Љубовната приказна на Мартин Серафимов и Јана Калајџиевска: „Се запознавме во ракометен камп - се заљубив гледајќи го со топката во рака“
Кој е поизбувлив, а кој прв попушта при расправија?
Би рекла дека јас сум малку поизбувлива, но исто така, можеби малку чудно, јас сум таа што прва и попушта.
Иако знам да бидам поемотивна во моментот, не сакам долго да траат расправии и секогаш ми е поважно да најдеме решение и да продолжиме убаво.

Кој беше вашиот прв заеднички одмор и како го паметиш?
Нашиот прв заеднички одмор беше посебен затоа што беше прв пат да поминеме толку време заедно надвор од секојдневните обврски. Тасос, Грција.
Го паметам по убавите моменти и чувството дека токму со него сакам да создавам уште многу такви спомени.

Дали имате некои ваши мали ритуали или навики што ве поврзуваат?
Една од работите што најмногу нè поврзува се разговорите за сè, од секојдневни работи до спорт, планови и цели.
Често знаеме да разговараме после тренинзи, пред натпревари, да си даваме поддршка и мотивација.
Мислам дека токму тоа што и двајцата сме спортисти ни создава посебно разбирање, бидејќи знаеме колку значат еден совет, една убава порака или само присуство во тешки моменти.

Дали фактот што двајцата сте спортисти значи дека имате целосно разбирање за обврските поврзани со тренинзи, патувања...?
Иако јас повеќе не сум професионален спортист, сепак многу добро го разбирам начинот на живот на Мартин.
Сум го поминала истиот пат, знам што значат тренинзи, притисок, откажувања, натпревари и моменти кога спортот бара целосна посветеност.
Мислам дека токму тоа ни помага да имаме огромно разбирање еден за друг.
Не се прашуваме зошто некој нема време, туку знаеме дека понекогаш само една поддршка и една вистинска реченица вредат многу.
Среќна сум што можам да бидам негов најголем поддржувач.

А гледате ли дома ракомет? За кој клуб навиваш ти? И дали знаете ли да се „закарате“ ако не се согласувате за некоја судиска одлука или нешто слично додека гледате натпревар на ТВ?
Да, ракометот е неизбежен дел од нашиот дом.
Јас секогаш навивам за клубот во кој настапува Мартин, бидејќи неговиот успех го доживувам како свој.
Од македонската лига, мој фаворит од почетокот беше Металург, па после неговото згаснување, Пелистер, уште пред Мартин да потпише таму.
Секако, кога станува збор за натпревари знаеме да имаме свои анализи и мислења, особено за некоја судиска одлука, и тие наши дебати понекогаш знаат да траат со часови, сè додека не се докаже кој е во право.

Што е она што никогаш не му го кажуваш на Мартин, а сакаш да го знае?
Можеби не му го кажувам доволно често, но сакам да знае колку сум горда на него и среќна што го имам.
Не само за резултатите и успехот во спортот, туку најмногу за човекот што е.
Го гледам целиот труд, откажувања и борби што стојат зад секој негов успех и сакам да знае дека секогаш ќе има некој покрај себе кој верува во него, дури и во моментите кога тој самиот се сомнева.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело