Владанка Димковска: „Бараките на ФДУ се најдобриот темел за секој актер“

„Наместо да се разочарам од реалноста дека сонот не се остварува толку лесно, ги засукав ракавите и почнав да работам на себе.

vladanka dimkovska barakite na fdu se najdobriot temel za sekoj akter 1

Почнав да се надоградувам на сите полиња. Видов дека ме интересираат многу работи за кои не сум имала време, почнав да ги студирам луѓето, почнав да ги учам работите кои никогаш не сум мислела дека ќе ми требаат“, изјавува актерката Владанка Димковска.

Пред две години дипломиравте со претставата Сината соба во класата на Златко Славенски и оттогаш вашата актерска кариера започна да засведочува подеми и успеси. Во какви сѐ проекти бевте вклучени во изминатиот период?

Да, пред точно две години го завршив патувањето на ФДУ и почнав да се соочувам со реалноста што значи да се биде актер. Од кога завршив со студиите се фокусирав на правење нешто самостојно, заедно со моите колеги и професорот се фокусиравме на еден проект наречен ТВ Бокс, и заедно работевме на него. Една година го пишувавме текстот, а една година го реализиравме.

Мислам дека со овој проект ги завршив своите мастер студии не само по глума – туку по драматургија, режија, организација и маркетинг. Едно од најдобрите искуства ми се случи веднаш по моето дипломирање!

vladanka dimkovska barakite na fdu se najdobriot temel za sekoj akter 3

Какви беа вашите очекувања за време на студентските денови, желбите кои сакавте да ги реализирате како актер и каква е реалноста по напуштањето на бараките на ФДУ?

Нормално како секој студент во која било област – секогаш ја сликаме најсјајната верзија за тоа што не очекува од кога ќе ја добиеме златната диплома за која сме поминале многу ноќи непроспиени и сме испиле еден тон кафе. Желбите што ги имав на ФДУ како актер – сѐ уште ги имам, и силно верувам дека ќе ги реализирам.

Мислам дека патот не може да биде лесен. Тоа е прво нешто што научив на 14-ти јуни, еден ден по моето дипломирање. Дека ако нешто сакаш да постигнеш, мора да се бориш. Дека ништо нема да ни падне од небо, и дека факултетот не завршува со наше дипломирање. Посебно ФДУ. Бидејќи стојам на ставот дека актер треба во континуитет да се надоградува, да расне како личност, да ги поминува сите граници и бариери, да руши стереотипи и да менува.

Ова може да се постигне само со знаење, што поголемо, што поопширно. Наместо да се разочарам од реалноста дека сонот не се остварува толку лесно, ги засукав ракавите и почнав да работам на себе. Почнав да се надоградувам на сите полиња.

Видов дека ме интересираат многу работи за кои не сум имала време, почнав да ги студирам луѓето, почнав да ги учам работите кои никогаш не сум мислела дека ќе ми требаат. Бараките на ФДУ се најдобриот темел што може да го добие актер, сите сонови отсонувани таму мораме, можеме и треба да ги исполниме.

Никој не вели дека ќе биде лесно – но во тоа и е убавината. Мислам дека сѐ што ќе те „испоти” ќе те направи човек – а ние  за тоа се бориме – да станеме подобри луѓе!

vladanka dimkovska barakite na fdu se najdobriot temel za sekoj akter 5

На многумина сте им познати од серијалот ТВ Бокс што пред неколку месеци се емитуваше на телевизија Телма. Тоа е серија што ги опфаќа современите општествени проблеми, а знаејќи дека ги има многу во нашата држава, дали беше тешко да се селектира и конкретизира материјалот за да се прикаже македонското општество онакво какво што е?

Како што реков, ТВ Бокс беше прво претстава, а потоа стана серија. Имаше можност да се емитува на Телма и да пренесе дел од работите и ставовите кои ги проучувавме. ТВ Бокс не беше само актерски предизвик, тоа беше предизвик за да научиш повеќе од каде доаѓаш, би рекла потрага по идентитетот (збор со кој се расфрламе многу често).

Во проектот бевме 6 луѓе: Јас, Ирена Мирческа, Ангела Стојановска, Васко Костовски, Христијан Поп Симонов и се разбира режисерот Златко Славенски. Заедно сите влеговме во истражување за тоа каде живееме и како се прикажува тоа каде ние живееме. Би рекла влеговме во потрага на вистината!

Една цела година, пишувавме, истражувавме, правевме анкети, собиравме материјали за на крај да го создадеме ТВ Бокс. Искрено имавме премногу материјал и да беше претешко да се конкретизира и да се прикажеме онакви какви што сме. Сепак беше едно возбудливо патување, научен труд, истражување за да видиме кои сме ние пред сѐ, па потоа се останато.

vladanka dimkovska barakite na fdu se najdobriot temel za sekoj akter 4

Генерално гледано, театарската култура како да се буди од таа заспиеност, што на уметниците им пречеше, но дали има доволно проекти и простор за да се вклучат младите актерски имиња во нови и освежувачки реализации?

Секогаш има простор. За сите има простор. Може да забележиме дека работите се менуваат, и искрено сум пресреќна поради тоа. Младите актери се полни со енергија и имаат желба за работа.

Не мислам дека некој треба да ни даде проект или простор – мислам дека сами треба да си го создадеме, или барем да пробаме да си го создадеме, да се бориме да го освоиме тој простор. Ние до недоглед може да зборуваме како нема простор и како нема проекти, но зошто сами да не ги создадеме?

Не велам дека е лесно – напротив претешко е нешто да направиш сам, ама ќе цитирам еден цитат напишан од студент на ФДУ во еден од базените “Друго е кога тоа ќе го направиш сам”. Ама само со работа може да постигнеме нешто и да смениме нешто.

Ние младите, дали актери и режисери или пак филмаџии ние сме иднината на македонскиот филм, театар – на македонската сцена. Ние непрестајно треба да работиме, да ја менуваме, да создаваме нови правци и да истражуваме – за подоцна да ја предадеме сцената на генерациите што доаѓаат. Сите подеднакво сме одговорни за уметноста!

vladanka dimkovska barakite na fdu se najdobriot temel za sekoj akter 6

Моментално сте на постдипломски студии на политички науки, на кој начин планирате да го поврзете театарот и политиката во својот магистарски труд?

Да, моментално пак сум студент. Студент на еден друг факултет којшто иако изгледа многу далеку од театарот – сепак е многу блиску до него. Политиката секогаш му влијаела на театарот, зборам на глобално ниво не само кај нас.

Со тоа се судрив додека бев студент, и не ми беше јасно како политиката може, и како смее да го менува театарот.  Поттикната од таму знаев дека некогаш ќе пробам да научам повеќе за политиката како наука и ќе пробам да ја разберам и сфатам.

И еве сум 4 години подоцна ми се пружи таква можност да ја видам политиката одблиску. Мораш да го проучиш добро и да го знаеш многу добро она што сакаш да го менуваш. Мислам дека за да се променат работите, мора да ги знаеме. Не може да зборуваме големи работи, а никогаш да не се осмелиме да ги прегрнеме.

Баш поради тоа решив да ги спојам двете големи работи - театарот и политиката, да откријам како театарот може да влијае на политиката, а не обратно. Бидејќи ако се вратиме назад во времето ќе видиме дека и најголемите цареви имале свој “театар” кој им ја кажувал вистината преку уметност.

Наше е кој пат ќе го одбереме. Ние мораме да бидеме свесноста на општеството, да го менуваме и да го обликуваме и тоа не смееме да прекинеме да го правиме. Затоа мислам и силно верувам дека театарот може да влијае на политиката на една држава.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Леонид Вандевски, атлетичар: „Пред натпревар избегнувам користење на социјалните мрежи, а дисциплина... „Неуспехот е дел од животот и е нешто што сите мора да го прифатиме бидејќи најг...
Елена Ристеска: „Има многу злоба меѓу народот, се штитам така што никој не знае каде сум и што права... „Почесто плачам од радост, отколку од тага. Емотивна сум за блиски луѓе, за...
Михаил Корубин: „Моите ми направија прва ‘изложба’ дома на 6-7 години, израснав во ателјеата на татк... „Паметам на 6-7 години моите ми ја направија првата „изложба“ во нашата куќа, ја...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg