Александра од Охрид, хуманитарка во конфликтни зони: „Не можеме сите да ги спасиме – страдањата кои сум ги видела не ми се бришат од сеќавања“

Во твојата професија си се сретнала со поголем број луѓе, меѓу кои и со младите амбасадорки на ОН. Кои од овие личности си имала можност да ги запознаеш лично и кои ти оставиле најголем впечаток?

Сите добро знаат за хуманитарната работа на Анџелина Џоли, па имав прилика да присуствувам кога ја посети нашата канцеларија додека работев во Њујорк во март 2019-тата година.

Таа ни говореше за важноста на вклучувањето на маргинилизираните групи во постигнувањето на мирот, како жените и бегалците. Жените имаат мошне важни улоги во зоните на конфликт затоа што тие најчесто се оние што се грижат за куќата, за семејството и за другите.

Џоли кон нас беше мошне љубезна и ги сподели со нас приказните за жените и бегалците што ги сретнала за време на нејзините теренски мисии.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-12.jpg

Иако не сум имала можност лично да се запознаам со Малала Јусуфзаи, од она што го знам за неа е дека нејзината глобална улога како адвокат за правата на жените и на девојчињата лично ја чинеше многу, особено на многу млада возраст.

Од разговорите со луѓето што работеле со неа знам дека е мошне тешко за неа постојано да биде во фокусот на јавноста на толку мала возраст, особено ако се земе предвид дека доаѓа од култура каде жените вообичаено остануваат во заднина.

Имав прилика да соработувам и со генералниот секретар на ОН за млади Јајатма Викраманајаке, која ја посети Сомалија во февруари 2018-тата година. За Јајатма можам да кажам дека е неверојатно скромна и приземна. На само 26 години, во 2017-тата била избрана за најмлад амбасадор на ОН досега.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-07.jpg

Да имаш можност да направиш само една добра и голема промена во светот – што би било тоа? И зошто?

Кога би имала можност да направам само една голема промена во светот тоа е воведување на бесплатно образование и здравствена заштита за сите.

Пристапот до образованието и до здравствената заштита во голема мера ќе го олесни животот и ќе биде клучно за решавање на состојбите со сиромаштијата и економските проблеми.

Ако семејствата не мора да ги испраќаат децата на работа наместо во училиште, ако сопружниците не треба да го продаваат имотот и сè што поседуваат за да може да ги платат третманите за некои членови на семејството, луѓето би можеле во целост да го искористат сопствениот потенцијал.

Бесплатното образование и здравствено осигурување ќе им овозможат на луѓето да одлучат што сакаат да прават со сопствените животи.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-10.jpg

Кога не би се занимавала со оваа професија, што би избрала? Имаш ли некои други амбиции во однос на кариерата?

Би сакала да сум новинарка, да имам можност да известувам од земјите каде што сум била и да го кажам тоа што го гледам и што го откривам.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-15.jpg

Кога би можела да избереш каде ќе биде твојата следна мисија, која земја би ја избрала и зошто?

Кога бев во Њујорк, сакав да одам во Ирак, значи тоа го реализирав... Да бев сè уште сама и да немав партнер, најверојатно би ја избрала Либија.

Земјата има напредувано многу во изминатата година со политички договор помеѓу страните на конфликтот, но дури сега таму ќе треба многу да се работи за да се изгради и лекува државата. Од една страна има нестабилност, но има и надеж и волја за напредок.

Други држави што на сличен начин би ми биле привлечни се Сирија и Јемен, но да бидам реална, не сметам дека страните на конфликтот во тие држави имаат интерес за напредок во блиска иднина, сконцентрирани се на своите интереси и немаат желба да стават крај на насилството.

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-stradanjata-koi-sum-gi-videla-ne-mi-se-16.jpg

Имајќи предвид што се имаш видено низ светот, како ја доживуваш Македонија како земја и место за живот?

Искрено, на ова прашање и не знам точно како да одговорам затоа што Македонија не ја гледам како другите земји што ги посетувам. Македонија секогаш си има свој посебен „статус“ и ми е мошне важна и секогаш ќе биде местото каде што е моето срце.

Но, мора да признаам дека имам мошне комплицирана врска со мојот роден крај. Кога си заминавме со семејството во Швајцарија и ја напуштивме Македонија, јас бев многу мала и многу ми беше тешко во новата средина и секогаш едвај чекав да си дојдеме дома во лето, па на крајот од летото многу плачев...

Бев дете и не разбирав зошто е такава ситуацијата, зошто си одиме, зошто се преселивме во Швајцарија!?

Значи од една страна Македонија ја поврзувам со многу голема болка, особено со членови од семејството што починаа кога бев во Швајцарија и со кои не можев да поминам доволно време заедно. Тоа и до ден денес ми тежи.

Од друга страна мошне тешко ми е да им ја објаснувам мојата професија на роднини и пријатели во Македонија. Помладите што се заинтересирани за состојбите во светот мислат дека е „кул“ и интересно тоа што го правам, ама семејството има поинаква гледна точка на мојот необичен живот.

Како што растам, ми се чини дека сè повеќе и повеќе би можела да си ја замислам како добро место за живот. Би сакала да ја запознаам целата наша богата историја и можеби би сакала да живеам неколку месеци на село (можеби со баба ми во Песочани) затоа што сметам дека има многу богатство и мудрост во таквиот „едноставен“ начин на живот.

А и партнерот се заинтересира за живот во Охрид. Ќе видиме...

aleksandra-od-ohrid-humanitarka-vo-konfliktni-zoni-ne-mozheme-site-da-gi-spasime-11.jpg

Кога би имала можност да избереш една земја каде што конечно ќе се сместиш која би била таа?

Ова прашање е мошне тешко и веќе подолго време го дискутираме со партнерот. Ние се свршивме во декември, но одамна ја водиме дискусијата за тоа каде конечно ќе се сместиме. Тој има потекло од Мексико, но и од Русија и Хрватска, a живее во Њујорк.

Неговите родители живеат во Тексас, а моите во Швајцарија, дополнително, моето поблиско семејство е во Македонија, неговото во Мексико...

Значи навистина имаме проблем – се обидуваме да ја отплеткаме ситуацијата, за никој да не остане во неповолна положба.

Засега планираме да се вратиме во Њујорк, па потоа најверојатно ќе се сместиме некаде во Европа, постои можност тоа да биде и Македонија, затоа што партнерот тука се чувствуваше како дома, а и многу му се допадна македонската храна.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Б. С. Б. | Црнобело



Би можело да ве интересира:

Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Бобан Алексов живее 6 години во Данска: „Заминав 'на слепо', работа најдов случајно на Фејсбук, живо... Боби Алексов (37) од Скопје, 6 години живее во Оденсе, Данска. За себе вели дека...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Хелена Роза по 4 години се врати од Нов Зеланд: „Заминав на 39 години, завршив факултет и сега со со... „2022 ми беше една од најубавите години - конечно зедов дозвола за возење мотор ...
Васка Леонтиќ: „Забременив со ин витро, сама станав мајка на 48 години, мојата ќерка (5) знае сè за ... „Никогаш не размислував за тоа што ќе зборуваат другите за тоа дека забременив с...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg