Христијан Коцев ослабе 50kg: „Јадев по 2 бургери на оброк, откажувањето од храна беше голема жртва“

„Во 2016-та бев аутсајдер на Скопски маратон и се прашував кој може да истрча полумаратон кај нас, а во 2020 си заминав со победнички пехар“ – Христијан (29) за CRNOBELO.com раскажува за својата инспиративна трансформација на телото и животниот стил.

hristijan-kocev-oslabe-50kg-jadev-po-2-burgeri-na-obrok-otkazhuvanjeto-od-hrana-beshe-golema-zhrtva-01.jpg

Христијан Коцев има 29 години и работи како програмер за развој на софтвер, а на својот Инстаграм профил редовно објавува пред/потоа фотографии од трансформацијата на неговото тело. 

Тој достигнал тежина од 123kg, а решил дека е време за трансформација откако познат кардиохирург го предупредил дека наскоро може да му стане пациент и воочил дека секојдневните активности му стануваат многу потешки.

Откако се решил за промена на начинот на живот, максималната разлика која ја достигнал  на вага се минус 51 килограм.

За животот со вишок килограми, желбата за промена и трансформацијата на која е горд, Христијан раскажува малку повеќе за CRNOBELO.com...

Колку килограми изгуби и за колкав временски период? Кога сфати дека е време за трансформација?

Со мојата трансформација започнав во февруари 2016-та кога го променив својот начин на живот, а максималната разлика на вага што ја имам достигнато е -51 кг.

Сакам да им пренесам на читателите дека вагата всушност прави привидна слика за дебелината. Што значи тоа? Тоа значи дека може да имате иста килажа, но различен композит на телото и да изгледате подебело.

Тоа го имам воочено во повеќе наврати уште од самите почетоци, после дознав дека бројките на вагата многу зависат од водата и течностите кои ги внесуваме, па така ако се мериме после физичка активност сме „ослабени“, а после консумирање вода по активноста може да се случи и да сме со поголема килажа од пред почетокот на активноста.

Тоа е една од најголемите причини за многу луѓе да се откажат во процесот. Ги чекаат фамозните 3 кг што сметаат дека им се вишок за да се чувствуваат убаво и никако не успеваат да ги симнат.

hristijan-kocev-oslabe-50kg-jadev-po-2-burgeri-na-obrok-otkazhuvanjeto-od-hrana-beshe-golema-zhrtva-02.jpg

Летото 2015-та ме сретна еден наш познат кардиохирург и во разговор ми кажа дека се движам со крупни чекори во некоја следна година да бидам негов пациент, знаејќи со какви случаи работи ми светна сијаличката дека нешто не е во ред со мене.

Го прашав што да правам и неговиот одговор беше да се завртам кон протеинска храна што ќе биде комбинација од месо и салата.

Кратко после тоа започнав да го практикувам и навистина намалив 8 кг за 45 дена, но од кога прекинав не само што ги вратив изгубените килограми туку и дополнив со нови 8. Максималната бројка на вага изнесуваше 123 килограми.

hristijan-kocev-oslabe-50kg-jadev-po-2-burgeri-na-obrok-otkazhuvanjeto-od-hrana-beshe-golema-zhrtva-05.jpg

Колку ти беше потежок животот со вишок килограми споредено со животот сега? Со какви проблеми се соочуваше? 

Постои огромна разлика во пред и по периодот. Со оглед на тоа што имам речиси 1 човек смалено во килажа јасно ви станува на сите колку телото повеќе требало да се напрега за да направи некаква акција, замислете како е да ви стават една вреќа од 50 кг на грб и да треба секојдневно секаде да ја носите со себе.

Проблеми има многу, а ќе споменам само дел како што се врзување врвки на патики, потоа кога возев автомобил кога треба да се завртите да видите дали доаѓа возило од друга страна, па сè до пронаоѓањето соодветна гардероба.

Како го изгуби најголемиот дел од килограмите? Со посебна диета или вежбање? Имаше ли поддршка или сам се водеше низ процесот? Колку време траеше тоа?

