Мартин Делимитов за ‘Галицко’, фестивал во чест на починатиот диџеј Ицко: „Сонуваше за фестивал со електронска музика на Галичник“
- Детали
- четврток, 11 јуни 2026
„Идеjата е на Наташа, сопругата на Ицко, a се роди оттаму што негова огромна желба беше фестивал со електронска музика во Галичник. И се собравме луѓе што сме биле блиски со него, а недостатокот на искуство за организација на настан од овој калибар го надокнадивме со огромна желба, љубов и ентузијазам“, вели Мартин за фестивалот „Галицко“, за CRNOBELO.com.

Петта година по ред, на 20 јуни во Галичник ќе се одржи фестивалот „Галицко“, посветен на починатиот диџеј Ицко од Антенна 5 радио.
Неговата сопруга и неколку блиски луѓе, за да го зачуваат споменот за Ицко, секоја година во негова чест, го слават неговото име преку музиката и фестивалот „Галицко“.
Диџеј Ицко
Така, и оваа година, екипата што го организира фестивалот, веќе се подготвува за новото издание, а Мартин Делимитов, пријател на Ицко и негов колега од Антенна 5, за CRNOBELO.com раскажа за сите детали поврзани со „Галицко“:
Како се роди идејата за фестивалот Галицко, за името, зошто токму на Галичник...
Идеjата е на Наташа, сопругата на Ицко, a се роди оттаму што на Ицко огромна желба му беше да се направи фестивал со електронска музика во Галичник.
И се собравме луѓе коишто сме биле блиски со него и кои недостатокот на искуство за организација на настан од овој калибар го надокнадивме со огромна желба, љубов и ентузијазам.
Луѓе кои петта година по ред внимаваат да ја одржат таа негова визија.

Како изгледаше првото издание во однос на ланското, т.е колку „пораснавте“ во меѓувреме?
Првото издание сè уште ми е најомилено досега, пред сè затоа што не знаевме што да очекуваме.
И вечерта се претвори во едно незаборавно искуство, енергија што ја немав почувствувано до тој момент, комбинација на многу емоции изразени во вид на забава.
И работата што нè радува многу е што секоја година има нови луѓе што доаѓаат да го искусат фестивалот.

На фестивалот е генерално истиот лајн-ап на диџеи/музичари, сите пријатели на Ицко... Се раскажуваат ли анегдоти за него кога ќе се соберете на Галичник, во денот посветен на него?
Секако дека е тема на муабет на маса, и најчесто се смешни ситуации кои сите ние сме ги имале со него.
Но, секогаш се навраќаме на некоја песна или „трака“ што би рекле ние, што нè врзува сите со него, што ја пуштал многу во одреден период од неговата диџејска кариера, како што е на пример Distant Fragment - Utopia (Tarkan Remix) и се надоврзуваме потоа со останати песни што ги поистоветуваме со него.
Што може да очекува публиката што ќе дојде годинава на фестивалот, какви активности подготвувате?
Годинава, затоа што е јубилејна петта, решивме да ги направиме целодневен фестивал, поделен како Galicko By Day исполнет со активности кои почнуваат наутро со повеќе планинарски и велосипедски тури.
Продолжуваат со дневна забава во Хотел Неда со Erik Fox и Nikifor и завршуваат со suprise evening активност, и Galicko By Night којшто започнува на зајдисонце на главната фестивалска сцена со сетови на овогодинешните млади и надежни диџеи од Enso Academy, и продолжуваат до после полноќ со настапи на Galoski, BDM, Kandar и Lephonq & Martin.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело