Игор Џамбазов за CRNOBELO: „Докторот што ме оперираше рече дека ќе останев без десната нога над колено - тоа ме освести“

И што е најважно за мене, од татко ми го наследив она што не се плаќа со пари - го наследив генот, го наследив она што он го имаше кон музиката.

Јас од дете, и тоа ми се неизбришливи траги, го гледав татко ми, како со часови седи на клавирот, со главата наведната и со замижани очи.

Тој не беше обичен композитор, тој беше генијалец.

Тој знаеше 8 часа да биде на пијаното, со главата наведната и со замижани очи, и само вечерта ќе објавеше во дневната соба дека ја завршил новата композиција.

Имавме два клавира, еден во неговата работна соба, еден во дневната соба. И ќе дојдеше во дневната, а мајка ми, јас и сестра ми, како прва публика, ги оценувавме неговите песни.

Имаше многу квалитети тој човек, а јас се обидувам што повеќе да украдам од тие негови квалитети, но тоа што е во генот, и да не сакаш да го носиш во себе - го носиш.

igor-djambazov-za-crnobelo-doktor-shto-me-operirashe-reche-deka-kje-ostanev-bez-desnata-noga-nad-koleno-toa-me-osvesti-11_copy.jpg

Карактерно, повеќе влечете на Прличкови или на Џамбазови?

Леле, кај мене тоа е малку компликувано. Сестра ми Тања и јас личиме на своите родители. До мојата 50-та година, јас личев на семката на Прличкови - носот, челото... исто на дедо ми, на мајка ми.

Како наполнив 50 години, и брадата и диоптерските очила ми станаа некаков имиџ, почнав да личам на татко ми. И да сакаш и несакајќи, почнуваш да личиш на својот родител.

А сестра ми, обратно, таа до својата 50-та година беше иста како него. Иста конституција, висока, слаба, воздржана, одмерена, чесна. Но личеше на Џамбазови.

Сега да ја видиш - иста мајка ми Анче на 30 и нешто години.

igor-djambazov-za-crnobelo-doktor-shto-me-operirashe-reche-deka-kje-ostanev-bez-desnata-noga-nad-koleno-toa-me-osvesti-15_copy.jpg

Што сметате дека е вашиот најголем приватен успех?

Тоа што сум жив. И нормален. Што би рекол јас, жив и по малку нормален.

Јас сум 50 и кусур години на сцената, јас не почнав завчера. Ги научив сите сопки уште на студиите по глума, кога немав ни 20 години. Таму уште еднаш ми се потврди во што влегувам, иако јас и како дете знаев во што влегувам.

Секојдневно со мајка ми и со дедо ми одев во театар, уште од дете бев глумец. На студиите морав трипати помакотрпно да работам од сите други, за да бидам на исто рамниште.

И ќе ти кажам дека јас долго време водев борба со самиот себе. Дури и како дипломиран актер, уште непримен во Драмскиот театар, на неколку пати се запрашав, сериозно дали сум јас за глума.

Толку бев самокритичен, и тоа ми е една од најважните доблести на кои сум горд - дека ден денес сум самокритичен.

Ако нешто не е добро, прво сам на себе кажувам, а ако некој мој близок направи нешто што не е на неговото ниво, најдругарски го советувам да не го прави на тој начин, да не го прави така.

Знаеш, сум имал многу добри учители, и на толку добри учители, нормални се ситуации во животот кога не знаеш чиј совет е подобар, кога не знаеш по чиј пат е подобро да тргнеш.

Но, ете, кога ќе купиш од многу места, по малку квалитет, и сето тоа ќе го накалемиш на својот талент - ете, јас се сметам себеси и за успешен актер, а и за успешен човек.

igor-djambazov-za-crnobelo-doktor-shto-me-operirashe-reche-deka-kje-ostanev-bez-desnata-noga-nad-koleno-toa-me-osvesti-13_copy.jpg

Без разлика на тоа што хејтерите мислат дека тоа што го правев во младоста го правам сè уште - мора секој да има право на втора шансa.

Проблемот кај нас e што, на некои луѓе ни четвртата, ни деветтата, ни осумдесет и втората шанса не им се доволна.

Животот лета луѓе, лета. Јас сега може да ти раскажам пред 25 години каков муабет сум правел со Коле Ангеловски после пробата во Драмски театар.

Толку мене ми било значајно тоа што сум го правел, тоа што сум учел од тие актери, од тие режисери, што сум бил во нивно друштво, што тие повозрасни дваесетина години од мене ме прифатиле, не само заради тоа што сум внук на Петре и син Анче, туку виделе некој квалитет во тоа што го правам.

И јас како многу млад влегов во тие легендарни познати екипи на комедијанти: Гоце, Ванчо, Дади, Мешко, Чоре, Ѓокица Лукаревски.

