Даниела З. Ристовска, логопед: „Пелтечењето може да се повлече, родителите некогаш ненамерно поттикнуваат проблеми со говорот“

Постојат ли конкретни вежби за пелтечење и дали кај секое дете има подобрување?

Да, во логопедијата располагаме со специјализирани техники и вежби за справување со пелтечењето.

Но, морам да нагласам дека не постои едно „волшебно апче“ или универзален сет вежби кои подеднакво делуваат кај секое дете.

Логопедскиот пристап е секогаш строго индивидуален и се крои според природата на пелтечењето, неговата тежина, возраста на детето и неговиот емоционален карактер.

Во терапевтскиот процес, најчесто се потпираме на вежби за контрола и стабилизација на дишењето (учење на правилен вдишување и издишување при говор); забавување и урамнотежување на целиот говорен ритам; свесно намалување на мускулната напнатост во пределот на лицето, вратот и говорниот апарат; подобрување на флуентноста преку специјално структурирани говорни вежби; техники за јакнење на самодовербата и уривање на стравот од јавен говор и комуникација.

Модерната логопедија денес не се потпира на сувопарни, изолирани вежби во кабинет.

Ние гледаме на ова како на еден поширок терапевтски процес кој го опфаќа целокупното комуникациско однесување на детето.

Тоа значи дека будно работиме и со неговата средина, ги советуваме родителите како да реагираат, како да го намалат притисокот дома и како да создадат сигурна, мирна и релаксирачка говорна атмосфера во домот.

Што се однесува до исходот, подобрување се постигнува во најголем број од случаите, особено кога родителите ќе реагираат рано и кога се работи континуирано и посветено.

Кај одреден дел од дечињата пелтечењето може речиси целосно и трајно да се повлече.

Кај друг дел, тоа може да остане во некоја поблага форма, но детето добива алатки со кои има одлична контрола врз својот говор и повеќе не чувствува никакво емоционално оптоварување или срам.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-04.jpg

Колку е навистина важно раното откривање и третман на говорните потешкотии?

Ако треба да издвојам еден единствен фактор кој прави најголема разлика во мојата работа, тоа е времето во кое започнуваме со третманот.

Слободно можам да кажам дека моментот кога ќе се започне со логопедска интервенција е подеднакво важен, ако не и поважен од самиот тип на тешкотија што детето ја има.

Во раната детска возраст, детскиот мозок поседува нешто што во науката го нарекуваме висока невролошка пластичност.

Кажано на едноставен јазик, тој е како топол пластелин, исклучително е флексибилен и лесно се обликува.

Во овој период многу полесно, побрзо и поприродно се создаваат нови говорни, јазични и комуникациски навики во мозочните центри.

Токму затоа, кога интервенцијата започнува навреме, резултатите се многу побрзи, поефикасни и трајни за цел живот.

Дополнително, раното препознавање ни овозможува да спречиме појава на таканаречените секундарни ефекти од говорните тешкотии.

Кога едно дете подолго време се мачи и не успева јасно да се изрази, околината често не го разбира.

Тоа води до фрустрација, пад на самодовербата, повлекување во себе, одбивање да се комуницира, па дури и до потешкотии во социјализацијата.

Детето едноставно ја губи мотивацијата да зборува со луѓето.

Најдобри резултати постигнуваме во предучилишниот период. Тогаш говорот и јазикот се во фаза на интензивен развој и сè уште не се цврсто фиксирани оние неправилни, погрешни модели на изговор или изразување.

Раниот третман не е преземање радикални мерки или „етикетирање“ на детето. Тоа е едноставно подавање рака и давање поддршка тогаш кога му е најмногу потребна во неговиот клучен развоен прозорец.

Во многу случаи, навремената реакција во раното детство не само што ги коригира моменталните тешкотии, туку ги превенира и спасува децата од понатамошни маки со читањето, пишувањето и учењето кога ќе тргнат во училиште.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-03.jpg

Дали постојат конкретни вежби или навики кои родителите треба да ги избегнуваат дома?

Да, постојат некои секојдневни навики кои родителите често ги практикуваат, најчесто од чиста удобност, брзање или едноставно од незнаење.

Но, тие можат да имаат сериозно негативно влијание не само врз говорот, туку и врз целокупниот сензорно-моторен и комуникациски развој на детето.

Еве што треба задолжително да се избегнува:

Хранење на детето пред екран (телефон, таблет или ТВ): ова е можеби најчестата и најштетната навика во модерното време.

Кога детето јаде додека е хипнотизирано од екранот, тоа јаде потполно пасивно и механички.

Нема никаков свесен контакт со храната, не ја доживува нејзината текстура и вкус, и едноставно механички ја отвора устата без да биде свесно за самиот чин на јадење.

На тој начин, оброкот се претвора во пасивна, отуѓена активност каде што се губи секаква шанса за развој на јазичните и социјалните вештини.

Долготрајно користење блендирана и пасирана храна: откако на детето ќе му никнат првите запчиња и кога е веќе способно физички да џвака, блендерот треба полека да се тргне настрана.

Предолгото избегнување на тврда и текстурирана храна прави мускулите на јазикот, вилицата и усните да останат слаби и неразвиени.

А токму тие мускули се директно одговорни за чистата артикулација и јасноста на говорот подоцна во животот.

Џвакањето не е само начин да се внесе храна, туку е најдобрата можна, природна орално-моторна вежба за говорниот апарат.

Премногу долго користење цуцла или чашка со клунче: кога овие помагала се користат долго по возраста кога треба да се укинат, тие можат физички да ја деформираат позицијата на јазикот во устата, да влијаат негативно врз развојот на забите и горното непце, а тоа директно води до неправилен изговор на цела група гласови.

Постојано грубо коригирање и притисок: никогаш немојте постојано да го прекинувате детето, да вршите притисок врз него веднаш да го повтори зборот „совршено“ или да давате негативни коментари пред други луѓе за неговиот говор.

Тоа кај малите дечиња создава силна говорна анксиозност, срам и страв воопшто да проговорат.

Замена на човечкиот разговор со пасивно слушање екрани: Како што веќе спомнавме, говорот бара жива, двонасочна улична комуникација, а не еднонасочно зјапање во технологијата.

Сите овие навики имаат еден заеднички, лош именител - тие драстично ја намалуваат природната комуникација во домот.

Затоа, трудете се што е можно повеќе да го вклучувате вашето дете во реалниот, жив свет.  

Заедничкото јадење со разговор, играта и секојдневната интеракција се вистинскиот темел за силен, здрав и функционален говор.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-10_copy_copy.jpg

Дали има специјални вежби за гласовите „с, ц, з, ж, ш, р“ и до кога треба да се остават децата сами да ги усовршат?

Секако, во логопедијата имаме развиено посебни, високо специјализирани вежби токму за корекција на овие специфични гласови: „с, ц, з“, „ж, ш“ и „р“.

Сепак, исклучително е важно овие вежби да се применат во вистинскиот развоен момент и на правилен начин, прилагоден на возраста на детето.

Мора да знаеме дека децата не ги усвојуваат сите овие букви истовремено. Некои од нив се појавуваат порано, како што се „с, з, ц“.

Од друга страна, гласот „р“ е еден од најкомплексните и најтешките гласови во нашиот јазик. За негово правилно изговарање е потребна врвна, прецизна координација на врвот на јазикот, правилен воздушен притисок и совршена артикулација, па затоа тој природно се појавува и се усовршува најдоцна.

Во логопедските третмани, за овие гласови користиме вежби за постигнување на правилна физичка поставеност на јазикот и усните во моментот на изговор; развој на таканаречениот фонематски слух (насочено слушање со кое детето учи да ги разликува сличните гласови, на пример „с“ и „ш“); специфични артикулациски движења кои ја јакнат мускулатурата и постепено и прецизно воведување на новонаучениот глас прво во слогови, па во зборови и на крајот во секојдневни реченици.

Сакам да упатам апел до родителите - бидете внимателни со „вежбите од интернет“, зашто погрешниот пристап или несоодветната вежба можат да направат контра-ефект, да го зацврстат и автоматизираат неправилниот изговор во мозокот на детето, па после неговата корекција да биде двојно потешка и подолга.

Што се однесува до возраста и прашањето „До кога да чекаме сами да ги усовршат?“, тука се водиме по општите развојни очекувања.

Општото златно правило вели дека до тргнување во предучилишна возраст (околу 5 години), говорот на детето треба да биде целосно чист, јасен и разбирлив за пошироката околина.

Ако детето и понатаму ги заменува овие гласови со други (на пример, вели „лака“ наместо „рака“), целосно ги испушта или ги изговара „искривено“ (како кај француското или назалното „р“), тоа е јасен сигнал дека не треба повеќе да се чека и дека е потребна стручна логопедска помош.

Гласовите се учат, но тие не секогаш се коригираат спонтано и сами од себе. Водете се по развојните норми, а не по надежта дека „има време, ќе се поправи“.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-02_copy.jpg

Кој е вашиот најважен совет до родителите кои сè уште се двоумат дали да побараат помош од логопед?

Ако треба да им го дадам мојот најискрен, најпријателски и најважен совет на родителите кои во моментов се кршат во себе и се двоумат, тој би гласел: Не чекајте да помине времето со надеж дека нештата ќе се решат сами. Побарајте стручна проценка веднаш штом ќе го почувствувате првиот црв на сомнеж во себе.

Потполно ве разбирам. Родителите често се плашат, околината им врши притисок со реченици како „уште е мал“, „ќе се пушти самото“, „и ние бевме такви па еве нè сега“.

Но, говорно-јазичниот развој има свои биолошки закони и јасни норми. Кога тие норми значително се пропуштаат, времето станува наш најскапоцен ресурс кој не смееме да го потрошиме во празно.

Сакам уште еднаш да ве смирам - одењето на логопедска проценка не е пресуда и не значи дека вашето дете има некој сериозен или нерешлив проблем.

Напротив! Многу често проценката покажува дека развојот си тече уредно, и со тоа вие како родители го добивате најголемиот можен подарок - мир, спокој и чиста совест, заедно со корисни насоки за понатаму.

А доколку навистина се утврди дека на детето му е потребна поддршка, најважното е што ја фаќате работата на време, кога сè се решава многу полесно и побрзо.

Во нашата професија имаме една изрека: Никогаш не е проблем да побараш помош навреме. Вистинскиот проблем е кога ќе изгубиш драгоцено време, тогаш кога помошта можела да ја направи најголемата разлика во животот на детето.

Колку порано реагирате, толку повеќе му помагате на своето дете да го развие својот целосен говорен и комуникациски потенцијал, без внатрешни фрустрации, без заостанување зад врсниците и со една прекрасна, цврста самодоверба во комуникацијата со целиот свет.

Најнакрај, пораката е едноставна: Ако во главата ви се врти прашањето дали да го однесете детето на логопед, верувајте му на својот родителски инстинкт - тоа прашање само по себе веќе е сосема доволна причина да закажете проценка.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-09_copy_copy.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

А. Ј. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Наде Молеровиќ (68), инспиративна жена - Била директорка на училиште, сега е пензионер што граба со ...  „На 68 години, во пензија, никогаш не сум се чувствувала поживо. А најголе...
Шеф Никола за татковството: „Ми беше малку страв на синот да му кажам дека ќе стане полубрат, но ме ... „Сум станувал во 3 наутро за да ја успијам Дариа, сум ја носел Калиа во раце дод...
Весела Христовска (36): „Имав мозочен удар при породувањето, го изгубив говорот на 3 месеци - денес ... „Најтешко ми беше губењето на говорот - афазијата. 3 месеци не можев да каж...
Aнгела Дончева: „На 22 години ми дијагностицираа леукемија, имав трансплантација во Германија, раскр...  „Зборот леукемија ме преплаши, почнав да читам сè за тоа. Но, мајка ми еде...
Еден ден со д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург: „Станувам во 5h, возењето мотоцикл ми е из... „Станувам во 5 часот затоа што сакам денот да почне мирно, а не хаотично. Не ми ...
Даниела од Скопје е впечатлива модна дама, со страст за скап и безвременски накит „Од накит ретко носам бижутерија поради алергија и сакам квалитетни часовници и ...

Најчитани неделава