Раскажано во прво лице: Колку е достижно да стигнеш на Tomorrowland од Македонија и што се случува таму?

Спектакуларна магија ви го одзема здивот. Само да го преминете прагот и можете да се препуштите на инстинктот. 

raskazano-vo-prvo-lice-kolku-e-dostizno-da-stignes-na-tomorrowland-od-makedonija-i-sto-se-slucuva-tamu-001.jpg

Таму секој внимава на секого и сите се исклучително љубезни и полни љубов. Нема предрасуди и нема нации и граници. Сите се едно. Љубовта кон музиката и живописното само го тера телото да лачи ендорфин и го комплетира задоволството. На среќата и нема крај... Зборуваме за Tomorrowland.

Како да се стигне до таму, дали е лесно изводливо, што треба да имате со себе и што точно се случува?

Разговаравме со Христина и Горјан, кои во 2018-та година беа прогласени за амбасадори од Македонија на фестивалот од соништата:

Што е тоа што те влече најмногу да отидеш и следната година?

Tomorrowland е баш земја од иднината. Таму не постојат граници, раси, разлики меѓу луѓето. Насекаде има таква убава енергија од љубов, среќа и забава која не сум ја осетила на ниедно друго место. Иако првичната причина е нормално, желбата да се слушнат и посетат најдобрите DJ на електронска музика собрани на едно магично место, откако еднаш го посетивме Tomorrowland, сфативме дека овој фестивал е многу повеќе.

После 4 дена журкање и спиење во шатори, поодморена не сум се вратила ни по 20 дена на море. Имам толку многу да кажувам и кажувам ама мислам дека овoј фестивал не може да се опише онака како што може да се доживее.

Што интересно се случува на лице место, а не можеме да го видиме на официјалните слики и видеа?

Тоа што не се гледа е Dreamville – така се вика кампот во кој се сместени најголем дел од посетителите. Иако има доста кои се сместени по хотели или апартмани, сепак најголемото доживување е кампот. Како е сè организирано, чисто, средено.

Дoбрата страна е тоа што фестивалот трае од 12 на пладне до 1 по полноќ. Останатото време е наменето за спиење и полнење батерии за нареден ден и за уживање низ кампот. Јас бев фасцинирана колку е чисто, просто неверојатно колку се внимава на секој можен детаљ. Ништо не ти пречи, ни тесниот шатор, ни заедничките тоалети, ништо. Едноставно уживаш во секој изминат момент.

Какви уникатни активности за пар може да се искусат?

Нема некоја разлика меѓу искуства како пар и друштво. Првата година бевме само ние двајца, јас и Горјан и поминавме незаборавно. Таму запознавме луѓе од секаде и тоа е убавината, никој не го интересира политика и разлики, напрoтив сите доаѓаа да се сликаат со нашето знаме, им било убаво дека сонце.

Првата година исто бевме избрани како амбасадори на нашата држава, со што ни следуваше појадок, посебно место за поставување на шаторот и многу пиво на фестивалот во саботата. Тој ни беше најубав ден – се разбира.

Вторава година бевме со друштво и пак си поминавме феноменално, со друштво има повеќе смеа и повеќе случки.

Дали навистина е како да си Алиса во земјата на чудата?

Да, да, и многу повеќе. Кампот е оддалечен некои 20 минути од фестивалот, ама и двете заедно се како некој магичен град. Има 16 сцени и секоја има своја приказна. Секоја година се менува темата на фестивалот и целиот фестивал, посебно Main Stage се креирани во склоп на темата.

Првата година темата беше циркус, минатава океан. И не само тема туку цела приказна постои за секоја година посебно. Приказната е детално опишана во пакетот во кој стигаат картите – белегзиите за фестивалот. А само да го видите пакетот во кој пристигнуваат белегзиите – тоа е посебна приказна.

Друг момент кој е уникатен е дека таму не се плаќа со пари, картички. Белегзијата која стига пред фестивалот има вградено чип преку кој се плаќа. Имаат дури и своја валута – бисер.

Што е најдоброто нешто што го јадевте таму?

Храната е многу вкусна, сè што пробавме беше навистина вкусно. Имаат доста добра морска храна, а јас лично најмногу ги јадев Belgian Fries, многу се добри за со пиво.

Најавтентичниот пијалак кој се служи?

За пиење најчесто пиевме пиво. Пробавме и коктели, но сепак пивото некако најмногу се совпаѓа со фактот дека треба цел ден да се издржи и да се журка.

Што е најдобро да се купи за спомен од таму?

Ние искрено не купивме ништо, белегзиите што ги праќаат кои се и влезници се многу убави и заедно со кутијата во која стигаат се навистина прекрасен украс за дома.

Колку е тешко да се отиде од Македонија таму?

Не е тешко, но летовите „магично“ поскапуваат за тој период. Ние двете години одевме со Adria Airlanes, затоа што со оваа авио компанија летот е во четврток – понеделник. Сите други комбинации не се совпаѓаа, а тоа значи дека мора да се останува некој ден плус во Брисел. Ние одбравме да сме таму само за фестивалот.

Што е важно да се понесе од дома за секој случај?

Има доста работи искрено. Голема среќа што постои Редит, па лесно дојдовме до информации за што се ни треба. Топла облека, два пара патики – постари по можност. Пластични садови, украси за коса, тело – интересно е да си што е можно понеобичен, flashlight, powerbank барем за почеток, се изнајмува и тоа таму. Како што кажав мислеле на сè.

Можно ли е да се чујат сите изведувачи ако се организираш добро?

Дефинитивно не. На сите 16 сцени има програма од 12 на пладне до 1 по полноќ. Може да се слушнат сите изведувачи кои сакаш да ги слушнеш ако добро се организираш,  ама и тоа не е сигурно затоа што знаат да се поклопат двајца, тројца во исто време. Но, има толку многу квалитетни, што во никој случај не си во загуба.

Какво е чувството кога ќе се вратиш дома по фестивалот?

„Леле кај се вратив.“ Мала шега. Па, јас лично бев преплавена со позитивна енергија и како препородена. Искуството е неверојатно и е како лек за душата. Можеби звучи смешно, и мене ми звучеше така пред да отидам, ама верувајте така е. Ние бевме двапати, а еве се припремаме и за зимски Tomorrowland, кој 2019 се одржува првпат.

Што можеш да научиш за животот од посетата на Tomorrowland?

Дека треба да заборавиме на предрасуди, политики, националности. Треба да уживаме во животот, да купуваме доживувања, а не предмети.

Ваша препорака за сите кои сакаат да отидат?

Следете го Редит каналот за Tomorrowland каде го имаат одговорот на секое прашање, од што сè треба да се носи, до цени за храна и пијалаци. Носете многу украси, шминки, детали, знаме, мноогу позитивна енергија и подгответе се да ги поминете најубавите 4 дена во вашиот живот

Најинтересна случка од последниот пат?

Последниов пат бевме цела екипа што автоматски значи многу забава и смеа. Многу бевме интересни, се цртавме со знамето по лице, па каде и да се движевме нè застануваа и поздравуваа. Имаше искрено многу случки, ама нема да ми стигнат ни 5 страни ако почнувам детално да објаснувам...

Во исчекување сме на зимскиот Tomorrowland, кој оваа година се одржува за првпат. По неговата посета, Христина и Горјан повторно ќе ни ги раскажат најубавите искуства. Следете нè!

Во продолжение, неколку фотки од Tomorrowland од 2017-та и 2018-та година:

Г. Д. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Ребека, Македонка во Сан Франциско: „Животот ми приреди бура - како испливав нагоре без страв и омра... „Дефинитивно самодовербата се губи ако имате партнер кој не е тоа што сте го зам...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Бобан Алексов живее 6 години во Данска: „Заминав 'на слепо', работа најдов случајно на Фејсбук, живо... Боби Алексов (37) од Скопје, 6 години живее во Оденсе, Данска. За себе вели дека...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg