Љубовната приказна на Мартин Серафимов и Јана Калајџиевска: „Се запознавме во ракометен камп - се заљубив гледајќи го со топката во рака“
Мартин те запроси неодамна, на плажа во Грција... Како изгледаше тој момент?
Запросувањето беше токму онакво какво што отсекогаш сум го замислувала - искрено, интимно и исполнето со емоции.
Се случи на Парос, на една од најубавите плажи, на зајдисонце.
Запросувањето беше само најубавата потврда на љубовта што ја градиме заедно цели 10 години.
Тоа беше момент што ќе го носам во срцето до крајот на животот.

Дали сте разговарале претходно за брак, или запросувањето ти беше вистинско изненадување?
За брак сме зборувале многупати, но никогаш точно не знаев кога ќе се случи запросувањето.
Искрено, очекував да биде следното лето, а Мартин одлично ја сокри целата организација.
Морам да ја спомнам и мојата сестра која многу му помогнала на Мартин во врска со целата организација, таа беше и главниот виновник за преубавите слики и видеа од моментот.

Кој е поромантичен - ти или Мартин? Која е најубавата романтична работа што ја направил за тебе, или ти за него?
Дефинитивно јас сум поромантична.
Мартин не е од оние што секој ден прават романтични филмски сцени, но кога ќе одлучи да биде романтичен, навистина знае како.
А морам да признаам, најромантичен е кога добро му оди на теренот. Тогаш сè се може.

Сте имале ли криза во врската или некој голем предизвик со кој сте се избориле како пар?
Најголемиот предизвик во нашата врска беше периодот што започна во февруари и траеше до крајот на ракометната сезоната.
Тоа не беше тежок период само за Мартин како спортист, туку и за сите нас што сме покрај него. Кога ќе гледате човек кој со години дава сè од себе за еден клуб, го вложува целото срце, труд и посветеност, а на крај ќе помине низ моменти што длабоко ќе го повредат, нормално е тоа да остави трага.
Најтешко ми беше што не можев да му ја одземам таа болка, туку единствено да бидам до него, да го слушам, да го охрабрувам и секој ден да го потсетувам кој е и колку вреди.

Токму во такви моменти сфаќаш што значи вистинско партнерство.
Не само да бидеш тука кога сè оди како што треба, туку да останеш цврсто покрај личноста што ја сакаш и кога поминува низ најтешките денови.
Денес, кога гледаме напред кон новото поглавје во Еурофарм Пелистер, верувам повеќе од кога било дека сè се случува со причина.
Некои врати се затвораат само за да се отворат уште подобри. Искрено верувам дека најубавите моменти за Мартин допрва доаѓаат, а јас ќе бидам покрај него во секој чекор од тој пат.

Колку сте слични карактерно? Кој му е најголем квалитет, а што му е најголема мана, да речеме...?
Доста сме слични. И двајцата сме амбициозни, борбени и упорни.
Мартин е многу одговорен, добар и грижлив човек, тоа му е негов најголем квалитет.
А најголема мана му е што понекогаш е премногу строг кон себе и си создава непотребен притисок.
