Емина Јаховиќ за CRNOBELO: „Децата се навикнаа на невистините за мене - беше тешко по разводот, но го преживеавме тоа“
- Детали
- четврток, 14 мај 2026
„Мојот живот во Истанбул е нормален. Во однос на тоа како некои луѓе можеби го замислуваат - не е така. Јас сум мајка на две момчиња, се грижам за нив, имам свои пријатели со кои се гледам понекогаш, одам во теретана. Многу обичен живот, кој не се разликува многу од животот на останатите“, вели Емина Јаховиќ во интервју за CRNOBELO.com.

Балканската ѕвезда Емина Јаховиќ, по повеќе од 20 години кариера, ќе одржи прв концерт во Скопје.
А сепак, во нашиот главен град доаѓа често, секојпат кога работи на свои нови песни со продуцентот Дарко Димитров, кој е нејзин голем пријател.
Емина, пак, во живо е подеднакво импресивна како и на телевизија или на социјалните мрежи.

Зборува тивко, смирено, а од неа избива неверојатно силна позитивна енергија и поседува шарм со кој плени.
Пред скопскиот концерт, кој ќе се случи вечерва (14.05), таа се дружеше со македонските новинари.
„Мило ми е што сум со вас. И едвај чекам да запеам пред македонската публика.
Често од колегите слушам дека сте неверојатни и се надевам дека и мене ќе ме пречекате така, со раширени раце“, ми кажа Емина пред почетокот на интервјуто.

А, за CRNOBELO.com разговаравме и за нејзината кариера, синовите, животот во Истанбул. Прочитајте го целото интервју:
Низ годините многу често доаѓате во Скопје, работите со Дарко Димитров, а сепак ова е прв ваш концерт кај нас. Зошто чекавте толку долго да се претставите пред македонската публика?
Да, работев многу тука во Скопје, токму со Дарко. И тоа беше една навистина прекрасна, феноменална соработка.
Но, сега сум на турнеја што се случи по издавањето на овој албум, Svitanje, и беше некако судбински да се случи конечно и концерт во Скопје.

Како изгледа вашиот живот во Истанбул, дали е навистина толку раскошен како што пишуваат медиумите, или некогаш се претерува?
Мојот живот во Истанбул е нормален живот. Мислам, во однос на тоа како некои луѓе можеби го замислуваат - не е така.
Јас сум мајка на две момчиња, имам два сина, се грижам за нив, имам свои пријатели со кои се гледам понекогаш, одам во теретана.
Многу обичен, нормален живот, кој не се разликува многу од животот на сите останати.

Како мајка, а не како музичар, како се носите со невистините напишани за вас? Дали мора да им објаснувате на синовите некогаш дека не сте направиле нешто или дека не си во врска со некој за кој велат дека ви е партнер? Дали ве исцрпува тоа?
Моите деца веќе се навикнати, но имаше моменти кога беше навистина тешко за сите нас, особено во моментите по мојот развод.
Но, децата го преживеаја тоа, и фала му на Бога пораснаа и сега разбираат што значи да се биде јавна личност и што е вистина, а што не е.
Веќе нема потреба да им објаснувам некои работи.

Колку мајчинството ве промени како личност, но и како уметник?
Па, мајчинството те омекнува, мајчинството те прави поемоционална, некако те менува целосно.
Едноставно, мајчинството те врти за 180 степени, созреваш, растеш, стануваш поодговорен и како музичар и како жена.
