Отворено со Александра Шијакоска: „Требаше да се сликам на ладно и да се преоблечам на улица – тогаш сакав да се откажам“

Обожава да го поминува времето со дедо ѝ додека ѝ раскажува приказни од младоста, на почетокот имала тешкотии и сакала да се откаже од блогерството, а тоа што потекнува од село ѝ помогнало да се инспирира да прави модни фотки на уникатни места низ Македонија – отворен разговор со Александра Шијакоска, позната модна блогерка.

eden poinakov svet na aleksandra shijakovska gi sakam prikaznite na dedo mi da gi posetam kapadokija i marakesh i da pocnam so planinarenje 1

Во Македонија важи за една од најпознатите модни блогерки со 34 илјади следбеници. Добро осмислените фотографии на нејзиниот профил го претставуваат нејзиното секојдневие со креативни модни комбинации. Урнек на многу млади луѓе, Александра Шијакоска (27) секој ден се труди да стане подобар човек од оној што е денес.

Но, сега парчињата облека, модните додатоци и безброј привлечните комбинации ги оставаме настрана и влегуваме во еден поинаков свет на Александра Шијакоска.

Кога е дома најмногу сака да седи со дедо ѝ, кој ѝ раскажува приказни и како било во времето кога тој бил млад. Сака кога семејството ѝ е собрано на едно место, особено кога ќе дојдат братучедите па сите заедно си припомнуваат за случки од детството.

Посебно задоволство ѝ причинува кога за Божиќ фамилијарно ќе седнат покрај оган, каде што топлат ракија и кршат лешници кои им растат во дворот. Шијаковска го сака мирисот на дом, моментите кога сите најблиски се покрај неа и не мора да мисли дали се добро или дали им треба нешто.

View this post on Instagram

A post shared by Aleksandra Veseli Shijakoska (@aleksandrashijakoska)

Александра уште од многу мала сака да јава коњи, иако тоа ѝ е хоби, сепак има желба да се усоврши што е можно повеќе.

Дури и самата е изненадена што од годинава станала страстен читател. Никогаш не очекувала толку да се заљуби во книги. Читањето ја опушта и одвај чека да најде слободно време за да прочита некоја страница плус.

„Пиреј“ од Петре М. Андреевски, „Гордост и предрасуди“ од Џејн Остин и „Кралство од соништата“ од Џудит МекНот се наслови кои допреле до неа.

„Да бидам искрена на почеток се соочив со многу тешкотии. Имаше моменти кога сакав да се откажам од сè. Еден ден ми е врежан во сеќавањето многу добро. Беше ладно, а јас требаше да се сликам и да се преслечам на улица.

Се сликав без никакви услови, одевме пеш затоа што немам кола, со куп ќеси во раце и буквално седнав на тротоар, смрзната, со солзи и безнадежно си кажав дека веќе нема да го работам ова.

Сите блиски се чудеа како сè уште немам откажано, кога го правам ова без никакви услови. И тогаш сфатив дека работите за кои сметав дека ме уназадуваат и дека се моја слаба страна, всушност беа мои предности и направија да се издвојувам од другите“, се присетува Шијакоска.

Во тие тешки периоди за себе мислела дека никој не би следел девојка која „нема“ што да покаже. Не патува, нема фенси слики, нема брендирана облека … На почетокот од стипендијата на факултет си купила машина и од стари алишта шиела нови, цело време преправала и додавала нешто за да изгледа интересно.

„Па, тогаш си реков, штом не можеш да патуваш низ светот сликај се во природа, искористи ги тие поволности. Мислам дека од тогаш почнаа да се менуваат работите на подобро, а тоа што сум со потекло од село, само ми даде предност.

Сфатив дека треба да правам слики на различни места во Македонија и со гордост кажувам од каде сум. Ни малку не е во ред на социјалните мрежи да се покажува некоја совршен живот што не го живееш“, коментира Шијакоска за дел од нејзиното минато.

Таа цело време ги кани луѓето да дојдат и да шетаат низ Битола. Ако треба да направи прошетка низ Битола на странци, тоа би изгледало вака.

Прво ќе ги однесе низ старата битолска чаршија, од таму на кафе на Широк Сокак, на ручек во „Епинал“ или „Вино бар Буре“ и после нема да направат едно, туку три крукчиња. Потоа би тргнале и до античкиот град Хераклеја, а вечерта ќе поминат на пијачка во мезе бар „Јагода“. Доколку има време, следниот ден странците би ги прошетала на Пелистер.

„Имам еден куп случки за раскажување од моите патувања во Македонија, но на оваа се сеќавам најдобро. Во Битола имаш два нови коња. Преубави. А, јас сакав да се сликам со нив. Арно ама, беа млади и нескротени. Кога стигнавме на локацијата, еден од коњите буквално нè бркаше низ целата ливада па со фотографот моравме да се качиме на едно дрво додека да се смири. Но, јас бев упорна.

Не се откажав и некако успеав да се качам. Одвај направив една слика, ама сакавме да смениме локација. Отидовме на друго место и сопствениците ни го оставија да го чуваме коњот. Беља работа. Јас го држев апаратот, а фотографот, едвај четириесет килограми сосе ранец, го држеше коњот, па кога коњот зеде да го влече него и да трча наоколу. Тој го влече, а овој не го пушта.

Во меѓувреме, другиот коњ врзан за дрво застана на две нозе и за малку фалеше да го откорне стеблото“, со смеење раскажува Шијакоска, која недела дена подоцна заедно со фотографот се „газеле“ од смеење за настанот.

На прошетки низ Македонија најчесто оди со нејзиното момче или со тимот составен од фотограф/видеограф. Иако ги поврзува работата, тие се дружат и приватно и цело време се заедно.

Шијакоска открива дека во следниот период сака да почне да се храни здраво, физички да биде поактивна, а исто така има голема желба да почне и со планинарење за време на викенди и да учи нов јазик.

„Сакам да патувам на мали и слатки места. Ако порано имав желба да ги посетувам светските метрополи, сега сакам да одам на места како Кападокија, Маракеш, италијанското крајбрежје Амалфи…

Ама да не претерувам, со оглед на тоа што не сум патувала многу, ми останува неоткриен целиот свет“, додава Шијаковска и ги советува и другите да веруваат во своите соништа, но пред сè во себеси.

Ако еден ден Александра се разбуди како туристички водич, наместо како модна блогерка, каде што голема група на туристи ја чекаат да тргнат некаде, без размислува ќе го прифати предизвикот и заедно со нив ќе го започне патувањето од Битола.

Потоа преку Галичица би поминале во Охрид, меѓу кои и Заливот на коските и останатите атракции во близина. Би продолжиле до Струга, па Вевчански Извори и би направиле цел круг до Бигорски манастир. Го додава Маврово во планот и турата би завршила на Галичник со јавање на коњи.

Автор: Е. Х. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Кире Лазаров: „Со Каролина бевме партнери за матура, поради погрешна дијагноза мислев дека рано ќе ј... „Финалето на Светското клупско првенство беше мојот најтежок натпревар во кариер...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Маја од Скопје на 41 година го победи ракот на дојка: „Пациентите кријат дека примаат терапии, кај н... „Сакав и одлучив да живеам и мислам дека таа свесна намера беше пресудна да се п...
Ребека, Македонка во Сан Франциско: „Животот ми приреди бура - како испливав нагоре без страв и омра... „Дефинитивно самодовербата се губи ако имате партнер кој не е тоа што сте го зам...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg