Интервју со Маја Стојчевски: „Нашата Јоана физички не е веќе меѓу нас, но ни беше најголем учител во животот“

Со право велат дека не можеш да знаеш што ти носи утрешниот ден, но треба да знаеш како да се научиш да живееш и да уживаш во сите предизвици. Токму таква е и приказната во нашето интервју...

intervju-so-maja-stojchevski-nashata-joana-fizichki-ne-e-vekje-megju-nas-no-ni-beshe-najgolem-uchitel-vo-zhivotot-01.jpg

Маја Стојчевски е родена во Скопје, а нешто повеќе од 5 години живее во Германија. По професија и таа и сопругот се економисти кои работеле во финансиски институции и банки. 

„И така живеевме еден обичен и прилично предвидлив живот сѐ додека не ни се случи искуството да станеме родители на прекрасно девојче, Јоана, која се роди со физички и ментални предизвици. 

Станавме свесни за тоа кога Јоана на двомесечна возраст доби епилептични напади. Многу брзо по првичните испитувања ни стана јасно дека во Македонија ги немаме потребните услови, медицински капацитети и обем на терапии кои ќе донесат поголем квалитет на живот за дете кое има и физички и ментални предизвици.

И кога Јоана имаше точно една година се преселивме во Нојс (Neuss), Германија. Тука сме нешто повеќе од пет години. Вкупниот период на учење на јазик, наоѓање добро работно место, и интеграција воопшто траеше две години. Основната причина за преселбата беше да обезбедиме квалитетна медицинска нега за Јоана, а тоа го добивме веднаш“. 

intervju-so-maja-stojchevski-nashata-joana-fizichki-ne-e-vekje-megju-nas-no-ni-beshe-najgolem-uchitel-vo-zhivotot-02.jpg

Нивната Јоана за жал ја загуби битката и не е повеќе физички меѓу нас. Но, како што вели Маја, таа и беше еден вид на учител кој им помогна да се запознаат подобро себеси.

Таа во моментов работи како Special Parent Coach (коуч- тренер т.е. водич за родители на дечиња со посебни потреби) и со задоволство им помага на сите оние со слична животна приказна и предизвици.

Со Маја поразговаравме повеќе на тема живот со детенце со посебни потреби, зошто е добро да се има coach, како може да помогне на родителите...:

Кои се фазите на посебното родителство - опишани преку вашата животна приказна?

Ќе се обидам колку може подетално да ги пренесам сите фази на посебното родителство. Се работи за 5 фази:

1-ва фаза – Неколку недели пред да се роди Јоана на еден од прегледите ни беше навестено дека бебето е некако мало како за 36-та недела и докторите беа во недоумица дали да ме породат предвреме. Но, на крајот тој дел добро се заврши. Јоана се роди во 39-та недела и не беше толку мало бебе колку што се плашевме.

2-ра фаза – Се случија првите епилептични напади и ние дојдовме до страшното сознание дека нешто многу големо и сериозно се случува со нашето бебе. Оваа фаза е најтешка затоа што со огромна брзина напаѓаат тешки чувства и шок, а во исто време мораш да делуваш брзо и активно затоа што околностите го бараат тоа.

3-та фаза – Оваа фаза настапува после одреден период, откако шокот и неверувањето ќе спласнат, а вие почнувате да се соочувате со реалноста. Гледате дека навистина детето не се развива и не напредува, а вие сте беспомошни.

4-та фаза – Ова е фазата во која сепак се добива сила и понатаму да се бараат решенија и да се испитуваат разни можности. Во оваа фаза веќе животот ви фатил некоја рутина, се носите подобро со ситуацијата, имате решенија за повеќето од тешкотиите што можат да се случат и сте во состојба да се радувате на малите и големите победи од сите аспекти на вашиот живот.

5-та фаза е прифаќање – Среќни сме што ни се случи оваа фаза со сопругот затоа што ни пружи благослов да уживаме неколку прекрасни години со нашето убаво девојче. Прифаќањето не го бркавме и не го силевме. Не можеш да одглумиш дека нешто прифаќаш и си во ред со тоа – никој не може толку длабоко да се излаже себеси.

Прифаќањето мене ми дојде спонтано во еден момент на длабоки тага и очај додека бевме со Јоана во болница на подолг престој, 500km оддалечена од нашиот град. Таму доживеав пресврт на начинот на кој го доживував нашето искуство и прашањата што си ги поставував во себе. Решив дека е доста и дека нема повеќе да тонам во самосожалување и “Зошто јас?“ прашања.

Наместо тоа, почнав да се занимавам со прашањата: “Како да гледам на ова? Што учам преку ова искуство?“

Во ноември 2020 година Јоана го продолжи своето патување и физички не е повеќе со нас. Иако ја чувствуваме постојано околу и во нас.

intervju-so-maja-stojchevski-nashata-joana-fizichki-ne-e-vekje-megju-nas-no-ni-beshe-najgolem-uchitel-vo-zhivotot-03.jpg

Какви се условите во Германија за живот со детенце со посебни потреби? Што е најголемата разлика со Балканот освен од медицински аспект? Дали постои осудување од околината?

Ако макар кратко сте прошетале во било која западноевропска држава, веќе ви е јасно колку се големи разликите. И веднаш да кажам, не сум за тоа да се “плука“ и критикува и покажува со прст за сè што не чини. Ме боли да кажувам работи кои се на срамно ниско ниво во нашата земја. Ама сега зборуваме за разлики – и на сите ни е јасно како стојат работите, и во поглед на условите кои ги обезбедува државата за семејства од ранливи категории, и за менталитетот.

Од медицински аспект не можат да се направат споредби за квалитетот на здравството. Не само што за детето постојат болници опремени по најсовремени медицински стандарди, како и голем број на различни видови терапии и професионалци, туку достапен ви е и широк спектар на ортопедски помагала, колички, специјални кревети за домашна употреба и други помагала. Сето ова допринесува за повисок животен квалитет на целото семејство кое се соочува со ваков предизвик.

Здравствената грижа за детето и сè што доаѓа со тоа е бесплатна. Родителите се многу помогнати и има опција некој дома да доаѓа и да ти помага по неколку саати - зависи колкава попреченост има детето. И тоа е бесплатно. Затоа што државата знае дека е попродуктивно да инвестира за помош на родителите, а тие да можат да функционираат и да бидат попродуктивни за општеството.

intervju-so-maja-stojchevski-nashata-joana-fizichki-ne-e-vekje-megju-nas-no-ni-beshe-najgolem-uchitel-vo-zhivotot-04.jpg

А и понатаму, државата се погрижила сите јавни површини и целиот јавен транспорт да го стави во функција на лицата кои се движат со помагала. Јас и Јоана (во нејзината количка) имаме шетано и шетано – сами двете имавме можност без проблем да се качиме во автобус, па на друга станица да фатиме трамвај и после прошетката да се вратиме дома по друга рута со воз, без никој да има потреба да ми помогне, затоа што си има посебно место адаптирано за нас.

Кога доаѓавме во Скопје на посета (а, често патувавме дома) не можев ни да помислам да тргнам некаде сама со неа со автобус.

И на крај и целото општество е поинклузивно и постои толеранција кон лицата со попреченост. Во овој дел иако треба да се работи уште на нашиот менталитет, сепак сметам дека постои напредок кај луѓето во Македонија. Сè повеќе расте свеста за прифаќање различности и толеранција. И навистина не сум имала негативно искуство во тој поглед.

intervju-so-maja-stojchevski-nashata-joana-fizichki-ne-e-vekje-megju-nas-no-ni-beshe-najgolem-uchitel-vo-zhivotot-05.jpg

Како започна идејата за да станете Special Parent Coach и колку време трае оваа приказна?

Идејата дојде откако влеговме во фазата на прифаќање и многу работи почнаа да се менуваат на подобро. Тоа има голема врска со промената на голем број навики меѓу кои како го започнував денот и каква ми беше реакцијата секогаш кога кај Јоана ќе настапеше криза.

Поминаа месеци во тоа ново убаво чувство и почувствував дека имам простор да се вратам на работа, но не со цело работно време. Поради многуте обврски околу Јоана најмногу ми одговараше работа од дома и почнав да истражувам разни опции. Во еден момент можев да изберам помеѓу две различни варијанти и за таа цел ангажирав life coach (тренер за личен развој).

Многу ми се допадна работата со coach и начинот како ме предизвика да истражам делови од мојата личност и да разгледам перспективи кои никогаш не ми паднале на памет.

Си реков, колку би било убаво да поработам на себе со помош на coach за посебни родители. И побарав на интернет, но не можев да најдам. Официјално немаше никаде човек кој е специјализиран за работа со посебни родители. Тука почнав да чувствувам желба да почнам да работам со родители кои имаат искуство слично на моето зошто верував дека можам да им покажам како да дојдат до прифаќање и излез од негативните емоции. Истовремено се случија многу синхроницитети во тој период што е материјал за книга – толку е долго?.

intervju-so-maja-stojchevski-nashata-joana-fizichki-ne-e-vekje-megju-nas-no-ni-beshe-najgolem-uchitel-vo-zhivotot-06.jpg

Но, само кратко ќе кажам дека во тој период комуницирајќи со разни луѓе, почнав да добивам прашања во порака дали работам како life coach? Тогаш ја донесов одлуката. Ги започнав потребните обуки и работам со родители веќе година и пол.

Какво е досегашното искуство од овој тип на работа?

Имам многу успеси кои ги постигнав со моите клиенти и тоа ми дава мотивација и уште поголем елан за работа. Работам со родители од цел свет на македонски, југословенски (или како што моите клиенти од бившите Ју-простори велат “ма може и на нашем“) и на англиски.

Ова ќе го разбере секој кој го сака она што го работи – а тоа е дека исто ми е чувството и кога е недела вечер и кога е петок. Моите клиенти го чувствуваат ова и затоа ме ангажирале да работиме заедно.

Родителот кој изразува желба за coaching веќе е на извесен степен на личен раст и во голема мера се има освестено многу – како на пример важноста на грижата за себе. Тие знаат дека само среќен и задоволен родител му носи корист на своето дете. На крајот – пак сè се сведува дека делуваме секогаш за доброто на децата.

Ама многу е различно дали делуваме од позиција на немир, грижа и очај или од позиција на прифаќање, благодарност и внатрешен баланс.

Успешните приказни кои ги имам во моите досиеја не се должат исклучиво на мене, туку на сите тие прекрасни родители кои дошле спремни за трансформација и личен развој.

Кои се најчестите стравови на родителите на дечиња со посебни потреби?

Страв дали воопшто детето ќе преживее. Страв каква ќе му биде иднината? Страв дека премногу ќе страда и дека луѓето ќе не отфрлат. Што ќе се случи со моето дете ако мене ме нема? Дали направив сè што можев на време – или доцнам со многу работи?

На кој начин работите со родителите – дали постои некој посебен третман?

Родителот избира дали сака пакет од пет сесии или десет сесии. На самиот почеток дефинираме што точно родителот сака да постигне и на кој дел од својата личност сака да работи. Кои се најголемите предизвици околу посебното родителство кои сака да ги надмине?

Откако ќе поставиме цел која е мерлива, достижна и временски определена започнуваме со сесии. Понатаму со комбинација на разни coaching модели, техники и методи, како и поставување на специјално дизајнирани прашања се оди од сесија во сесија.

intervju-so-maja-stojchevski-nashata-joana-fizichki-ne-e-vekje-megju-nas-no-ni-beshe-najgolem-uchitel-vo-zhivotot-08.jpg

Клиентот е предизвикан да “одработи“ многу внатрешна работа, и добива многу алати и методи за постигнување поголема ефикасност и продуктивност  во текот на денот, фокусирање на сегашниот момент, односи со други луѓе, внатрешен баланс, самодоверба, фокус итн.

И самата сум во позиција на клиент – што значи работам со life coach скоро непрекинато во последниве две години. Сите што ме знаат подолго време сведочат за мојата лична трансформација.

Но, многу е важно да кажам дека не е нужно да имаш тренер за да почнеш да работиш на себе. Многу од личниот развој може да се постигне и сам – во денешно време има премногу ресурси кои помагаат во ова. Постојат прекрасни книги и полно YouTube видеа од кои може да се научи како. Со тренер трансформацијата е побрза и помали се шансите да се откажеш и да се вратиш на старите навики и шаблони.

На следната страна разговараме за тоа како најдобро родителите да се справат со осудувањата од општеството и од луѓето кои секојдневно прават да се чувствуваат непријатно...



Би можело да ве интересира:

Миро Кацаров за љубовта со Ивана: „Ни се случи љубов на прв поглед, по неколку месеци веќе почнавме ... „Ивана знае дека јас сум блесав и будала на свој начин, па не беше шокирана од з...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Елена Ристеска: „Има многу злоба меѓу народот, се штитам така што никој не знае каде сум и што права... „Почесто плачам од радост, отколку од тага. Емотивна сум за блиски луѓе, за...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg