Анастасија oд Скопје: „Бев на гала вечер на Кански фестивал, продадов свој фустан, Шерон Стоун држеше говор“
- Детали
- среда, 27 мај 2026
„Имав можност да присуствувам на хуманитарен настан поддржан од Кански филмски фестивал, кој традиционално се одржува за време нa фестивалот. Меѓу гостите беа холивудските ѕвезди Кевин Костнер, Шерон Стоун и Олга Кириленко, како и дипломати, амбасадори, политичари“, вели Анастасија Атанасовска (26), моден дизајнер од Скопје, и го споделува искуството за CRNOBELO.com.

Анастасија Атанасовска (26) е моден дизајнер од Скопје, основач на брендот A2 Atelier, која беше дел од настан поддржан од Кански филмски фестивал.
Таа вели дека меѓу гостите на настанот биле и Кевин Костнер и Шерон Стоун и дека ова било остварување на нејзините соништа.
Анастасија го споделува искуството за CRNOBELO.com:
„Модата е дел од мојот живот уште од многу мала, а денес зад мене стои сопствено ателје, модни колекции и настапи на значајни настани во Македонија.

Кан отсекогаш бил симбол на светот кон кој се стремев како дизајнер.
Години наназад ги следев настаните, црвените теписи и приказните што се создаваат таму, замислувајќи како еден ден и јас ќе бидам дел од таа сцена. Затоа ова патување не го доживеав како случајност, туку како остварување на еден долгогодишен сон.

Оваа година имав можност да присуствувам на Better World Fund Gala во Кан – престижен хуманитарен настан поддржан од Cannes Film Festival, кој традиционално се одржува за време нa фестивалот.

Better World Fund претставува меѓународна организација која преку филмот, уметноста, модата и културата поддржува хуманитарни иницијативи и глобални општествени проекти.
Овогодинешната гала вечер беше организирана во соработка со Амбасадата на Египет во Франција и собра бројни светски познати личности од светот на филмот, модата, политиката и бизнисот.

Меѓу гостите беа холивудските ѕвезди Кевин Костнер, Шерон Стоун и Олга Кириленко, како и дипломати, амбасадори, политичари и влијателни личности од различни земји. Да се најдам во такво друштво и во атмосфера каде што на едно место се спојуваат филмот, модата и хуманоста беше искуство кое тешко се опишува со зборови.


Уште во самиот момент кога пристигнав во Кан, чувството беше нереално. Градот живее во ритамот на фестивалот.

На секој чекор има фотографи, ексклузивни настани, познати лица и атмосфера која не може да се опише со зборови. Во еден момент само застанав и си реков: „Ова навистина ми се случува...“

За време на престојот присуствував на повеќе ексклузивни модни и networking настани, меѓу кои и настан организиран од Roberto Cavalli.
Запознав луѓе од различни делови на светот, разменив контакти, идеи и искуства и имав можност да го претставам мојот бренд A2 Atelier пред публика која доаѓа од модни, медиумски и бизнис кругови од различни држави.

Еден од најпосебните моменти за мене беше тоа што A2 Atelier беше дел и од хуманитарна аукција во рамки на Better World Fund, каде што еден мој дизајн беше дониран и успешно продаден на аукцијата.
Тоа беше момент што никогаш нема да го заборавам. Не го доживеав само како моден успех, туку како потврда дека работата која ја градам може да допре и надвор од границите на Македонија.
