Леонтина (19) од Штип е талентирана сликарка: „Првиот нацртан портрет на ДНК им го дадов лично и станавме пријатели“
- Детали
- четврток, 22 јануари 2026
„Мој прв вистински предизвик беше портрет на мојот брат и мојата сестра. Кога видов колку беа воодушевени моите најблиски, во мене се роди желба да цртам уште повеќе. Моите родители го препознаа мојот талент и искрената љубов кон уметноста и ми дадоа силен ветер во грб“, вели за CRNOBELO.com младата сликарка Леонтина.

Леонтина Станковска (19) од Штип, од свои 14 години се занимава со уметност.
Вели, тоа за неа не е само професија или талент, туку начин на живот, начин на чувствување и начин на кој најискрено се изразува.
Леонтина најчесто слика портрети, а од нејзината работилница се изезени и портрети на Тоше Проески, Андреј и Панчо од ДНК.

За љубовта кон уметноста и неверојатниот талент што го поседува, оваа млада девојка раскажа за CRNOBELO.com:
„Со уметност сериозно почнав да се занимавам од мојата 14 година, иако љубовта кон цртањето ја носам уште од најмала возраст.
Уште во градинка се издвојував по мојата креативност и постојаната желба да цртам.
Растев во дом опкружен со музика и емоција, што несвесно ме обликуваше и ме насочи кон уметноста.

Во основно училиште немав голема потреба да се изразувам ликовно, но токму моментите на тишина и слободно време дома разбудија една силна енергија во мене.
Почнав спонтано да цртам, а најинтересно од сè беше тоа што уште од самиот почеток ме привлекуваа ликовите.
Сакав да откријам дали експресијата и емоцијата што ја гледам во нечии очи може да се пренесе на хартија.

Мојот прв вистински предизвик беше портрет на мојот брат и мојата сестра.
Кога видов колку беа воодушевени моите најблиски, во мене се роди желба да цртам уште повеќе, со цел преку моите цртежи да израдувам некого секој ден.
Моите родители го препознаа мојот талент и искрената љубов кон уметноста и ми дадоа силен ветер во грб.
Ми дозволија храбро да чекорам по тој пат и да се запишам во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје - одлука која засекогаш ми го промени животот.

Тоа училиште за мене беше нов свет. Запознавањето со уметноста, големите уметнички дела и уметници, изучувањето на различни техники и културното богатство што таму го добив, се искуство кое тешко се опишува со зборови.
Уште во прва година јас и моите пријатели се издвоивме како амбициозни и посветени и имавме чест да ја реализираме нашата прва изложба.
Еден мој цртеж - репродукција на цртеж од Антонио Канова, беше награден од Италијанската амбасада.

Во текот на средното образование ги совладав речиси сите ликовни техники - од цртање со графит и јаглен, до сликање со акрилни, маслени и акварелни бои, пастел, темпера, фреско-живопис, моделирање и мозаик.
Особено силно искуство за мене беше цртањето портрет и акт по жив модел, бидејќи тогаш постои директна врска со човекот пред тебе, вистинска размена на енергија и емоција.

Уште од почетокот моите дела ги споделував на мојата уметничка страница „Леонтина Арт“.
Со текот на времето, мојата работа беше препознаена и од пошироката јавност, па започнав да цртам портрети и карикатури по нарачка.

