Даниела З. Ристовска, логопед: „Пелтечењето може да се повлече, родителите некогаш ненамерно поттикнуваат проблеми со говорот“

„До околу 5 години говорот на детето треба да е целосно чист, јасен и разбирлив за пошироката околина. Ако тоа и понатаму заменува гласови и вели „лака“ наместо „рака“, целосно ги испушта или ги изговара „искривено“, како кај назалното „р“, тоа е јасен сигнал дека не треба да се чека. Гласовите се учат, но не секогаш се коригираат сами од себе. Не се водете од надежта дека 'има време, ќе се поправи',“ вели логопедот-специјалист Даниела Захариева Ристовска за CRNOBELO.com.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-01.jpg

Даниела Захариева Ристовска е клинички логопед-специјалист, со долгогодишно искуство во работа со деца.

Таа е вработена во „Мали и големи“, ординација за говор и логички решенија, каде секојдневно им помага на најмладите кои имаат проблеми со говорот, но ги советува и нивните родители како и самите дома да им помогнат на своите деца.

За потешкотиите во говорот, што можат да направат родителите да им помогнат на своите деца, какви вежби се најсоодветни, кога треба да се посети логопед, и за многу прашања на оваа тема, Даниела ни откри во интервјуто за CRNOBELO.com:

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-11.jpg

Кои се најчестите знаци дека на едно дете му е потребна логопедска проценка?

Кога зборуваме за посета на логопед, најчестата асоцијација е дека детето не знае да каже некоја буква.

Но, вистината е дека логопедската проценка оди многу подлабоко од самиот изговор на гласовите.

Таа го опфаќа целокупниот развој на комуникацијата, јазикот, говорот, па дури и начинот на кој детето ги користи мускулите на устата.

Како и за сè друго во животот, така и тука раното препознавање на работите е клучно бидејќи ни дава шанса да реагираме навреме и да постигнеме многу подобри резултати.

Најчестите знаци кои ни сигнализираат дека е добро детето да го погледне логопед се доцнење во развојот на говорот и јазикот: детето не гуга во првите месеци од животот, не ги кажува првите зборчиња со значење околу првиот роденден или не успева да состави едноставни реченици до својата трета година; ограничен речник кога тоа користи мал број зборови за својата возраст или се мачи да ги именува секојдневните предмети и поими; тешкотии во разбирањето - не ги следи едноставните инструкции што му ги давате, не реагира соодветно кога нешто ќе побарате од него или има мака да разбере најобични прашања; неправилен изговор на гласови т.е ги заменува гласовите, ги испушта или ги изговара неправилно и по возраста кога тие гласови веќе треба да бидат совладани; неразбирлив говор односно тоа зборува и вие дома го разбирате, но говорот е тешко разбирлив за луѓето кои не се дел од најтесното семејство; пелтечење или нарушена течност на говорот, чести повторувања на слогови, блокади во говорот, продолжување на гласовите или видлива напнатост и напор додека се обидува да каже нешто.

Меѓу сигналите дека треба да се посети логопед се и промени во гласот, ако забележите дека тој е постојано засипнат, премногу назален (како да зборува низ нос) или има некој необичен квалитет, а за тоа нема медицинска причина (како настинка); потешкотии при хранење и голтање - ова често ги изненадува родителите, но кај помалите дечиња проблемите со цицањето, џвакањето или голтањето се исто така дел од логопедската проблематика, бидејќи ги вклучуваат истите мускули со кои се создава говорот; недоволно развиени комуникациски вештини кога детето избегнува контакт со очи, не користи гестови (како мавтање или покажување со прст), тешко почнува или одржува разговор и е незаинтересирано за игра со своите врсници, како и тешкотии во предучилишниот и училишниот период, т.е проблеми со фонолошката свесност (на пример, да препознае на која буква почнува зборот), мака со учење на буквите, со читањето, пишувањето или со разбирањето на она што е прочитано.

Сакам да нагласам една многу важна работа: не секое доцнење значи дека постои некое сериозно нарушување. Сепак, секое сомневање заслужува стручно око.

Логопедската проценка не е тука за да „стави етикета“ или дијагноза, туку за да ги открие силните страни на детето, да види каде му е потребна мала помош и да се направи индивидуален план кој точно ќе одговори на неговите потреби.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-10.jpg

На која возраст родителите треба да почнат да реагираат ако детето не зборува доволно?

Сигурно стопати сте ја слушнале онаа позната реченица во нашето опкружување: „Ајде, ќе проговори кога ќе му дојде времето“.

Ова е веројатно една од најголемите заблуди. Иако е точно дека секое дете си има свое темпо на развој, сепак постојат јасно дефинирани развојни норми кои ни покажуваат дали тој развој се одвива во очекуваните рамки.

Како логопед, не сакам да зборуваме за „загриженост“ во онаа панична смисла на зборот, туку за навремено препознавање на знаците и правилна реакција.

Постојат неколку клучните патокази на кои треба да обрнете внимание.

До 12 месеци детето веќе треба активно да гуга, да реагира кога ќе го повикате по име, да ве гледа во очи, да користи гестови како покажување со прсте и мавтање за „чао“ и да има барем неколку зборчиња кои ги кажува со точно значење.

На 18 месеци очекуваме речник од приближно 20 до 50 зборови, како и уредно разбирање на едноставни наредби и инструкции.

До 2 години повеќето дечиња веќе имаат фонд од околу 50 или повеќе зборови и почнуваат да врзуваат по два збора во кратки реченици, како на пример „дај вода“ или „мама дојди“.

До 3 години тоа треба да комуницира со кратки, но јасни реченици, само да поставува прашања, а говорот во најголем дел да биде разбирлив и за луѓето кои не го гледаат секој ден.

Ако забележите дека вашето дете значително заостанува зад овие показатели, најдобро е да направите логопедска проценка.

Но, запомнете дека не го броиме само бројот на изговорени зборови, туку гледаме многу пошироко: дали детето ве разбира, дали сака да комуницира, дали користи гестови, дали влегува во социјална интеракција и дали има онаа природна желба да споделува искуства со луѓето околу себе.

Посебно внимание и брза реакција се потребни ако детето воопшто не реагира кога го викате по име, избегнува контакт со очи, не покажува со прст кон предмети за да ви го привлече вниманието или да сподели интерес, не разбира едноставни секојдневни пораки, одеднаш ги изгубило веќе стекнатите говорни или комуникациски вештини (ако претходно зборувало или гугало, па прекинало).

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-09_copy.jpg

Кои се најчестите заблуди што родителите ги имаат кога станува збор за развојот на говорот?

Во мојата пракса постојано се среќавам со неколку многу распространети митови.

За жал, овие митови често прават родителите непотребно да чекаат и да го одложуваат барањето стручна помош.

Она што сакам секој родител да го вреже во умот е дека раното препознавање и навремената поддршка прават огромна, огромна разлика во понатамошниот живот на детето.

Најчестите заблуди што мора да ги разбиеме се:

„Ќе проговори кога ќе тргне во градинка“

Ова е можеби омилената реченица на бабите, дедовците и комшиите.

Градинката е феноменално место кое навистина ја поттикнува социјализацијата и комуникацијата, но таа нема волшебно стапче за да го коригира постоечкото говорно-јазично нарушување.

Ако детето има вистинска развојна тешкотија, таа нема сама од себе да исчезне само затоа што детето е опкружено со други деца.

„И татко му (мајка му) проговори доцна, па еве му ништо не му/ѝ фали“

Генетиката секако игра улога, но семејната историја не смее да биде изговор за да го одложуваме она што е потребно за детето денес. Секое дете е приказна за себе.

Треба да го следиме неговиот личен развој според објективни норми, а не според приказните од минатото.

„Разбира сè, само мрзелив е и не сака да зборува“

Дете со уредно развиен јазичен систем има природна, биолошка потреба да комуницира со светот.

Децата не се „мрзеливи“ за зборување. Ако детето не зборува, мора да откриеме која е вистинската причина: дали е тоа говорно-јазично доцнење, проблем со слухот, некој невроразвоен фактор или нешто сосема друго. Затоа е потребен стручен преглед.

„Машките секогаш проговоруваат покасно“

Иако постојат ситни индивидуални нијанси, развојните норми се поставени еднакво и за момчињата и за девојчињата.

Полот едноставно не е оправдување за сериозно доцнење во говорот.

„Учи нови зборови од таблетот или телефонот“

Дигиталните содржини можат да понудат некоја информација, но тие се еднонасочна улица.

Говорот се развива исклучиво преку жива интеракција - преку поглед, разговор, заедничка игра, поставување прашања и емоционална размена.

Пасивното зјапање во екранот едноставно не го развива мозокот на истиот начин.

„Ајде ќе почекаме уште една година, можеби самото ќе се пушти“

Ова е веројатно најризичниот став со кој се соочуваме. Во логопедијата не веруваме во принципот „чекај па види“, туку во „процени па следи“.

Ако по проценката се утврди дека сè е во ред, вие како родители ќе го добиете својот мир на душата и корисни насоки.

Ако, пак, се открие дека има потреба од работа, ќе започнеме навреме и нема да изгубиме драгоцени месеци.

Веруваат ли родителите дека логопед може да му помогне на детето или сè уште има такви кои сметаат дека нема потреба од помош?

Во реалноста, ги има и едните и другите. Денес, благодарение на интернетот и поголемата информираност, сè повеќе родители разбираат дека логопедот е клучен сојузник во развојот на детето и се обраќаат кај нас без предрасуди.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-08.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Наде Молеровиќ (68), инспиративна жена - Била директорка на училиште, сега е пензионер што граба со ...  „На 68 години, во пензија, никогаш не сум се чувствувала поживо. А најголе...
Шеф Никола за татковството: „Ми беше малку страв на синот да му кажам дека ќе стане полубрат, но ме ... „Сум станувал во 3 наутро за да ја успијам Дариа, сум ја носел Калиа во раце дод...
Весела Христовска (36): „Имав мозочен удар при породувањето, го изгубив говорот на 3 месеци - денес ... „Најтешко ми беше губењето на говорот - афазијата. 3 месеци не можев да каж...
Aнгела Дончева: „На 22 години ми дијагностицираа леукемија, имав трансплантација во Германија, раскр...  „Зборот леукемија ме преплаши, почнав да читам сè за тоа. Но, мајка ми еде...
Еден ден со д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург: „Станувам во 5h, возењето мотоцикл ми е из... „Станувам во 5 часот затоа што сакам денот да почне мирно, а не хаотично. Не ми ...
Даниела од Скопје е впечатлива модна дама, со страст за скап и безвременски накит „Од накит ретко носам бижутерија поради алергија и сакам квалитетни часовници и ...

Најчитани неделава