На одмор со Ивана во Фурка: „Ги зедовме и баба и дедо - најубавата одлука што ја донесовме како семејство“
- Детали
- среда, 15 јули 2026
„За мене, најубавиот дел од овој одмор не беше тоа што успеав да испливам неколку круга повеќе или да испијам кафе на раат. Најубавиот дел беше што повторно бев ќерка. Што поминав време со моите родители, што ја гледав сестра ми како создава спомени со своите деца, а моите деца растат заедно со своите братучеди“, вели Ивана Илијоска.

Ивана Илијоска oд Скопје е логопед и основач на логопедскиот кабинет „Од А до Ш“, но за себе вели дека пред сè е мајка на две прекрасни деца – Коста (4) и Евгенија (6) и токму тие ја научиле дека најголемото богатство што можеме да си го подариме не се работите, туку заедничките моменти.
Со своите две деца, нејзините родители, сестра ѝ и нејзиното семејство, годинава Ивана имала еден од најубавите одмори на веќе познато место, но со тон топлина и љубов.
Ивана за одморот во Фурка за CRNOBELO.com споделува:
„Иако како дете многупати летував со моите родители, кога пораснав животот нè однесе во различни правци.

Секој имаше свои обврски, па одморите станаа нешто што го организиравме одделно – јас со моето семејство, сестра ми со нејзиното, а моите родители сами.
Некаде длабоко во мене остана една неостварена желба – повторно да заминеме сите заедно, како некогаш.

Таа желба се оствари минатата година. Како сопственик на приватен бизнис имам можност, кога добро ќе се организирам, да си дозволам неколку дополнителни денови одмор.
Бидејќи мојот сопруг немаше можност да земе толку слободни денови поради работните обврски, решив јас сама да заминам на дополнителен одмор со моите родители и децата.

Искрено, тоа беше една од најубавите одлуки што сум ги донела.
Децата добија нешто што ние не можеме секогаш да им го дадеме – постојано внимание, игра и безусловна љубов од баба и дедо.

Пливаа заедно, градеа замоци од песок, собираа школки и создаваа спомени што сигурно ќе ги паметат.
Оваа година приказната стана уште поубава. Ни се придружи и сестра ми со нејзиното семејство и нивните две деца, од кои едното беше бебе од само три месеци.

Да бидам искрена, на почетокот ми изгледаше како рецепт за хаос. Четири деца, меѓу кои и бебе кое постојано бара нечија прегратка… Бев убедена дека нема да биде одмор, туку замор.
Но, се случи токму спротивното.
Веќе трета година летуваме во Фурка, на првиот крак на Халкидики. Ни одговара затоа што плажата е песочна, морето е плитко и безбедно за децата, а местото веќе им е познато.

Секогаш патуваме во јуни, кога нема големи горештини, а морето е доволно топло за децата без постојано да ги убедуваме да излезат од вода.
Иако на плажа изгледавме како мало семејно село, сè функционираше изненадувачки добро.

Трите поголеми деца постојано си играа заедно. Она што ќе го направеше едното, веднаш го следеа и другите.
Кога едно ќе седнеше да јаде, седнуваа и останатите. Кога едно ќе одеше на туширање, сите сакаа по него. Кога беше време за попладневен сон, некако и другите се смируваа.

Како логопед добро знам колку децата учат едни од други преку имитација, но овој одмор уште еднаш ме потсети колку тоа навистина функционира и во секојдневниот живот.
Видеото што го објавив на социјалните мрежи, во кое на шега покажувам дека наместо само баба ми и дедо ми да дојдат со нас, оваа година ја „донесовме целата фамилија“, стана вирално.
Во него изгледа како јас само да уживам во морето додека сите други ги чуваат децата.
Kликнете на видеото:
Вистината е малку поинаква.
Не беше одмор во кој никој ништо не правеше. Секој имаше своја улога и токму затоа сè функционираше.