Така што на тоа сум горд. Толку многу работевме, што на некои работи не се сеќавам. Имаше денови кога влегувавме во Македонска телевизија, таа екипа, снимавме од 7 часот цртани филмови докај 10-11, па си правевме пауза во бифето, па после снимавме радиодрама, а вечерта снимавме на пример, скетчови за Театарче Лево ќоше.

Цел ден си во зградата. И само те бркаат како мечка од студио во студио. Тоа беше продуктивно време. Имаше и квантитет, имаше и квалитет. За жал овие мои млади колеги, немаат  шанса да го почувствуваат на таков начин со оваа технологија.

igor-djambazov-za-crnobelo-doktor-shto-me-operirashe-reche-deka-kje-ostanev-bez-desnata-noga-nad-koleno-toa-me-osvesti-12.jpg

Ако ви се најави гостин да ви дојде во Дојран, како ќе го пречекате?

Едвај чекам да ми дојде некој. Јас сите ги канам. Првите 2-3 години не ме сфатија сериозно, си мислеа дека тоа ми е некој хир што ќе ми помине.

Куќата е скоро готова, и наскоро ќе почнам со вселување и дека третата младост ќе ми почне во тој момент кога ќе влезам во новата куќа од која се гледа Дојранско Езеро, во својата најубава величина, Беласица од другата страна, долу деца се бањаат, а Беласица половина со снег.

И ете, другарите ме зафркаваат ми викаат дека како Хемингвеј живеам, а мене ми е убаво кога луѓето го прифаќаат Дојран заради мене, многу сум горд што знам дека десетина семејства ги оставија своите станови и по градовите, за да дојдат во Дојран и да почнат да си живеат нормален живот.

Повеќето се пензионери, но еве и јас ќе сум пензионер од другата година. Што да правиме ние пензионерите, да се отепаме дека сме пензионери (ха, ха)?

Драго ми е дека успеав да ги убедам луѓето дека Дојран е вистинско место за оние што бараат мир, сталоженост, бавен живот. Таму е се 3 на час, овде е 300 на час.

Таму е друга клима. Кога ќе станам од сабајле, гледам што попрво, да го зграпчам денот.

Скопје е град на мојата младост, мојот роден град, но за жал, јас не го чувствувам веќе така.

Јас се чувствувам како да сум роден во Дојран, си се убедив себеси дека сум чист дојранчанец.

igor-djambazov-za-crnobelo-doktor-shto-me-operirashe-reche-deka-kje-ostanev-bez-desnata-noga-nad-koleno-toa-me-osvesti-03.jpg

Кое е едно јадење што секогаш си го спремате најубаво на самиот себе и никој не може да ви го погоди толку добро?

Плазма кекс со чоколадно млеко.

И перверзијата е што одозгора му ставам и мелен кекс, а ако има при рака некој шлаг или чоколаден крем, два и пол милиони калории има.

Но ете, понекогаш сакам да го вечерам тоа, иако е строго забрането за луѓе што имаат вишок килограм како што имам јас.

igor-djambazov-za-crnobelo-doktor-shto-me-operirashe-reche-deka-kje-ostanev-bez-desnata-noga-nad-koleno-toa-me-osvesti-04_copy.jpg

Продолжува на следната страница...


Би можело да ве интересира:

Боро Мирчески: „Син ми до 3 и пол години не кажа ниту еден збор, по многу работа, на првото ‘мама’ -... „Првите знаци дека во развојот на детето се можни заостанувања беа околу 18-иот ...
„Учев на свеќи, во контакт сум со биолошката мајка“: Марија од Пехчево порасна во СОС Детско село - ... „Би лажела ако кажам дека целото мое детство било тешко, иако подоцна стана. Жив...
Владо Георгиев за CRNOBELO: „Јас, како маж, не треба да им викам на своите ќерки, со сопругата не им... „На скала од 1 до 10 колку сум строг како татко, би рекол 2 ха, ха. Ние татковци...
Љубовната приказна на Тања Кочовска и Предраг Павловски: „Ме запроси во 5 наутро, на секоја жена ѝ п... „Предраг имаше девојка, со неа се забавуваше 4-5 години, а јас бев тогаш во екот...
Илија од Битола, пораснал во дом за деца без родители, денес е татко на 3 деца: „Бев оставен на 1 не... „Јас завршив во дом за доенчиња и мали деца во Битола кога бев како бебе, и бев ...
Владо Јаневски за CRNOBELO: „Татко ми почина кога бев млад, песната што му ја посветив не ја пеам на... „Не се сметам за заводник. Јас секогаш сум требал да се помачам за девојките што...

Најчитани неделава