Даниела З. Ристовска, логопед: „Пелтечењето може да се повлече, родителите некогаш ненамерно поттикнуваат проблеми со говорот“

Сепак, сè уште има и такви кои од најразлични причини го одложуваат тој чекор.

Кога родителите одложуваат, тоа не го прават затоа што не му го мислат доброто на своето дете.

Но, најчесто во заднина стои страв, притисок од околината или надеж дека проблемот ќе се реши сам од себе.

Околината често ги урива со коментари од типот: „Што ќе му е логопед, мал е уште“, „Еве го бате ништо не му беше, па си прозборе“, „Детето е само разгалено“.

Понекогаш кај родителите постои и потсвесен страв дека одењето кај логопед значи дека со нивното дете нешто „не е во ред“ или дека ќе добие некаква сериозна дијагноза.

Ова е огромна заблуда. Логопедската проценка не е лепење етикети. Таа е едноставно мапа и ни покажува каде се наоѓа детето во моментот и како можеме да му го олесниме патот напред.

Од друга страна, имам прекрасни искуства со родители кои доаѓаат на консултација уште при првото мало сомневање.

Тие не чекаат проблемот да нарасне во планина, туку сакаат стручно мислење веднаш. Овој пристап е прекрасен.

Понекогаш со олеснување констатираме дека развојот е сосема уреден и родителите си одат дома мирни.

А ако навистина има некоја тешкотија, почнуваме со работа веднаш, кога сè се решава многу полесно.

Како логопед, секогаш се трудам да им објаснам на родителите дека нашите третмани не се сведуваат на „седење и учење букви“.

Нашата работа опфаќа развој на разбирањето, на начинот на изразување, на вниманието и фокусот, на предвештините за читање и пишување, па сè до моторни вежби за устата и јазикот.

Нашата крајна цел е едноставна - да му помогнеме на детето да го достигне својот полн комуникациски потенцијал.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-07.jpg

Дали прекумерното користење телефони, таблети и телевизија може да влијае на говорниот развој кај децата?

Одговорот е ДА. Денес веќе имаме безброј сериозни научни студии кои црно на бело докажуваат дека прекумерната и неконтролирана изложеност на екрани во најраната возраст има исклучително негативно влијание врз говорно-јазичниот развој.

Ова е особено изразено кога технологијата го заменува она што е незаменливо - директниот контакт со родителите и живите луѓе.

Многу е важно да ја разбереме разликата меѓу пасивното гледање содржини и вистинската комуникација.

Детето никогаш нема да научи да зборува од екранот. Говорот се учи исклучиво преку жива интеракција: кога некој реално му се обраќа, кога го гледа во очи, му поставува прашања, трпеливо го чека неговиот одговор, игра со него, му чита приказни и разговара.

Детскиот мозок е програмиран да се развива преку комуникација „лице в лице“. Во тие моменти на заедништво, учи да воспоставува и задржува контакт со очи, да ги чита емоциите на вашето лице, да го следи природниот тек на разговорот и да сфати како функционира двонасочната комуникација во општеството.

Ниту една апликација, ниту едно видео на Јутјуб не може да го замени ова живо искуство.

Во мојата секојдневна пракса, сè почесто гледам дечиња кои поминуваат по неколку часа дневно пред телефоните или таблетите.

Кај добар дел од нив веднаш се забележува сериозно доцнење во развојот на говорот, многу сиромашен речник, отсуство на желба и мотив за комуникација со околината, исклучително кратко внимание и неможност за фокус и потешкотии во социјалната интеракција и во играта со врсниците.

Но, сакам да бидам реална - не секое дете што ќе погледне во екран автоматски ќе развие говорна тешкотија.

Говорот зависи од многу фактори: генетски, невролошки, средински... Но, кога екраните ќе ја заземат улогата на разговор, игра и семејно дружење, ризикот за сериозно развојно доцнење се крева до плафон.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-12.jpg

Што им препорачувате на родителите во врска со екраните?

Мојот главен совет е да не дозволат екраните да станат „дигитална дадилка“ на нивното дете.

Наместо тоа, обидете се да ја искористите секоја можна ситуација во денот за разговор. За ова не ви требаат скапи играчки ниту посебно испланирано време.

Говорот се развива додека правите најобични работи: додека се облекувате наутро, додека готвите, пазарите во маркет или се шетате во парк.

Разговарајте за она што го правите во моментот, поставувајте му прашања на детето, дајте му време да ви одговори и задолжително читајте книги заедно.

Ако детето веќе користи дигитални уреди, погрижете се содржините да се соодветни за неговата возраст, временски строго ограничени и, што е најважно, проследени со ваше активно учество.

Најголема корист има кога вие седите покрај него и зборувате за тоа што се случува на екранот, му поставувате прашања од типот: „Што прави сега кученцето?“ и го поттикнувате самото да ви раскаже.

Запомнете ја оваа реченица: Најдобрата „апликација“ за развој на говорот не се наоѓа на телефонот, тоа е разговорот со родителот.

Ниту една технологија на светот не може да ја замени топлината на човечкиот глас, живиот контакт со очи, заедничката игра и онаа силна емоционална поврзаност меѓу вас и вашето дете.

Токму тие моменти се цврстиот темел врз кој се гради здравиот говорно-јазичен развој.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-06.jpg

Како родителите можат преку игра и секојдневни активности да го поттикнат развојот на говорот дома?

Говорот на детето не се учи „на маса“, со присилно седење и вежбање како на училиште.

Тој се развива природно, спонтано, преку секојдневна жива комуникација, игра и вообичаени животни ситуации. Вие како родители ја имате најважната улога бидејќи вие сте првиот, најблискиот и најважниот говорен модел во животот на вашето дете.

Преку играта, детето учи без воопшто да почувствува некаков притисок. На пример, кога вашето дете си игра со кукли или си вози автомобилчиња, вклучете се и вие.

Следете ја неговата игра и едноставно проширувајте го неговиот говор. Ако детето покаже со прст и каже само „куче“, вие надградете го тоа и одговорете: „Да, погледни, тоа е големото кафеаво куче што трча брзо!“.

На овој начин вие не го поправате грубо детето, туку ненаметливо му го збогатувате јазикот.

Секојдневните рутини како облекувањето, оброците, капењето, шетањето и слично, се вистински рудник со можности за говорна стимулација.

Наместо механички и брзо да ги завршувате овие обврски во тишина, зборувајте му на детето во текот на целиот процес.

Опишувајте што правите во моментот, што гледате околу себе, што чувствувате... На тој начин детето го поврзува јазикот со реалниот, практичен свет.

Читањето сликовници е една од најмоќните алатки што ги имате на располагање. Но, тука не е поентата само сувопарно да го прочитате текстот напишан под сликата.

Гледајте ги илустрациите заедно, поставувајте му прашања на детето, опишувајте ги деталите и оставете го тоа да се обиде да ви раскаже што се случува, со негови зборови.

Тоа прави чуда за неговиот речник, за неговото разбирање и за способноста за убаво раскажување во иднина.

Исто така, пеењето едноставни детски песнички и кажувањето рими помагаат во развојот на ритамот на говорот и фонолошката свест, кои подоцна се клучни за лесно совладување на читањето и пишувањето во училиште.

Главниот принцип кој треба да го следите е повеќе интеракција, помалку пасивно слушање.

Детето не треба да биде само пасивен слушател на говорот во просторијата, туку активен учесник во разговорот.

Најдобрите резултати се постигнуваат кога не се поставувате во улога на строг учител, туку рамноправен партнер во играта.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-10_copy_copy_copy.jpg

Дали пелтечењето може да се намали или отстрани со помош на логопед?

Пелтечењето е специфично говорно нарушување кое има сосема различен тек кај секое дете поединечно, па затоа и исходот од логопедската терапија не е универзален за сите.

Но, со навремена, стручна и соодветна логопедска интервенција, во огромен број случаи, тоа може драстично да се намали, па дури и целосно да се повлече.

Најдобри и најбрзи резултати постигнуваме кога терапијата ќе започне во раната фаза, кога пелтечењето е сè уште свежо, нестабилно и кога детето нема развиено подсвесен страв од зборување или блокади поради срам.

Во овој ран период, детскиот мозок е исклучително флексибилен и многу полесно прифаќа и усвојува нови, правилни модели на говор.

Кај дечињата кај кои пелтечењето е од реактивна природа, односно е тесно поврзано со одредени нагли развојни промени или емоционални скокови - брзата реакција и работа со логопед многу често носи фантастични подобрувања.

Во овие случаи, во практиката работиме на ритамот на говорот, на правилното дишење, на течноста на говорот, но пред сè работиме на елиминирање на напнатоста и притисокот кои детето ги чувствува додека се обидува да се изрази.

Постојат и случаи каде пелтечењето е поупорно, со покомплицирана позадина и има подолг тек во времето.

Тогаш терапијата можеби нема да доведе до стопроцентно исчезнување на симптомите, но речиси без исклучок води до значително подобар квалитет на говорот, многу поголема самоконтрола кај детето и драстично намалување на неговата фрустрација и срам.

Успехот во овој процес никогаш не зависи само од логопедот. Тој е триаголник помеѓу логопедот, детето и неговото семејство.

Кога родителите се активно вклучени, кога дома се елиминира притисокот детето да „зборува совршено“ и кога тоа се чувствува целосно прифатено и сакано без разлика како зборува, резултатите секогаш се навистина одлични.

Фокусот на нашата работа не е само сувиот механички „правилен говор“, туку градењето на сигурна, опуштена, природна и слободна комуникација.

Пелтечењето не треба да го пуштите и да „чекате да помине само“. Колку порано реагирате, толку се поголеми шансите за среќен и успешен исход.

Со правилен пристап, многу трпение и континуирана работа, децата постигнуваат неверојатен напредок кон слободен и опуштен говор.

daniela-z-ristovska-logoped-peltechenjeto-mozhe-celosno-da-ischezne-roditelite-nesvesno-pottiknuvaat-problemi-so-govorot-05.jpg

Продолжува на следната страница...


Би можело да ве интересира:

Наде Молеровиќ (68), инспиративна жена - Била директорка на училиште, сега е пензионер што граба со ...  „На 68 години, во пензија, никогаш не сум се чувствувала поживо. А најголе...
Шеф Никола за татковството: „Ми беше малку страв на синот да му кажам дека ќе стане полубрат, но ме ... „Сум станувал во 3 наутро за да ја успијам Дариа, сум ја носел Калиа во раце дод...
Весела Христовска (36): „Имав мозочен удар при породувањето, го изгубив говорот на 3 месеци - денес ... „Најтешко ми беше губењето на говорот - афазијата. 3 месеци не можев да каж...
Aнгела Дончева: „На 22 години ми дијагностицираа леукемија, имав трансплантација во Германија, раскр...  „Зборот леукемија ме преплаши, почнав да читам сè за тоа. Но, мајка ми еде...
Еден ден со д-р Владимир Чадиковски, детски кардиохирург: „Станувам во 5h, возењето мотоцикл ми е из... „Станувам во 5 часот затоа што сакам денот да почне мирно, а не хаотично. Не ми ...
Даниела од Скопје е впечатлива модна дама, со страст за скап и безвременски накит „Од накит ретко носам бижутерија поради алергија и сакам квалитетни часовници и ...

Најчитани неделава