Жарко Димитриоски за татковството: „Ника е динамична и упорна - тоа кај мене го нарекував карактер, кај неа го викам инат“
- Детали
- петок, 22 мај 2026
„Пелени менувам брзо и ефикасно, тоа ми е силна вештина, можам да се пофалам“, вели Жарко Димитриоски за CRNOBELO.com и ни откри интересни работи поврзани со татковството и неговата ќерка Ника.

Ќеркичката наскоро ќе полни 2 години, а Жарко и неговата сопруга Ивана веќе се подготвуваат и за раѓањето на второто дете.
Иако не зборува често за својата приватност, а на социјалните мрежи скоро и да не споделува семејни моменти, Жарко за CRNOBELO.com, ни раскажа интересни моменти поврзани со неговата ќерка, која не крие дека му е миленичка и дека ја обожава.

Што ни откри за татковство, прочитајте во интервјуто:
Се сеќаваш ли на моментот кога првпат ја виде ќерката? Какво беше чувството?
Се сеќавам. Тоа е едно нешто кое не се заборава.
Првата секунда кога ја земав во раце ми е овековечена на позадина на мобилниот и си ја гледам секој ден.

Беше ли покрај сопругата додека таа се породуваше?
Да, таму е направена и фотката, сопругата нè сликаше...
Немавме некој посебен план да направиме така, генерално низ разговор сопругата рекла дека добро би било да дојдам и дојдов веднаш.
Потоа, откако тргна процесот, останав со неа и фала Богу, сè беше во најдобар ред и таа пројде низ сè многу храбро и силно.
Таква мајка е и оттогаш, имам само најубави зборови. Сè на сè, беше едно фасцинантно и уникатно искуство.

Дали ѝ помагаш на сопругата во обврските со ќерката - да се избања, преоблече? Си менувал ли некогаш пелени?
Помагам секогаш кога можам. А пелени - менувам брзо и ефикасно, тоа ми е силна вештина, можам да се пофалам.
Генерално, буквално секој миг надвор од некакви обврски ми е дома со сопругата и ќерката или некаде надвор ако шетаме.

Како го минуваш времето кога си сам со Ника, што ви е омилена забава?
Нејзината омилена активност е читање. „Тато, читај“ е најчесто изговорено нешто.
И искрено, ме радува многу тоа што не може да се изнасити од читање басни, бајки, Bluey, Peppa Pig, Winnie Poo, што сè не.
Ако некоја особено ѝ се допадне дента и баш таа сака да ја чита, можеме и десетпати да ја поминеме, ист ќе е ентузијазмот...
