Каде е и што прави денес Елвир Мекиќ, кој ги оптеа хитовите „Опасно“ и „Некаде после 2“?
И покрај тоа што години наназад повеќе е посветен на бизнисот отколку на музиката, Елвир не успеа да ѝ одолее на својата прва љубов - пеењето.
По повеќе од 10 години пауза, кон крајот на 2024 година се врати на сцената со нова верзија на „Некаде после 2“, овој пат снимена во дует со Пајак.

Лани, пак, го испеа и хитот „Адреналин“ заедно со Јован Јованов, а неодамна ја промовираше и песната „Дијамант“.
Оваа песна беше најава за концертот што ќе го одржи на 06.06 во Скопје, а кој е заеднички концерт на Елвир и неговиот најдобар пријател, но и музички соработник, Јован Јованов.

За својата љубов кон музиката и враќањето на сцената по една деценија, Елвир ни раскажа:
„Музиката никогаш не престанала да биде дел од мене, дури и кога не бев активен.
Таа е моја прва љубов и нешто што секогаш ме враќа кон себе.
По толку години, чувството кога повторно влегов во студио беше посебно и природно, како да не сум паузирал ни ден.
Ова враќање за мене е нов почеток, но со истата емоција како порано“.

А на прашањето: „Баш чаршија или Стара скопска чаршија (и зошто)?“, ни одговари:
„И двете имаат своја посебна убавина и шарм, но Скопската чаршија ми е поблиска на срцето.
Тоа е место полно со живот, историја и спомени, каде секоја улица носи своја приказна и енергија што не се заборава.
Баш Чаршија во Сараево е навистина магична - со свој уникатен дух и атмосфера која те освојува веднаш.
Уживам во двете, секоја на свој начин.“

Повеќе фотографии во продолжение:


