигнам на професионално ниво и да почнам да го пренесувам тоа знаење како учител.
Како сертифициран јога инструктор работам активно од 2019 година, кога ја завршив мојата прва меѓународна обука од 200 часа (RYT 200). Сепак, верувам дека добриот учител е секогаш и ученик, па затоа продолжив со моето усовршување.
Во 2023 година го заокружив моето образование со дополнителни 300 часа обука, со што се стекнав со сертификатот 500-RYT (Registered Yoga Teacher). Ова ми овозможува да понудам многу подлабок пристап во моите часови, поткрепен со долгогодишно искуство и напредна едукација.
Што ви беше најтешко на почетокот како ученик – дали асаните или можеби гранките кои се фокусираат на духовното?
Ако треба да бидам сосема искрен – ми беше тешко буквално сè! Како почетник, се соочувате со предизвици на сите нивоа истовремено.
Од физички аспект, асаните беа огромен предизвик. Телото требаше да научи нови начини на движење, да стекне сила и флексибилност кои претходно ги немав.
Но, уште поинтересен беше менталниот и духовниот дел. Како и секој почетник, во почетокот само „мислев“ дека разбирам што правам или дека медитирам, додека всушност само се обидував да го смирам сопствениот немирен ум.
Најтешката лекција беше да научам дека јогата не е трка или натпревар, туку процес на трпение. Ми требаше време да сфатам дека духовноста во јогата не е нешто што се постигнува „на сила“, туку нешто што природно се отвора кога ќе престанеме да се бориме со сопствените ограничувања и его на подлогата. Тој почетнички отпор всушност беше мојот најголем учител.
Што ви беше најтешко на почетокот како инструктор? Кој ви е најголемиот предизвик сега?
На почетокот, најголемиот предизвик беше совладувањето на „мултитаскингот“ кој го бара оваа професија. Како нов инструктор, треба истовремено да бидете фокусирани на многу работи: да ја водите групата со гласот, физички да ги покажувате асаните, постојано да ги набљудувате практикантите за да ги поправите во нивните пози (асани), а притоа да го задржите текот на часот без да се блокирате околу тоа што следи.
Потребна е огромна ментална присутност за да се смисли и реализира квалитетен час, а истовремено да се остане поврзан со енергијата на групата. Тоа е вештина која се гради со секој изминат час на подлогата.
Денес, мојот најголем предизвик е да им помогнам на луѓето да ја видат пошироката слика. Честопати јогата се доживува само како физичка вежба или обичен тренинг од 60 минути. Мојата цел и предизвик е да ги убедам практикантите дека јогата не е само „пракса“ на подлогата, туку вистински животен стил.
Се трудам да им пренесам како тие принципи на баланс, присутност и грижа, кои ги учиме низ движењето, треба да се применат во секојдневниот живот на ментално и физичко ниво. Најголемата награда е кога ќе видам дека ученикот почнал да ја „живее“ јогата и надвор од студиото.
Како се станува јога инструктор? Кои услови треба да ги исполнуваат учениците пред да можат да се пријават на курсеви како вашите?
Патот до станување јога инструктор започнува со лична посветеност. Процесот обично се одвива преку интензивни обуки за учители (Yoga Teacher Training) кои се сертифицирани од меѓународни организации како Yoga Alliance. Овие обуки опфаќаат сè, од анатомија и методологија на подучување, филозофија, етика, и техники на дишење.
Што се однесува до условите, мојот став е дека на обука може да се пријави секој кој веќе е запознаен со јогата и ја практикувал активно одреден временски период.