Љубовната приказна на Александар од Богданци и Шер од Кина - се запознале во Берлин, ја запросил во Амалфи, се венчаа во Кина
Вилата беше декорирана со фотографии од нашата приказна, нашите завети беа напишани и на кинески и на англиски, а гостите можеа да читаат за нашето патување додека пијат лимонада во дворот.
Имавме сцена со портокалово дрво во позадина, а јас влегов со четворицата девери на „Sweet Caroline“ од Neil Diamond. Девериците влегоа со „Next To Me“ од Imagine Dragons, а Cher влезе со нејзините родители.

Целата церемонија ја водевме сами, на кинески и англиски јазик. Зборувавме за нашата приказна, за луѓето што ни значат и за тоа што е навистина важно во животот.
Еден од најемотивните моменти беше кога им се обративме на нашите родители – јас на кинески, таа на македонски.
Во ресторанот влеговме со песната „Лутка“ од С.А.Р.С., што искрено беше момент кој никогаш нема да го заборавам.

Какви жени се Кинезинките? Каква е Шер?
Од моето искуство, кинеската култура е многу семејно ориентирана. Она што најмногу ме импресионираше е почитта кон постарите.
Навистина се грижат за семејството и секогаш гледаат да им помогнат на другите.
На пример, за време на вечери, помладите секогаш им даваат предност на постарите, им сервираат, се грижат сите да бидат услужени.
Има многу мали гестови на почит кои кај нив се природни.

Cher не би рекол дека е типична Кинезинка. Таа многу ги сака традициите, но е и многу отворена, комуникативна и екстровертна.
Мислам дека луѓето често ги замислуваат Кинезите како резервирани, но кога ќе ги запознаеш подобро, сфаќаш колку се топли и емотивни.
Таа е многу романтична личност. Сака романтични книги и филмови, пишува емотивно и обрнува внимание на мали детали. Една од омилените книги ѝ е „Гордост и предрасуди“ од Jane Austen.
Мене лично најмногу ми се допаѓа нивната гостопримливост и колку се искрени кога некого ќе прифатат како свој.

Што е најромантичното или најлудото нешто што сте го направиле еден за друг?
Не сме баш импулсивни луѓе што прават екстремни работи, но мислам дека сме романтични на некој наш начин.
Cher секоја година ми прави уникатни роденденски торти – со пораки на македонски, со мојот омилен фудбалски клуб, па дури и Bubble Tea торта.
Од друга страна, јас сакам да ја изненадувам со мали патувања и викенд-авантури. Имаме многу убави спомени од места како Bohemian Switzerland, Malaga или Cochem.
За нас романтиката е повеќе во вниманието и времето што го вложуваш во некого.

Има ли разлики помеѓу вас? Како наоѓате баланс?
Секако дека има разлики. Доаѓаме од различни култури, различни семејства и различен начин на живот.
Искрено, мислам дека од неа научив многу повеќе за грижата кон другите луѓе и за семејните вредности. А јас некако ја научив да биде помирна и потрпелива во одредени ситуации.
Но, најважно е што имаме ист поглед кон животот. И двајцата сакаме да патуваме, да запознаваме нови култури, да доживуваме нови работи и да живееме живот исполнет со емоции и искуства.

Сакаме и многу едноставни работи – вечер со пријатели, добро вино, добра храна, домашни коктели, gaming викенди или само мирна вечер дома со нашите две мачки.
Мислам дека токму тоа е балансот, да можеш да уживаш и во големите моменти, но и во сосема обичните денови.

Дали таа била во Македонија? Како ѝ се допаѓа?
Да, беше трипати во Македонија.
Првиот пат дојде за Божиќ и навистина ѝ беше интересно да ги види нашите традиции.
Многу ѝ се допаѓа нашата историја и гостопримливоста на луѓето. Каде и да одевме, сите нè пречекуваа со полна маса и домашна храна. Моето семејство дури се трудеше секогаш да има сарма, бидејќи тоа ѝ е омилено македонско јадење.
Охрид особено многу ѝ се допадна. Вели дека изгледа како бајка и често им го препорачува на своите пријатели.
Она што не ѝ се допаѓа е што понекогаш не се грижиме доволно за околината – ѓубре по улици или во природа, како и односот кон животните.
И двајцата сме големи љубители на животни, па тоа секогаш ни остава впечаток.

Каде живеете сега и каков животен стил имате?
Моментално живееме во Хамбург. Се запознавме во Берлин, но минатата година се преселивме поради нејзината работа.
Имаме стан со голема тераса каде што нашите две мачки обожаваат да поминуваат време на сонце. И двајцата работиме со полно работно време на менаџерски позиции, па животот ни е динамичен, но секогаш гледаме да најдеме време еден за друг.
Сакаме мали европски патувања, но и поголеми авантури како Тајланд, Дубаи, Индонезија, Египет или Кина.
Искрено, не живееме некаков „совршен Инстаграм живот“. Имаме стрес, работа и обврски како сите други.
Но, мислам дека сме среќни затоа што научивме да уживаме и во големите патувања, и во најобичните моменти дома.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело