Кристина од Скопје за животот и студиите во Рим: „Тука студентите се поопуштени – нормално е некој да задоцни на предавање“
- Детали
- вторник, 02 јуни 2026
„Во Рим студирав една година, како дел од dual degree (двојна диплома) програма. Паралелно со факултет се занимавав и со моделинг. Рим е еден од градовите што навистина може да направи да се чувствуваш како да си во филм“, споделува Викторија од Скопје за годината што ја поминала на студии во Рим.

Кристина Велковска од Скопје поминала една година во Рим каде што студирала, а паралелно работела и како модел.
Вели дека Рим е град кој навистина прави да се чувствуваш како да си во филм, а студирањето во Италија значително се разликува од студентскиот живот во нејзината родна Македонија.
За периодот поминат во Рим, 23-годишната Кристина раскажува во интервју за CRNOBELO.com.
Целото интервју во продолжение:
Колку долго живееше во Рим и што студираше? Дали само студираше или паралелно и работеше нешто?
Во Рим живеев околу една година, каде што студирав на University of Rome Tor Vergata како дел од dual degree програмата помеѓу University American College Skopje (UACS) и универзитетот Tor Vergata во Рим.
Станува збор за меѓународна програма по бизнис администрација и економија, во рамки на која две години студирав во Скопје, а една година во Рим.
Со завршувањето на програмата се стекнав со две дипломи — една од UACS во Скопје и една од University of Rome Tor Vergata.
Паралелно со факултетот се занимавав и со моделинг, нешто што отсекогаш ме интересирало.
Рим, како еден од светските центри на модата, ми даде можност да бидам дел од многубројни фотосесии, ревии и креативни проекти преку кои стекнав нови искуства во модната индустрија.
Иако не беше секогаш лесно да се балансираат студиите и моделингот, токму тоа ме научи на дисциплина, организација и посветеност.
Како стигна дотаму?
До оваа можност стигнав преку dual degree програмата помеѓу University American College Skopje (UACS) и University of Rome Tor Vergata.
Најпрво требаше да се исполнат академските услови и да се помине процесот на аплицирање и подготовка на потребната документација за студирање во Италија.
Бидејќи Македонија не е дел од Европската Унија, беше потребно и вадење студентска виза, како и дополнителни административни процедури поврзани со престојот таму.
Иако целиот процес бараше време и добра организација, навистина вредеше поради искуството и можностите што ги добив. Она што многу ми помогна беше поддршката од факултетот и добрата организација на самата програма.
За студентите од Македонија ваквите меѓународни програми се одлична можност да стекнат европско образование, нови контакти и искуство со живот во странство.