Љубовната приказна на Александар од Богданци и Шер од Кина - се запознале во Берлин, ја запросил во Амалфи, се венчаа во Кина
- Детали
- сабота, 06 јуни 2026
„Правевме свадба во родниот град на Шер во Кина, имавме традиционално кинеско земање невеста со моите блиски, а на родителите се обративме јас на кинески, таа на македонски. Сега живееме во Хамбург, а кога сме во Македонија моето семејство секогаш прави сарма за неа. За Охрид вели дека е како од бајка, но не ѝ се допаѓа ѓубрето и односот кон животните“ - вели за CRNOBELO.com Александар Трајчевски.

Неодамна објавивме интервју со Томица од Богданци, кој ни раскажа за целото искуство да се присуствува на свадбата на најдобриот пријател од детството, која се случи во Кина.
Сега го контактиравме и Александар Трајчевски (32), младоженецот, кој ни ја раскажа љубовната приказна со неговата сопруга Cher Chang (30) од Чангчун, Кина.
Нивната приказна започнала пред 6 години во Берлин, тој од Богданци, таа од Кина, а моментално живеат во Хамбург, Германија, каде што Александар работи како F&B Manager во Marriott Hotel, а Cher како Project Manager во Columbia Cruise Services.

„Нашата приказна започна во Берлин пред шест години, а денес заедно градиме живот исполнет со многу патувања, различни култури, семејни вредности, мали секојдневни моменти и заеднички спомени низ светот.
Од Македонија и Кина, па сè до Германија, веројатно најубавиот дел од нашата приказна е што и покрај тоа што доаѓаме од два различни света, секогаш успевавме да се пронајдеме некаде на средина“ - вели Александар за CRNOBELO.com.

Во продолжение целото интервју со Александар за љубовната приказна со Шер:
Кога, каде и како се запознавте? Раскажи ни нешто за почетоците.
Се запознавме во Берлин, на забава кај заеднички пријатели, во 2019 година. Уште на првиот впечаток ми беше интересна, но искрено, не беше баш така лесно да ја освојам.
Јас бев тој што мораше навистина да се потруди на почетокот за да ѝ покажам кој сум и да ја запознаам подобро.
Нашиот прв состанок беше многу едноставен – пица и кино, каде што го гледавме „Joker“. Немаше ништо спектакуларно, но токму во тие обични моменти почна сè.
Потоа дојде COVID периодот и некако светот застана, а ние двајцата станавме уште поблиски.
Поминувавме многу време заедно, разговаравме за сè, учевме еден за друг и постепено сфативме дека, иако доаѓаме од различни култури, многу добро се разбираме на некое подлабоко ниво.

Колку време сте заедно? Дали имавте врска на далечина во некој момент?
Заедно сме веќе 6 години и интересно е што од моментот кога се запознавме, никогаш не сме биле разделени повеќе од две недели.
По само шест месеци почнавме да живееме заедно. Луѓето често велат дека тоа било поради COVID, но вистината е дека едноставно „кликнавме“.
И покрај сите културни разлики, секојдневниот живот со неа ми беше многу природен и лесен.
Мислам дека најважно е што уште од почетокот бевме искрени еден со друг и никогаш не се обидувавме да бидеме нешто што не сме.

Кога и како ја запроси?
Ја запросив минатото лето во Амалфи, Италија. Искрено, сè се случи прилично спонтано. Прстенот го купив само две недели пред патувањето, иако одморот го имавме планирано многу порано.
Во еден момент сфатив дека Амалфи е совршеното место за таков чекор – целиот тој медитерански амбиент, морето, малите улички, романтичната атмосфера…

По вечерата во еден rooftop ресторан, отидовме на прошетка покрај морето.
Стигнавме до едно место кое беше буквално на самиот крај од патеката, опкружени само со морето и светлината од полната месечина. Не го имав испланирано до толку детално, но сè изгледаше како филмска сцена.
Кога клекнав и ја запросив, веднаш откако кажа „да“, одеднаш се слушнаа црковни ѕвона. И денес кога ќе помислам на тој момент, ми изгледа нереално.

Каде правевте свадба? Како се одлучивте да биде во Кина?
Свадбата ја правевме во Чангчун, родниот град на Cher во Кина. Изнајмивме вила на периферијата од градот и таму се одржа буквално сè – традиционалното кинеско „земање на невестата“, церемонијата и ресторанот. Тоа многу ни ја олесни организацијата.
Првичниот план беше да имаме поголема свадба и во Македонија, па дури разговаравме и со свештеници за крштевање на Cher.
Минатиот октомври бевме во Македонија и разгледувавме локации, но бидејќи и двајцата имаме доста динамична работа, ни требаше многу брза организација.

Во Кина тоа некако одеше многу полесно и побрзо, а и нејзиното семејство навистина многу помогна околу сè. Во Македонија, за жал, многу термини веќе беа зафатени за мај и организацијата не одеше толку лесно.
Сепак, планираме и тука да направиме помала церемонија, повеќе интимна и семејна.

Раскажи ни накратко впечатоци од свадбата...
Искрено, целата свадба ми изгледаше како сон. Cher беше вистински „организациски монструм“ во најпозитивна смисла – држеше сè под контрола, а јас се трудев да помогнам колку што можам.
Најемотивен момент за мене беше вечерта пред свадбата, кога ги имавме последните проби.
Тогаш за првпат застанав и сфатив што всушност се случува – јас сум во Кина, се женам со жена што ја сакам, а луѓето што ми значат најмногу дошле од Македонија, Европа и од различни делови од светот за да бидат таму со нас. Не можев да спијам од емоции.

На самиот ден станавме во 5 сабајле, фотографите дојдоа уште во 6 часот и започна целата магија.
Прво имавме традиционално кинеско земање на невестата, сите облечени во традиционална кинеска облека, а потоа се подготвувавме за „западниот“ дел од церемонијата.