Не можам да кажам од што имам изгубено најмногу килограми бидејќи низ текот на времето целосно го сменив начинот на живот и секоја една нова навика има некаков удел во целата работа, па поради тоа ќе ви кажам како течеше процесот за да добиете појасна слика за она што го правев.

На почетокот прво исфрлив брза храна која ми беше омилена и која ја јадев во енормни количини (2-3 бургери од седмица на едно јадење) од моето мени за храна, а во викендите се трудев да се качам на Водно.

Деновите минуваа, почнував да се чувствувам посилен, луѓето почнуваа да ми зборуваат дека сум ослабен, но кога ќе застанев на вага килажата си стоеше иста, во тие моменти тоа ме демотивираше, а од друга страна во мене разбуди некој инает дека нема да дозволам тоа да биде посилно од мене.

Дури после 45 дена од кога свртев нов лист во животот се случи првата промена на вага. Бев пресреќен дека откажувањето од слатките работи дава некој резултат.

Во таа еуфорија како идеја за забрзување на процесот ми текна да купам патики за трчање па 2 пати неделно додека трае работната недела да трчам на кеј, а во викендите да си останам верен на Водно.

hristijan-kocev-oslabe-50kg-jadev-po-2-burgeri-na-obrok-otkazhuvanjeto-od-hrana-beshe-golema-zhrtva-04.jpg

Случајно дознав дека во мај ќе се одржи Скопски маратон, па се пријавив на трката од 5 км. Со 100+ кг успеав да ја истрчам, а си дадов ветување дека следната година ќе трчам полу-маратон.

До крајот на летото имав спуштено околу 20 кг. Зимата малце намалив со активности поради студ и успеав само да ја одржам килажата.

Во тој период трчав без некакви програми и совети околу трчањето, трчав во зависност од тоа како се чувствувам дента, но не помалку од 5 км.

Кога во 2017-та првпат го истрчав полу-маратонот бев пресреќен и воедно импресиониран од самиот себе дека за 1 година успеав да го претрчам цел град, нешто што кога ми кажуваа дека ќе треба да го истрчам, мое прво прашање беше дали има некој што може тоа да го направи кај нас (хе хе).

hristijan-kocev-oslabe-50kg-jadev-po-2-burgeri-na-obrok-otkazhuvanjeto-od-hrana-beshe-golema-zhrtva-03.jpg

Од тогаш навака се свртев целосно кон трчањето. Почнав да барам програми на интернет за подобрување на перформансите и да се држам до советите кои можат да се најдат на интернет. Постојано вклучував некој новитет и секоја коцка од слагалицата ја даде вкупната слика на крајот.

Трчањето убаво го вклопив со мојата желба за патување, па така благодарение на трчањето бев на повеќе трки во странство (Париз, Амстердам, Келн, Љубљана, Будимпешта, Валенсија, Софија, Белград, Малта и др.).

Програмите за трчање ги прилагодував да завршуваат во ист ден со некоја трка и тоа да ми доаѓа како награда за успешно сработен период.

hristijan-kocev-oslabe-50kg-jadev-po-2-burgeri-na-obrok-otkazhuvanjeto-od-hrana-beshe-golema-zhrtva-06.jpg

Дали ти се случуваше брзо да ги вратиш изгубените килограми или постојано се одржуваше?

За време на целиов период постојано ми се случува да спуштам до некоја граница и на таа да варирам +/-3 кила неколку месеци, за потоа да спуштам уште некое скалило подоле. Во денешно време облеката ми е репер во која насока се движам односно дали слабеам или се дебелеам.

hristijan-kocev-oslabe-50kg-jadev-po-2-burgeri-na-obrok-otkazhuvanjeto-od-hrana-beshe-golema-zhrtva-1.jpg

Каква физичка активност практикуваш сега и колку пати во неделата? Имаш ли некои спортски достигнувања на кои си горд?

Сега веќе не е прашањето дали ќе тренирам туку што ќе тренирам дента и колку пати. Активниот начин на живот ми се вклопува одлично со мојата професија која е статична и бара умствена работа.

За мене лично најголемо достигнување е промената на начинот на живот, а како спортско достигнување ми е освојувањето на III место на штафетната трка на овогодишниот Скопски Маратон со моите пријатели од тимот СКОБУЛ.

Тоа е прекрасно чувство - во 2016-та дојдов како аутсајдер, а оваа година дома си заминав со победнички пехар.

hristijan-kocev-oslabe-50kg-jadev-po-2-burgeri-na-obrok-otkazhuvanjeto-od-hrana-beshe-golema-zhrtva-07.jpg

Што ти беше најтешко во процесот на слабеење? Што беше поголем предизвик за тебе – откажување од храна или вежбање?

Најтешко ми беше да се справам со нетрпеливоста, на старт очекував инстант резултати и го сметав како огромна жртва откажувањето и рестрикциите во храната како некој што постојано сакал да си јаде вкусни храни.

Потешкотија ми беше и одбивањето да одам во кафана, дури и луѓе почнуваа да ме прашуваат да не сум нешто болен што одбивам. Храната е гориво за нашиот организам, па таа оди рака под рака со вежбањето.

Како реагираа луѓето на твојата трансформација? Дали имаш некого што си го мотивирал и директно си влијаел на нечија трансформација?

Ден денес кога ќе објавам некоја пред/потоа слика луѓето се во неверување, а нешто што сега многу ме радува е што мојот пример го проследија над 20 луѓе, почнувајќи од моите домашни, па сè до роднини и пријатели.

На дел од луѓето им имам помогнато да ослабат, на дел да бидат потрпеливи, на дел да бидат подисциплинирани, а сè со една цел да се победат себеси и да се чувствуваат како победници.

hristijan-kocev-oslabe-50kg-jadev-po-2-burgeri-na-obrok-otkazhuvanjeto-od-hrana-beshe-golema-zhrtva-08.jpg

Како сега ја одржуваш идеалната тежина? Дали си на диета или само правилно се храниш и што значи тоа? Си дозволуваш ли и денес да пробаш некое јадење што е „забрането“?

Бидејќи сум веќе длабоко навлезен во тематиката, за мене е станат начин на живот правилниот и здрав начин на исхрана.

Пред 2 години направив тест за интолерација на храна што ми посочи кои намирници не одговараат на моето тело и од тогаш се држам строго до таа листа.

Од таму извлеков поука дека секое човечко тело е приказна сама за себе, она што за некого дава брилијантни резултати за друг може да прави штета.

Како пример ќе го наведам фактот со јајцата што насекаде ги препорачуваат како добар извор на протеини, моето тело е нетолерантно и од нив нема бенефит.

После завршување на сезоните со трки на пролет и на есен правам 10-15 дена одмор од тренинзи, во тој период си ја „частам“ душата со работи кои вообичаено не ги правам и на тој начин балансирам.

hristijan-kocev-oslabe-50kg-jadev-po-2-burgeri-na-obrok-otkazhuvanjeto-od-hrana-beshe-golema-zhrtva-09.jpg

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

М. М. | Црнобело / фото: Инстаграм профил на Христијан

Би можело да ве интересира:

„Сѐ уште има многу родители кои веруваат дека 'ќотекот е излезен од рајот'”– Интервју со Елена Грама... „Доколку ви дојде гостин дома и истури вино на тепих, како ќе реагирате? Сигурно...
Јутјуберот Стефонатор за егзотичните миленици: „Чувам аксолотли, се хранат со замрзнати ларви и бели... „Аксолотлите можат најбрзо да ги регенерираат екстремитетите, побрзо од кое било...
„Децата од нашата градинка секој ден се надвор, пешачат, играат и на дожд и во кал“: Интервју со Јас... „Во нашата градинка, децата секојдневно поминуваат 3 до 5 часа надвор. Ние верув...
„Ги учам моите деца дека луѓето не се делат по етничка група, верска припадност, социјален статус“ -... „Кога ќе имате пријатели од сите етнички заедници, сите религии, економски посла...
Интервју со Македонката која руши рекорди на ТикТок и Инстаграм со забавни јазични видеа - Која е Те... Таа е вистинско освежување на социјалните мрежи! Нејзините јазични забавни видеа...
„Со радост се сеќавам на моето детство во Скопје, кога не се заклучуваа вратите и комшиите беа насме... „Сум имал среќа да живеам повеќе години во четири различни земји од нашиот регио...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg