Маја и Душица: „Карантинот нѐ натера пешачките тури низ Галичица да ги замениме со правење мармалад и кандирано овошје“

Маја и Душица се она што се, подеднакво едноставни и забавни – дома, во кујна, на планина, во бавча, со луѓе, со самите себе. Летни деца, и двете родени во месец јули. Образовани во областа на туризмот и економија, љубители на природа, планина, животни, капење во Охридско Езеро во март и октомври…

maja i dushica od trekkme od pesacki turi po ohrid i galicica do proizvodstvo na domashni marmaladi od portokal i grejprut kandirani kori i suseni domati 9

До пред половина година биле активни пешаци на планина, скоро секој втор ден биле во селото Горно Коњско кое буквално им „влегло под кожа“ после првата средба со него. Во последен период поради обврските имаат сѐ помалку време, но барем еднаш неделно гледаат да тркнат до село Шипокно, Велестово или Коњско за да избистрат ум и дух.

Маја и Душица пораснале во исто маало. По средношколските денови секоја тргнала по свој пат. Едната заљубена во Охрид, останала и ги продолжила своите студии таму, а другата во Италија.

Долги години потоа, „случајно“ се сретнале на плажата Канео и договориле кафе за наредниот ден. Го обновиле пријателството, си раскажале сè што им се случило, без да бидат свесни дека во заднината на сето тоа се криела нивната бизнис одисеја.

maja i dushica od trekkme od pesacki turi po ohrid i galicica do proizvodstvo na domashni marmaladi od portokal i grejprut kandirani kori i suseni domati 1

Приказната за ТrеkkMe започна со пешачките тури по Охрид и Галичица. За Маја и Душица тоа претставувало една убава увертира, за која не ни претпоставувале ни во најубавите соништа каде ќе ги однесе.

„Буквално без компас, ама со желба за чист воздух и бистри мисли, тргнавме на пешачење со единствен план тоа да не биде монотона патека, туку нешто ново… Љубопитно и возбудено полека ги откривавме убавините на село Шипокно, за потоа да продолжиме накај Горно Коњско кое значеше љубов на прв поглед. А зошто?! Сè уште откриваме…“, споделуваат двете пријателки.

Се вратиле воодушевени и наполнети со убава енергија. Во моментот и двете во барање на работа од соништата. Ја пронашле – пешачки тури во рамките на Националниот парк Галичица.

BeFunky collage 1

Седнале, ставиле на хартија сè што во моментот им паднало на ум поврзано со идејата за развивање бизнис со тури. Без многу напор и брејнсторминг, Душица го предложила името TrekkMe, кое се наметнало, а во слободен превод значи – пешачете со нас. После тоа ги направиле првите летоци, контакти и за брзо време ја организирале првата тура со осуммина Швеѓани, која никогаш нема да ја заборават.

„Пешачките тури најмногу ги паметиме по слободата на „изразување“ во секоја смисла. Комплетно осмислување на содржината на денот предвиден за пешачење со гостите. Планирање на маршрутата на движење до места за пауза и сликање, ресторан за ручек, безбедно враќање и сите на број.

Позитивната возбуда и исчекувањето пред да се сретнеме со групата секогаш ни предизвикуваше срцебиење и радост истовремено. Исто така, не се забораваат ни долгометражните разговори со странци со кои имавме впечаток дека претходно долго се познаваме. Бесценето, нели?!“, откриваат Маја и Душица.

За време на карантинот, двете пријателки дошле до една интересна идеја. Почнале да произведуваат мармалади од портокал и грејпфрут.

„Карантин, малку странци, следствено на тоа помалку тури, ама пак слободно време на претек. Убав пролетен ден, некој килограм портокали по дома, желба за креативно реализирање како никогаш…“, така звучи почетокот на едно ново поглавје од TrekkMe.

maja i dushica od trekkme od pesacki turi po ohrid i galicica do proizvodstvo na domashni marmaladi od portokal i grejprut kandirani kori i suseni domati 3

Еден ден Душица рекла дека ќе го направи најубавиот мармалад од портокал што некогаш Маја го пробала. Не размислувале долго, седнале, исечкале, го свариле портокалот и „паднал“ првиот највкусен цитрусен залак со обично лепче.

„Направивме само две теглички, шармантно ги спакувавме со италијански весник кој себично го чувавме за домашна архива, ги објавивме на профилот на TrekkMe ииии… стигнаа првите пораки со прашање: дали можеме да нарачаме од убавиниве?!

Малку збунети од реакцијата на следбениците, се препуштивме на авантурата. Првите две продадени тегли, е таа среќа не се опишува. Не заради заработените пари, туку некој го препознал нашиот труд и одвоил време за нас. Лично ги доставивме, и кратко време после тоа стигнаа првите пофалби за чудото од мармалад“, се присетуваат Маја и Душица.

maja i dushica od trekkme od pesacki turi po ohrid i galicica do proizvodstvo na domashni marmaladi od portokal i grejprut kandirani kori i suseni domati 5

Првите дегустатори на мармаладите засекогаш ќе бидат врежани во нивното сеќавање. Со нив се знаеле од претходно, ама никогаш не претпоставиле дека ќе го најават почетокот на нивниот, навидум „наивен“ бизнис во областа на домашното производство. Од ден за ден, им стигнувале љубопитни прашања и нови нарачки, а „што правиме понатаму?“ им одѕвонувало во глава со секое утринско кафе.

„Пораките со воодушевување од познати и непознати луѓе и нивната безрезервна поддршка од една страна беше моментот кога сфативме дека имаме идеја што мора да се реализира до крај. Негодувањето пак и сомнеж од за нас релевантни личности од друга страна, дополнително нè раздрма, нè поттикнаа да ја преиспитаме идејата, и да ги пронајдеме одговорите на „зошто баш ова, како во ова (не)време“?!? По сите параметри (за некои можеби нелогично), тоа беше доволно за да сфатиме дека треба да продолжиме понатака“, споделуваат Маја и Душица.

Освен мармаладот од портокал и грејпфрут направени според италијански рецепт, произведуваат и домашна кандирана кора од истите цитруси, поттикнати од идејата за zero food waste. Неодоливо вкусна во комбинација со топено чоколадо, или соло, само за попладневно грицкање.

maja i dushica od trekkme od pesacki turi po ohrid i galicica do proizvodstvo na domashni marmaladi od portokal i grejprut kandirani kori i suseni domati 4

Од неодамна, нивниот асортиман е збогатен и „обоен“ со природни сушени охридски домати, јабучар и чери, во ладно сончогледово или маслиново масло, по избор на купувачите. Моментално тестираат нов цитрусен вкус, кој за брзо време ќе го објават на официјалниот профил на TrekkMe.

maja i dushica od trekkme od pesacki turi po ohrid i galicica do proizvodstvo na domashni marmaladi od portokal i grejprut kandirani kori i suseni domati 6

„Тајни, барем во нашето производство речиси и да нема, мали и слатки се, ама значителни. Процесот на сушење на кората од цитруси трае неколку дена. Почнуваме со миење на кората, сечкање на тенки ленти, потоа вриење во неколку води и варење во шеќер. Така зовриени остануваат во шеќерната смеса 24 часа, после тоа нежно се цедат и се оставаат на сушење неколку дена и тоа исклучиво на природна светлина и топлина.

Доматите се пак друга љубов, посебна приказна за подготовка. Најпрво детално се мијат еден по еден, се сечат, па ги распоредуваме на сушници кои сами си ги направивме, ги посолуваме со крупна сол и ги оставаме на сушење неколку дена со единствена желба за што повеќе сонце и помалку дожд“, го споделуваат процесот на сушење на корите од портокал и грејпфрут и подготовка на доматите.

maja i dushica od trekkme od pesacki turi po ohrid i galicica do proizvodstvo na domashni marmaladi od portokal i grejprut kandirani kori i suseni domati 2

Маја и Душица велат дека имаат поминато низ многу интересни случки за време на подготовката на производите. Од многу непроспиени ноќи заради неповолна временска прогноза во денови кога ги сушеле доматите, па до меѓусебен натпревар која колку попрецизно ќе ги исечка корите од портокал и грејпфрут.

Па сè до бдеење додека се варел мармаладот, за да не се превари. Тука ги додаваат и максималната контрола додека ги стерилизирале теглите или која од нив двете ќе полни тегли, а која ќе „гори раце“.

maja i dushica od trekkme od pesacki turi po ohrid i galicica do proizvodstvo na domashni marmaladi od portokal i grejprut kandirani kori i suseni domati 7

„Веројатно, многу природно кај секој од нас е желбата да растеме и да се развиваме, на кое било поле – лично или професионално. Така е и со нас. Имаме планови долгорочно, не брзаме, полека ги развиваме и посветено работиме на истите.

Засега, колку што дозволува нашиот капацитет, создаваме и испорачуваме. Резултатите се повеќе од задоволителни. И да, граници за нас не постојат. Отворени се сите можности. Зголемување на производството и тимот – зошто да не?!?“, заклучуваат Маја и Душица кои ќе продолжат да сонуваат и остваруваат. Да топлат срца со нивните цитрусни вкусови, да разубавуваат денови и да предизвикуваат насмевки.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...
Виктор Апостоловски по свадбата и медениот месец на Лефкада: „Најмагично ми беше кога ја видов Милен... „Размислував дали да носам капче на свадбата и кога прашав почнаа повозрасните: ...
Меланија Цветковска, физиотерапевт: „Луѓето кај нас не сфаќаат дека потиснатите чувства предизвикува... „Лутината, стравот или тагата може да се манифестираат како разни абдоминални бо...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Марија од Радовиш 10 години е во количка: „Не дозволив тоа да ми е пречка во животот - возам АТВ, ма... „Мобилноста ја изгубив како последица на тешка сообраќајна несреќа. Пред по...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg