На одмор со Ивана во Фурка: „Ги зедовме и баба и дедо - најубавата одлука што ја донесовме како семејство“

Сестра ми и зет ми беа задолжени за игрите, пливањето и забавата со децата. Јас, по навика, бев „дежурниот авторитет“. Моите деца ме слушаат, а истото важи и за внук ми.
Ако некој не сакаше да јаде, јас седнував со него. Ако некој не сакаше да се капе, повторно јас бев таа што го убедуваше.

Баба и дедо беа нашата најголема поддршка. Додека бебето не цицаше, тие го нишкаа, го шетаа по плажа или го успиваа во раце.
Благодарение на нив, сите останати можевме малку полесно да се посветиме на другите деца или едноставно да здивнеме неколку минути.

А баба… по сопствена желба стана главниот готвач.
Нашите деца сакаат домашно зготвена храна, а сите знаеме дека ако секој ден јадат во ресторан, најчесто изборот завршува на пржени компири.
Затоа таа ни подготвуваше супа, гравче, леќа, ориз и сè она што ги потсетуваше децата на домашната трпеза. Искрено, тоа ни олесни многу.

Навечер сите заедно шетавме, разговаравме и уживавме во времето што си го подаривме едни на други.
За мене, најубавиот дел од овој одмор не беше тоа што успеав да испливам неколку круга повеќе или да испијам кафе на раат.

Најубавиот дел беше што повторно бев ќерка. Што поминав време со моите родители, што ја гледав сестра ми како создава спомени со своите деца, а нашите деца растат заедно со своите братучеди.
Тоа беше мојот сон со години. Да заминеме сите заедно – јас, сестра ми, нашите деца и нашите родители. Денес сум бескрајно благодарна што тој сон стана реалност.

Затоа, ако имате можност да заминете на одмор со вашите родители, направете го тоа.
Да, ќе има гужва. Ќе има моменти кога ќе бидете уморни. Ќе има денови кога ништо нема да оди според планот.

Но, спомените што ќе ги создадете немаат цена.
Времето минува побрзо отколку што мислиме. Никој не знае колку вакви заеднички лета ни се подарени.

Токму затоа вреди да ги живееме додека можеме – затоа што еден ден нема да се сеќаваме колку бевме уморни, туку колку многу се смеевме, колку љубов имаше околу нас и колку беше убаво што, барем на неколку дена, повторно бевме едно големо семејство“.