Ангела Николовска: „Во Виена секој мора да носи маска во продавниците“

„Конечно има квасец и брашно во продавниците, Австријците прекинаа со паничното купување на производи“, вели скопјанката Ангела, која веќе 8 години живее во Виена.

angela-nikolovska-vo-viena-sekoj-mora-da-nosi-maska-vo-prodavnicite-01.jpg

Ангела Николовска веќе 8 години ја нарекува Виена свој дом. Таа ни пренесува каква е ситуацијата периодов таму и како австриските власти се справуваат со короната.

Ангела за ситуацијата во Виена:

„Забележително е дека во Виена има промени во секојдневниот живот. Овде веќе живеам речиси 8 години и можам да кажам дека сега е дефинитивно значително намалено движењето на локалните жители заради корона вирусот во споредба со претходно.

Тие кои одат на работа и го напуштаат домот се исклучиво оние кои ги имаат работните места кои се неопходни за да се исполнат егзистенцијалните потреби за живот на останатите. Сите други имаат наложено од државата да се изолираат и придржуваат на правилата за карантин, кои се ревидираат постојано и стануваат сè построги и повеќе го стискаат обрачот на движење.

angela-nikolovska-vo-viena-sekoj-mora-da-nosi-maska-vo-prodavnicite-04.jpg

Засега постојат 4 правила зададени од владата на Австрија. Првото е дека доколку луѓето не работат на работно место на кое мора да бидат присутни, мора да се изолираат во нивното место на живеење. Второто правило е дека може да се напушти домот доколку се има потреба од лекарства и храна. Третото правило е дека може да се излезе од домот доколку треба да се помогне некому.

Последното правило е дека доколку некој сака да излезе од домот може, но на сопствен ризик, и доколку се одлучи на таков чекор мора сам/сама да биде или во придружба на максимум уште еден член од домаќинството со кој живее и за тоа мора да приложат документи.

angela-nikolovska-vo-viena-sekoj-mora-da-nosi-maska-vo-prodavnicite-03.jpg

Сите овие правила секојдневно се контролираат насекаде од полицијата, па дури и по парковите за шетање. Тие кои нема да ги почитуваат овие правила може да добијат казна во висина од 1.500 до 3.600 евра во зависност кое правило се прекршува.

Непридржување на задолжителен карантин зададен од државата Австрија предвидува казна од 1.500 евра. Во случај полицијата да наиде на група луѓе кои одбиваат да си одат во сопствениот дом добиваат казна - секој човек по 2.300 евра. Во случај некој да влезе на спортско игралиште казната изнесува 3.600 евра. Казната за ресторани или други компании кои не го почитуваат законот може да се движи од 10.000 до 15.000 ерва, но и повисока во зависност од случајот.

angela-nikolovska-vo-viena-sekoj-mora-da-nosi-maska-vo-prodavnicite-02.jpg

Сите училишта и универзитети се затворени. Оние маркети кои работат се само за храна и со еден час скратено работно време за да не се создадат дополнителни гужви при купувањето. Многу повеќе се практикува онлајн нарачување на храна од маркетите и рестораните отколку порано.

На почетокот од март рестораните работеа со скратено работно време до 15 часот, а од 17-ти март сите се затворени и функционираат исклучиво со доставување на храна до домовите. Продавници за облека и козметика не работат, меѓутоа и за тоа има можност да се порача онлајн. Сите аптеки функционираат нормално како и пред кризава и немаат скратено работно време.

Во однос на паника, сите луѓе не реагираат исто. Она што е факт е дека на почеток повеќето купуваа храна во изобилство и заради тоа се јави недостаток на одредени производи во сите продавници низ Виена како тоалетна хартија, брашно, квасец, млеко, замрзнати готови пици и слично. Пред недела дена се чини дека купувањето без граници престана. Продавниците веќе се скоро снабдени со сите производи кои недостигаа.

angela-nikolovska-vo-viena-sekoj-mora-da-nosi-maska-vo-prodavnicite-05.jpg

Се зголемува секојдневно бројот на луѓе кои употребуваат маски за заштита. Владата веќе наложи секој да носи маска во продавниците. Овој закон веќе се почитува од граѓаните од 1-ви април, а ќе стапи целосно на сила во понеделник (6-ти април), кога веќе полицијата нема да толерира непочитување и ќе определи соодветна казна за прекршокот. Во меѓувреме маркетите за да не изгубат купувачи, самите веќе на нивен трошок почнаа да набавуваат и делат бесплатни маски пред влезот на продавниците.

Постои многу мал број на луѓе кои веруваат дека овој вирус е обичен, но и тие полека се освестуваат бидејќи има голем број на заболени, а и мерките на државата веќе ја потенцираат сериозноста на ситуацијата. Во секој случај добро е што повеќето гледаат да се безбедни тие самите и да се заштитат, а и се солидарни со луѓето кои спаѓаат во ризични групи како оние кои имаат рак, астма, проблеми со срцето и слично.

Инаку секој ден во Виена од 18:00 часот се дава аплауз, сите свират и пеат од своите прозорци или балкони во знак на поддршка и благодарност за оние кои се придржуваат на правилата и се во изолација, за неуморната работа на докторите, полицијата и оние кои работат во продавниците и аптеките.“

Фотографии од празната Виена:

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ангела Блажевскa: „На 19 години ми пресадија бели дробови, операцијата траеше 7 часа, сега слободно ... „Белодробната функција, пред да ја направам операцијата, ми беше само 18% и тоа ...
Вики Чадиковска за стилот и убавината: „Се будам во 5 часот со цеден лимон и вода, се откажав од сла... „Тања Кокев го изработи фустанот за еден важен семеен настан и буквално ја прене...
Влатко Лозаноски за родниот град: „Во Кичево си доаѓам на 2 недели и прво јадам од домашниот ручек к... „Св. Ѓорѓија ни е наша домашна слава и секогаш за 9-ти декември фамилијарно сме ...
Успешни Македонци низ светот: Сестрите Анастасја и Елизабета од Скопје 12 години водат свој моден бр... „Нашата сегашна колекција е Phoenix и затоа Лила беше очигледен избор. Таа е еди...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Кире Лазаров за татковството: „Ги пропуштав родендените на децата поради ракометот, но многу сум бли... „Бидејќи на сопругата Љубица ѝ се ближеше терминот за породување, а јас имав соб...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg