На одмор со Кристина во Сикиа, на вториот крак во Грција: „Шетаме по различни плажи, децата не тргаат без суп-даска“
- Детали
- понеделник, 20 јули 2026
„Самата плажа Sykia beach е огромна и има голем простор за сопствена опрема, но и околните плажи кои не се толку големи, на секоја од нив има и бич барови со лежалки, но и дел каде што можеш да ставиш сопствена опрема“, вели Kристина Брњарчевска од Скопје.

Kристина Брњарчевска од Скопје со сопругот и двете деца како дестинација за одмор годинава го избра вториот крак, поточно местото Сикиа.
Сикиа (Sykia) е традиционално село и крајбрежна област на вториот крак од Халкидики, во регионот Ситонија. Оддалечено е околу 310km од Скопје.
Кристина за CRNOBELO.com ги споделува своите впечатоци:
„Бевме на одмор во Грција на вториот крак, местото се вика Сикиа. Сикиа е старо село, во голем дел со сочуван изглед од 19. Век.

На вториот крак сме биле и претходно, но конкретно во Сикиа, бевме за првпат и искрено иако е местото малечко, многу ни се допадна.

Бевме сами семејно неколку дена, но потоа ни дојде друштво исто така со дечиња.
Бевме сместени во апартман. Апартманот беше на околу 2.5km од најблиската плажа.

На прашањето: „Дали претпочиташ одмор на кој ќе шеташ по различни плажи или целодневно излежување на плажа?“ до лани ќе ви одговорев дека сакам да се сместам и плажата да ми биде на чекор од апартманот, но од оваа година решивме да одиме поавантуристички и скоро секој ден одевме на различни плажи.

Исто така, досега секогаш сум бирала да одиме на плажи со лежалки, ама сега си набавивме сопствена опрема, па отсега натаму планираме да одиме така.

Општо, готвењето не ми претставува никаков проблем, дури и уживам во тоа, но сепак кога одиш секој ден на различни плажи, нема ни простор кога да се готви.

Секако готвам најосновни работи за појадок или, пак, за вечера, а ручаме на плажата каде што сме отидени тој ден.

Последниве две години децата уживаат со суп-даска и по цел ден се возат на неа, така што без тој реквизит не тргаме никаде.
