Интервју со Ениса Кусовска, шнајдерка: „Немањето услови, средства и едукација беа кочници, но желбата го победува секој предизвик“


Интервју со Ениса Кусовска, шнајдерка: „Немањето услови, средства и едукација беа кочници, но желбата го победува секој предизвик“

Неодамна се појави краткиот документарен филм „Сошиен сон“ каде во 5 минути се пренесува приказната на жени Ромки од Кочани и Кичево, кои имаат сон шиењето да им стане професија. 

enisa-kusovska-sharderka-nie-romite-cesto-sme-staveni-na-marginite-na-opstestvoto-i-srecna-sum-sto-nekoj-video-potencijal-vo-nas-i-ni-dava-moznost-da-go-realizirame-nasiot-son_3.jpg

Тоа е приказна за две социјални претпријатија, на различна локација, но со иста амбиција и визија. Оттаму се роди идејата да „Чк Чк" се соедини во едно претпријатије и работи заедно, а жените се доказ дека кога имате желба за нешто, ништо не може да ви застане на патот кон успехот. 

Сошиен Сон - Краток Документарен Филм

😍Почитувани, 🧵Ни претставува огромна чест и задоволство да ви го прикажеме краткиот документарен филм "Сошиен Сон"🧵 Приказна за две социјални претпријатија, на различна локација но иста амбиција и визија. Па така и се роди идејата да "Чк Чк" се соедини во едно претпријатије и работи заедно. На патот кон остварување на сонот не постојат изговори а овие жени во целост го докажуваат тоа. Неуморно работат и се трудат, колку и да е трнлив патот они не се откажуваат - бидејќи тоа што го работат од се срце го љубат💪 Се надеваме дека ќе уживате и инспирирате од документарниот филм. Вашето мислење ни значи, напишете коментар, критика, пофалба. Нашето претпријатие е отворено и за соработка, слободно контактирајте не во приватна порака. Следете не, наскоро излегува и првата колекција на производи од палетата на Чк Чк. Останете безбедни и добри. Со љубов, од тимот на Чк Чк 💙💛

Posted by Чк Чк on Thursday, October 15, 2020

Имавме можност да поразговаравме со Ениса Кусовска, една од жените која е дел од документарниот филм, која срдечно ја сподели својата животна приказна за CRNOBELO.com...

Од две различни социјални претпријатија, едните од Кочани, другите од Кичево, решивте да ги соедините вашите визии и амбиции и да започнете едно заедничко. Може ли да ни раскажете како приказната за „Чк Чк“ заживеа?

Приказната е сплет на „неслучајна случајност“ – доколку може така да се опише нашето обединување. Пред да почнеме да работиме како колектив, ние работевме како две посебни социјални претпријатија.

Она што нè спојува е Националниот Ромски Центар кој воедно е и дарител на опремата и материјалите со кои располагаме во двете претпријатија. Кога почнавме да го снимаме документарниот филм, продуцентот Горазд Кени дојде до идеја двете претпријатија да ги „соединат силите и креативноста“.

Многу сме му благодарни на Горазд Кени кој меѓу другото несебично ни помогна да го создадеме бизнис планот и ни вдахна доза на огромна мотивација. Нашата приказна е сè уште на почеток, се надеваме дека луѓето ќе ја препознаат нашата оригиналност и желба за работа.

enisa-kusovska-sharderka-nie-romite-cesto-sme-staveni-na-marginite-na-opstestvoto-i-srecna-sum-sto-nekoj-video-potencijal-vo-nas-i-ni-dava-moznost-da-go-realizirame-nasiot-son_4.jpg

Кога луѓето ја слушаат вашата приказна почнуваат да ве доживуваат како несопирливи, како сила што ги поместува границите. Патот до остварување на сонот не е лесен, со какви изговори и предизвици се соочивте додека да стигнете до тука?

Ух, од каде да започнам. Предизвикот не беше лесен, но мојата желба да научам беше поголема од кои било предизвици кои ме следеа во текот на самата работа. Немањето услови и средства како и недостигот на формална едукација беа едни од кочниците. Но силно верувам дека желбата и љубовта кон она што го правиш ќе го победи секој предизвик. И мислам дека тука лежи и рецептот за успехот. Во кое било поле. Сè додека пасијата е присутна – не постои препрека која не може да биде помината.

enisa-kusovska-sharderka-nie-romite-cesto-sme-staveni-na-marginite-na-opstestvoto-i-srecna-sum-sto-nekoj-video-potencijal-vo-nas-i-ni-dava-moznost-da-go-realizirame-nasiot-son_8.jpg

Ајде да се навратиме малку на самиот почеток, на времето кога и во себе препознавте дека сакате да се занимавате со шиење, како стигнавте до знаењето за денес вешто да го владеете занаетот?

Отсекогаш имав желба за шиење. Се сеќавам на почетокот шиев украсни миленциња со цветна апликација рачно извезена со украсни монисти. Потоа се посветив на везот со срма од кои изработив свечена невестинска носија.

Бидејќи немам образование за шиењето, наоѓав алтернативни начини за учење. Среќна сум што постојат платформи како Instagram, YouTube, Pinterest каде можеш да научиш многу. Учев и сè уште многу учам од таму.

enisa-kusovska-sharderka-nie-romite-cesto-sme-staveni-na-marginite-na-opstestvoto-i-srecna-sum-sto-nekoj-video-potencijal-vo-nas-i-ni-dava-moznost-da-go-realizirame-nasiot-son_1.jpg

Во моментот кога сме соочени со глобална пандемија, како ви е организирано секојдневието? Како го балансирате вашиот приватен живот со работните ангажмани и обврски?

Со добра организација на времето се постигнува сè. Сепак понекогаш тешко е да се одржи ритамот. Обврските кон семејството се големи, имам 3 деца – и потребно е да им се обрне огромно внимание. Работата во социјалното претпријатие сè уште не носи доволно профит за да ми биде првична работа, па затоа одам на работа во локална фабрика. И тоа малце време што ми останува го посветувам за шиење. Се надевам дека во иднина тоа ќе ми биде единствената работа.

enisa-kusovska-sharderka-nie-romite-cesto-sme-staveni-na-marginite-na-opstestvoto-i-srecna-sum-sto-nekoj-video-potencijal-vo-nas-i-ni-dava-moznost-da-go-realizirame-nasiot-son_6.jpg

На сите ни е познато дека добра екипа води до успешен бизнис. Каков тим стои зад „Чк Чк“? Отворени ли се вратите за оние кои имаат познавање и желба да се усовршат како шијачи?

Јас искрено немам големо искуство со водење бизнис, но се надевам дека „ќе тргне работава“. Ромскиот Национален Центар ни е од огромна поддршка и нè води низ процесот. Уште еднаш би му се заблагодарила и на Горазд Кени кој сè уште ни помага со практични совети за како да го поставиме нашиот продукт на пазарот.

Она што можам да гарантирам е она за што најмногу ме бидува – а тоа е квалитетни и креативно сошиени продукти. Ние Ромите често сме ставени на маргините на општеството и среќна сум што некој виде потенцијал во нас и ни дава можност да го реализираме нашиот сон.

Ја најавивте и првата колекција „Чк Чк“, од што ќе се состои палетата на производи?

Многу двоумење имаше околу првата колекција. Не располагаме со големо количество на материјали па одлучивме да поставиме само неколку производи кои би им биле најмногу потребни на луѓето или бизнис заедницата во моментот.

Маски, торбички, кецели и постелнини се дел од нашата прва колекција. Ги продаваме на парче, а отворени сме за соработка за поголеми нарачки со компании.

BeFunky collage 1 copy

На крајот од денот сите треба да се бориме за еднаквост и исти можности на сите. Што е она што те водеше сите овие години да продолжиш понатаму и да не се откажеш?

Семејството, потребата за подобар и попродуктивен живот на моите деца ми е најголемиот двигател во сè што правам. Мислам дека секој ден се будам со желба и цел да создадам нешто повеќе за нив.

За нив го дишам секој кислород. Затоа и не престанувам буквално да се „борам“. A и семејството ме поддржува многу во она што го правам, мислам дека сè што имам постигнато е поради тоа што они биле покрај мене.

Сонот да шиењето ми стане реалност е огромен. Од мала сонувам да бидам шнајдерка. Многу години поминав мечтаејќи за тоа. Многу години не се откажав. Не се откажувам ни сега. По ниедна цена.

Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Владимир Петровиќ - “Мали од Наше Маало”: Прва љубов ми е девојчето од градинка, а потоа глумата Пред 17 години на екраните се појави серијата „Наше маало”, која до ден денес бу...
Предности на хранење на бебето со парчиња храна наместо каши - интервју со Катерина Галиќ, инструкто... Катерина Галиќ од Скопје е сопруга и мајка на два сина (пет и две години). Таа е...
Војо Иванов: Живеев 10 години со крокодил! Доколку не го познавате лично, сигурно сте го сретнале некаде низ Скопје. Најчес...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg